Најновите случувања во македонско-бугарските односи, искажаните официјални ставови и реакциите на двете страни ги потврдуваат претходните проценки на Советот на амбасадори дека односите меѓу двете соседни земји повторно се наоѓаат во деликатна фаза, соопшти Советот на амбасадори во својата реакција за последните состојби во македонско - бугарските односи.
Внатрешно-политичките, регионалните и пошироките меѓународни последици со евентуален континуитет на затегнати односи, и за Скопје и за Софија, можат да бидат мошне сериозни!
„Советот на амбасадори на Република Северна Македонија влогот се европската перспектива и динамизирањето на домашните повеќеслојни реформски процеси, без кои не можеме да се доближиме до нивото на високите стандарди и критериуми на Европската Унија и на другите развиени демократски општества во светот“, се вели во соопштението на Советот.
Советот на амбасадори нагласува дека е „свесен ако, историјата, во одредени фази разделува, иднината мора да обединува, да нѐ прави, нас соседите, посилни, солидарни и што е најважно, подобри за сопствените граѓани!
Советот нагласува дека историската наука го дала својот збор за состојбите во Македонија од 1941 -1944 година.Тргнувајќи од тоа и потпирајќи се на несоборливите факти, политиката би требала да се бави само со сегашноста и иднината.Секоја интервенција на минатото може да биде погубна и погрешно да се истолкува со несогледливи последици.
Советот на амбасадори очекува многу поголемо внимание во јавната комуникација од носителите на највисоките и најодговорните државни и политички функции во двете земји и високо познавање и одговорност во јавните настапи за историските процеси и архивските документи, во што гледаме перспективи за соработка во рамките на големото, развиено и демократско семејство на членките на ЕУ. Во овој контекст уште еднаш нагласуваме дека историските настани не треба и не може да се прекројуваат, а иднината на која и да е земја, за која нејзините граѓани плебисцитарно се определиле, не смее да се попречува!
Советот на амбасадори верува дека нашиот источен сосед ке ја препознае неминовноста, декларациите, меморандумите и другите документи, да се трансформираат низ постапка со многу посилно изразена политичка волја за солидарност и отворена поддршка на европските перспективи на Република Северна Македонија. Тоа е заеднички интерес и императив за побрз напредок на регионот кон безбеден и стабилен амбиент.
Советот на амбасадори оценува дека гаранција за стабилен и безбеден амбиент на регионот ќе претставува суштинската поддршка на Република Северна Македонија од страна на сите земји членки на ЕУ, којашто ќе резултира со одржување на меѓувладината седница ЕУ-МК до крајот на оваа година, со што ќе биде означен почеток на преговорите за наше полноправно членство.