Спасовски: Истражните органи нека проверат, не бегам ако сум одговорен за пасошката криза

Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска ги повика истражните органи да утврдат дали одговорноста за пасошката криза е негова откако минатата недела техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев поднесе кривична пријава за незаконска јавна набавка на обрасците за лични документи.

Чулев минатата недела го обвини Спасовски дека четири години не презел мерки за набавка на обрасци за лични документи и наместо со нов договор, набавките ги решавал со анекси на стариот договор со компанијата „Веридос“, па договорот од 7,2 милиони евра, со анексите се искачил на 12,8 милиони евра.

„Јас сум тука, истражни органи има, слободно нека ги проверат сите аспекти, не бегам од одговорноста ако е моја“, изјави Спасовски.

На денешната прес-конференција, Спасовски рече дека во Владата се размислува во повеќе насоки во однос на пасошите, а деталите ќе се објават кога ќе биде извесно решението односно кога ќе има одржливо решение.

Во однос на едно од можните решенија, што вчера ги најави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, државата да испрати дипломатски ноти до сите други земји за да се продолжи рокот на оние пасоши чија важност истекла и за оние кои во меѓувреме ќе им престане рокот на важење, Спасовки нагласи дека ако тоа е решение, очекувал Чулев да го достави до Владата.

За Спасовски, ставот на Чулев дека во Владата недостасува политичка волја да се реши прашањето со пасошите, е најблаго речено, несреќна изјава што може да биде дадена.

Според него, оваа Влада функционира веќе месец и пол, а само пред една недела добила информација дека има проблем со издавање на пасошите. Проблемот, истакна, е некаде на друго место, меѓутоа се бара одредено решение за кое се надева дека ќе биде најдено.

„Пред една недела беше доставена информација до Владата во однос на состојбата со пасошите. Мислам дека подоброто менаџирање, начинот на функционирање внатре во институцијата, повеќе занимавање со суштински работи отколку со неважни прашања, немаше да доведе до една ваква криза“, изјави Спасовски.

На барање на новинарите да одговори кој е надлежен за јавните набавки во МВР, каде може да се лоцира одговорноста за пасошите, кои служби затаиле во набавката на обрасците, Спасовски одговори дека за функционирањето внатре во МВР надлежен е министерот, а секако има механизми и начини да се утврди кој има, ако има одговорност.

Спасовски на новинарите им рече дека не е благодарно тој да одговора на сите нивни прашања за обрасците за пасоши и ако бил на местото министер во МВР ќе одговорел, но сега, рече, има министер да одговори зошто не е направена нарачката во МВР.

„Сум имал и јас такви ситуации неколку пати во целиот тој период, но немаше проблем во јавноста во делот на пасошите или во делот на издавање на други лични документи“, изјави Спасовски.

Тој појасни дека нарачките на обрасци за патни исправи се прават секоја година врз основа на постојана анализа за фреквенцијата односно за нивното побарување и потрошеноста. На прашање на новинарите кога тој ја има направено последната нарачка на обрасци за патни исправи, Спасовски рече дека во моментот не знае, но за тоа има документи во МВР.

 

Кога кризата со коронавирусот ќе заврши, светот повеќе нема да биде ист, концептот на неолиберализмот ќе биде редизајниран.

повеќе

Благодарејќи на коронавирусот, граѓаните го видоа вистинското лице на  оваа натприродна организација, наречена државна администрација. Алчна, себична, несолидарна, нечувствителна.

повеќе

Солидарноста е единствениот начин за надминување на оваа криза.

повеќе