.Фатмир Битиќи од СДСМ пред седницата на Извршниот совет на партијата истакна дека ќе треба да се подготват за поднесената иницијатива за недоверба на Владата што е закажана за в четврток.
„Мора да се подготвиме за четврток, затоа што пред нас имаме големи економски и социјални предизвици за кои мислам дека денеска ќе расправаме и ќе видиме кое е најдоброто решение", истакна Битиќи.
Битиќи смета дека има и поважни теми од оставката на премиерот Зоран Заев.
„Сметам дека тоа е демократски чин, треба да се навикнеме на такви демократски акти, но тоа не значи дека не ни треба премиерот Заев. Проценувам дека на општеството му треба сега и му треба лидерство со власта. Не знам дали денеска ќе разговараме за оставката. Мислам дека има поважни теми, како што се енергетската криза, економската криза и пандемијата", порача Битиќи.
Во седиштето на партијата пристигнаa и Оливер Спасовски.
Спасовски посочи дека ќе се разговара за сите аспекти кои што се во делот на актуелната политичка ситуација.
Во новинарско прашање околу тоа дали смета дека премиерот Заев треба да си поднесе оставка, Спасовски истакна дека тоа ќе го каже на Централниот одбор.
Претходните денови СДСМ извести дека водат секојдневни консултации и работни средби со коалиционите партнери на парламентарното мнозинство и во рамките на највисокото раководство на партијата.
Според најавите од партијата главни теми на седниците се очекува да бидат оставка на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, анализа на изборните резултати и последните случувања на политичката сцена по поднесената иницијатива за доверба на Владата.