„Според сите наши анализи и според информациите со кои располага Министерството за внатрешни работи, сметаме дека Сашо Мијалков сѐ уште е во државата и дека не ги напуштил границите. Се разбира не знаеме каде тој точно се наоѓа, инаку веќе би бил во притвор. Но, уверени сме дека тој е во државата и се работи на негово пронаоѓање и приведување, изјави министерот Спасовски.
Тој додаде дека постоел визуелен контакт со Мијалков.
„Визуелниот контакт е остварен на влезот на хотелот „Мериот“ и во подземните гаражи околу 14.30 часот, и тоа врз основа на полициските активности и набљудувањето. Потоа се оди на други локации, односно по трасата на движење. Други информации исто така имаме, но не смеам да ги споделам со јавноста, за време на истражните дејствија. Се повикуваат на разговори лица кои имале контакти со Мијалков, најдени се определени предмети кои би можеле да ни дадат соодветни информации. Постапката се води на соодветен начин“, изјави министерот.
На прашањето дали е побарано блокирање на сметките на Мијалков, Спасовски рече дека МВР не бара ниту одобрува замрзнување на сметки, не може ни да ги гледа ни да ги следи. Но, рече Спасовски, криминално стекнатиот имот треба да се конфискува.
На прашањето колку државјанства има Мијалков, министерот Спасовски рече дека тој нема двојно државјанство и повтори дека нема побарано азил во друга држава имајќи предвид дека сознанијата на МВР се дека тој се наоѓа во државата. Спасовски потврди дека е извршен увид и во камерите на граничните премини.