Министерот за внатрешни работи на прес-конференција

Спасовски: По информацијата за можно бегство имаше прикриено полициско делување, но за следење на Мијалков МВР немаше наредба од Обвинителството

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес-конференција посочи дека МВР интензивно продолжува со потрагата по Сашо Мијалков и се прават информативни разговори со овој случај. Министерот Спасовски посочи дека вчера 10 лица и членови на семејството и обезбедувањето, а и други лица биле повикани на информативен разговор и запленети се телефони, документација и други предмети. По добиената информација за можно бегство на Мијалков кое било добиено од обвинителката Вилма Русковска, Спасовски вели дека веднаш биле ангажирани полициски службеници и дека имало прикриено полициско делување, но за следење на Мијалков МВР немало добиено наредба од Обвинителството. 

„Дозволете ми пред се, најкатегорично да ги отфрлам сите шпекулации за било какви договори. МВР ги презеде сите расположиви мерки за обезбедувањето на лицето и активно работи на пронаоѓање на бегалецот и негово приведување пред правдата. За да бидат нештата појасни, ги презентирам пред вас и следните факти и информации кои укажуваат на хронологијата на настаните“, рече Спасовски и ја презентираше хронологијата од добиената информација до моментот на информацијата дека Мијалков го нема. 

Хронологија на настаните според МВР:

-Во саботата околу 12.30 часот добив повик од обвинителката Вилма Рускоска и ми рече дека имала сознанија дека првообвинетиот во случајот „Таргет-Тврдина" Сашо Мијалков подготвува бегство. Иако доколку имала сознанија можела да се обртати до судот, сепак се договоривме да прати писмено известување до МВР за да се провери дали нашите служби имаат такви сознанија.

-Во 17 часот од ОЈО за ГОКК добивме известување во кое стои дека обвинителката Рускоска располага со информации дека Мијалков се подготвува да избега преку зелената граница поради најавите за добивање поголема затворска казна од посакуваната. По добиеното известување, постапено е и во 23 часот вратено е известување до Обвинителството.

-Во меѓувреме, во 22.30 часот издадена е наредба за полициско делување на улици и објекти за 24 часовен надзор за што е изготвен план за прикриено полициско делување и ангажирани се тимови со полициски службеници. Потенцирам прикриено полициско делување што е дозволено со закон, но не следење на лице, што не може да се направи без судска наредба.

-Во неделата околу 11 часот директорот на БЈБ добива повик од Обвинителството, а потоа и барање за појаснување и дополнителни информации, на што е одговорено дека нема дополнителни информации. Издадени се насоки да се ангажираат дополнителни служби низ град Скопје, посебно излезните точки од градот.

-Околу 14.40 часот од правец на МЕПСО кон хотел Мериот е забележан Мијалков со едно женско лице и три машки лица, по што влегуваат во подземните гаражи.

-Околу 15.05 часот забележан е излез на три возила, но не можело да се утврди дали и Мијалков е во возилата, кои се упатуваат на ул. Славејко Арсов, која се наоѓа под ул. Тодор Александров. Во целиот овој период има поставено полициски тимови околу хотел Мериот и зградата на ул. Тодор Александров , како и на излезите од Скопје. По подигањето од Основен суд Скопје 1 на решението за куќен притвор за Мијалков, почната е процедурата за доставување.

-Околу 21.30 часот е утврдено дека Мијалков не е таму. Извршени се пребарувања на три стана, сопственост на Мијалкови, а потоа и на стан на ул,. Народен фронт", а преземмени се и други активности со цел пронаоѓање на лицето. Во текот на вчерашниот ден извршен е информативен разговор со 10 лица,а во текот на денешниот ден продолжуваме со сите расположливи мерки за пронаоѓање на лицето.

Министерот за внатрешни работи посочи дека ќе продолжи со сите расположиви законски средства да трага по бегалецот.

„Сите надлежни институции, согласно своите надлежности имаме таква обврска да го лоцираме и да постапиме по судската наредба.Целата држава го очекуваше ова детално објаснување, и ги охрабрувам и Јавното обвинителство и Судот да дадат јасни одговори на сите прашања за овој случај, бидејќи ваквите ситуации ја рушат довербата во системот која толку долго ја градиме. За оние што не постапиле соодветно, одговорност мора да има. Граѓаните бараат правда и правдата мора да се обезбеди“, додаде министерот Спасовски.

 

 Еврообврзница во услови на најголемата светска економска криза за репрограмирање на долгот и буџетска поддршка.

повеќе

Повикот на Заев за „Влада за национален спас“ само три дена откако неговиот кабинет ја доби собраниската доверба, покажува дека таа тешко би се качила над сегашните 62 пратеници.

повеќе

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе