По лидерската средба

Спасовски: Ако Владата не побара продолжување на вонредната состојба, роковите за изборниот процес продолжуваат

Премиерот Оливер Спасовски вчера информира дека Владата прави анализи на сето она што е преземено досега во однос на прогласувањето на вонредната состојба во неколку сегменти и според движењето во тие сегменти ќе биде донесена одлука дали повторно ќе се побара нова вонредна состојба.

„Владата прави анализи, систематизира сѐ она што беше преземено во однос на прогласувањето на воредната состојба досега, анализите и во делот на здравствената криза, намалувањето на бројот на инфицирани од коронавирусот. Меѓутоа и импликациите врз економијата ќе бидат основа за тоа дали ќе се донесе одлука за нова вонредна состојба. Тоа ќе го имаме како можност за расправа пред Влада во наредните неколку дена и тогаш ќе ја донесеме одлуката дали ќе побараме повторно нова вонредна состојба во државата“, рече Спасовски.

Во моментот кога ќе престане вонредната состојба, треба да продолжат да течат роковите за изборните дејства, смета Спасовски.

„Што се однесува до уредбата или правниот механизам за изборите, таа е сосема јасна. Ние немавме друга правна можност за одложување на изборите, освен преку таа уредба да се стават во мирување сите изборни рокови“, рече Спасовски и потсети дека Државната изборна комисија е должна врз основа на пропишаните рокови во законот да ги спроведе изборите, и за тоа постојат рокови точно дефинирани како и на кој начин тоа се прави.

За него Државната изборна комисија е институција која спроведува изборни дејствија врз основа на одлуките кои ги носат институциите на системот. Тоа е Собранието и оние кои се надлежни за одржување на изборите. ДИК е должна врз основа на пропишаните рокови во законот да ги спроведе изборите. Спасовски додаде дека е јасно врз основа на уредбата донесена од Владата, дека ако за време на вонредната состојба се стопираат роковите, треба да се има предвид уставната норма, а тоа е дека изборите мора да се одржат во рок од 60 дена од распуштање на Собранието.

Владата со Уредба со законска сила, по прогласување на вонредната состојба поради коронавирусот, на 21 март и препорача на ДИК одложување на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април. Сега партиите бараат нов датум за избори по што би се конституирало најнапред Собранието, а потоа би се избрала и нова политичка влада. Собранието на Македонија се самораспушти на 16 февруари, а претходно беше формирана преодната, односно техничката влада според Пржинскиот модел којашто треба да ги организира и да ги спроведе изборите.

Претседатеlот на СДСМ Зоран Заев изјави дека нивен предлог било избори да има на 14 јуни и дека за време на разговорите биле проектирани одредени датуми за одржување на парламентарните избори, во зависност од тоа дали и за колку време би се продолжила вонредната состојба. Според него, сите се согласиле дека избори треба да има 22 дена по укинување на вонредната состојбата.

„Доколку теоретски нема трета вонредна состојба, значи дека изборите би биле на 8 јуни, ако се прогласи нова вонредна состојба од 30 дена изборите би биле на 7 јули, а ако се направи прогласување на вонредна состојба од две седмици тогаш изборите би биле на 21 јуни, а ако се прогласи вонредна состојба уште една седмица изборите би биле на 14 јуни. Така стојат правните аспекти за коишто се дискутираше на лидерската средба и немаше некои спротивставувања на правните аспекти“, истакна вчера Заев.

Ако се водиме од ставот дека здравјето на граѓаните е најважно, рече вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, тогаш за изборите треба да се консултираме најпрвин со Комисијата за заразни болести, а потоа со ДИК за времето неопходно да се спроведе овој фер и кредибилен изборен процес.

Мицкоски ја повторил неговата позиција, а тоа е дека не е важен изборниот процес, не се важни изборите, туку важно е пред и над сѐ здравјето на граѓаните, предложувајќи план во неколку чекори, во однос на тоа кога е најразумно да се одржат парламентарните избори. Втората работа која ја истакнал е консултација со ДИК за времето неопходно да се спроведе фер и кредибилен процес под услов првиот чекор да биде исполнет, но и да се оствари комуникација и контакт со ОБСЕ/ОДИХР во делот на организирање на набљудувачка мисија. Според  Мицкоски, откако ќе се исполнат овие константи, тогаш може да се зборува за прва возможна дата кога ќе се случат изборите.

Тој потсети дека Собранието се распушти 60 дена пред 12 април кога требаше да одржат предвремените парламентарни избори, што значи 60 дена техничката влада функционираше без вонредна состојба, без овие уредби и имаше основна цел да ги подготви изборите и истите да ги спроведе.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети по средбата потврди дека останува идната недела да има уште една средба за да се добијат потребните информации од соодветните надлежни институции и повторно лидерите да се соберат и да одлучат за наредниот датум за избори.

„Во воена состојба сме со невидлив непријател, во воена состојба збор имаат генералите, а во овој случај генералите се лекарите и епидемиолозите кои прават анализи и даваат препораки и за кои апелирам сите граѓани да ги почитуваат без разлика на нивната етничка припадност за да ја добиеме оваа глобална војна“, рече Ахмети.

За првиот човек на Алијансата за Албанците Зијадин Села, Република Северна Македонија не може да си дозволи да одржи избори без присуство на наблудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР. Пред новинарите Села, истакна дека на овој состанок опширно дискутирале за ситуација со ковид-19 и заедно се договориле датумот на изборите да го одредат со консензус.

Секој може да биде менаџер во „добри денови", но најчесто менаџерската работа не е за „добрите денови" туку постојан баланс помеѓу проблемите и можностите за оптимизирано управување на компанијата.

повеќе

Нека се соберат во Дојран, нека се договорат и нека нѐ известат. Сите други пак нека се спремаат за вистински избори во постпандемискиот период.

повеќе

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе