На Самитот во Загреб

Спасовски: Подготвени сме да го отпочнеме преговарачкиот процес согласно новата методологија

Премиерот Оливер Спасовски на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан им порача на лидерите на ЕУ дека сме подготвени за следните чекори и, како што рече, ќе работиме посветено со Комисијата и ЕУ Советот што поскоро да ја закажеме Првата меѓувладина конференција која ќе го означи практичниот дел од преговарачкиот процес согласно со новата методологија.

„Би сакал во оваа прилика уште еднаш да ве уверам дека Северна Македонија ќе остане посветена на фундаменталните реформи и ќе продолжи да придонесува за Европската безбедност. Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија се нашиот влог во идната заедничка европска иднина при што ќе биде од исклучително значење да продолжиме да ги спроведуваме со добра волја подеднакво од наша страна како и од страна на засегнатите земји членки“, рече Спасовски.

Лидерите на земјите членки на ЕУ и лидерите на земјите од Западен Балкан на Самитот дискутираа за соработката за справување со ковид-19, за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, како и посветеноста на земјите од Западен Балкан на европските вредности и реформи.

Во контекст на пандемијата во изминатите месеци, Спасовски во обраќањето рече дека заразата сите заедно нè соочи со суров избор помеѓу животот и смртта на нашите граѓани и опстанокот на нашите економии. Според него, Загрепскиот самит се случува во вистинско време, кога Европа најпосле забележува намалување на ширењето на заразата и олабавување на рестриктивните мерки.

„За момент можеме да здивнеме и да ги направиме првите биланси, но и да поразговараме за идните очекувања и заеднички чекори. Сакам да изразам искрена благодарност до нашите хрватски пријатели, лидерите на ЕУ институциите и лидерите на земјите членки на ЕУ за можноста да го одржиме овој самит макар и во видеоконференциска форма, што стана наша секојдневна реалност. Овој загрепски самит е симболичен бидејќи точно пред 20 години, исто така, во Загреб беше одржан првиот од серијата самити на кои се отвори европската перспектива за земјите од регионот“, рече Спасовски.

Според него, новиот коронавирус предизвика пустош и нè соочи со несогледливи предизвици, но јасно покажа дека европскиот континент има заедничка судбина. Начинот на справување со заразата, како што рече, покажа дека споделуваме иста административна култура и пракси но го подвлече и високото ниво на социоекономска меѓузависност помеѓу ЕУ и економиите на Западен Балкан, како и помеѓу земјите во самиот регион.

За најавениот Економски и Инвестициски план за Западен Балкан од страна на Европската комисија кој се планира да биде објавен наесен Спасовски истакна дека ќе биде од голема важност за поддршка на развојот на приватниот сектор, транспортното и енергетско поврзување, дигитализацијата, зелената агенда и социјалните инвестиции во регионот на Западен Балкан.

„Подготвени сме од наша страна веднаш да ја информираме Комисијата за зрелите инфраструктурни проекти со регионална димензија кои се дел од нашите стратешки планови и да се обврземе да работиме заедно со вас за нивна реализација“, нагласи Спасовски.

Во обраќањето тој  издвои неколку проекти кои делумно веќе се планираат или спроведуваат: Проекти за транспортно поврзување со нашите соседи и тоа во железничкиот сообраќај со Бугарија и Албанија и автопатниот сообраќај со Косово; Енергетскиот гасен интерконектор со Грција; Развој на дигиталната економија и на зелениот раст и Поттик на трговијата и туризмот во регионот на Западен Балкан.

Според Спасовски, ковид-19 заканата ги натера на поблиска соработка и земјите во регионот на Западен Балкан кои воспоставија т.н. зелени коридори за непречено движење на примарните производи во регионот и следува нивно проширување и спојување со Европските коридори.

„Северна Македонија оваа година заедно со Бугарија заеднички претседава со Берлинскиот процес. Еден од нашите приоритети е продлабочување на инклузивната регионална економска интеграција и развивање заеднички регионален пазар врз основа на ЕУ законодавството и почитувајќи ги ЕУ заложбите кои ќе можат да го направат регионот поатрактивна инвестициска зона. Во таа насока, заедно со Регионалниот совет за соработка и Европската Комисија на Самитот во Софија наесен планираме да претставиме документ за натамошно развивање на регионалната економска интеграција“, соопшти Спасовски.

Премиерот Спасовски, заедно со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров учествуваше во работата на Самитот кој оваа година се одржува во организација на Хрватска, како актуелен претседавач на Европската Унија, а поради пандемијата со КОВИД-19 организиран е онлајн.

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе