Пред посетата на Петков

Софија-Скопје: нов пристап, стари позиции

Пред посетата на бугарскиот премиер иКрил Петков на Македонија на 18 јануари официјална Софија најавува нов пристап во односите со земјава, но останува на старите позиции, а од друга страна македонските власти, како што изјавија повеќе пати, очекуваат конструктивни разговори и брзо деблокирање на евроинтегративниот процес.

Во најавата на Петков за посета на Македонија, тој рече дека ставот на Бугарија за преговарачкиот процес со Македонија е зачуван токму онака како што е договорено во коалицискиот договор меѓу партиите во владејачката коалиција. Ставот е ист, вели тој, но Владата во Софија го надградува со пет посебни различни комисии за надградба на овие односи.

„Со одењето на разговори на 18 јануари покажуваме дека добрососедството е фундаментален принцип на нашите односи со Република Северна Македонија. Се надевам дека нашата Влада ќе ја покаже разликата меѓу добрите планови и постигнатите резултати“, рече Петков во Народното собрание, одговарајќи на пратеничко прашање од Екатерина Захариева.

Петков се очекува да биде првиот странски лидер со кој ќе има средба мандатарот за состав на новата Влада и иден премиер Димитар Ковачевски, која се очекува да биде избрана во Собранието најдоцна до 17 јануари.

Претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера изјави дека не очекува поместување во однос на македонско-бугарските односи по најавениот нов пристап од Софија и побара дипломатска акција од европските партнери за земјата да ги почне преговорите со ЕУ.

„Заднината на проблемот е Резолуцијата во бугарскиот Парламент што впрочем го потврди и претседателот Радев. И ги искара министрите во новата Влада на Петков да не попуштаат во барањата. Тоа е доволно јака порака и силна порака. Сѐ додека оваа Резолуција е во функција, сѐ додека оваа Резолуција има сила на закон ние ќе бидеме подложни на уцени од страна на нашиот источен сосед, хегемонистички барања од пред неколку векови наместо заедно да градиме иднина и да гледаме неколку векови напред. Жалам што тоа се случува во современа Европа во 21 век и барам од нашите европски партнери жестоко да реагираат и робусна дипломатска акција врз нашиот источен сосед и конечно да му дозволат на народот на Македонија да ги почне долгоочекуваните преговори за полноправно членство во ЕУ“, изјави Мицкоски.

Тој го оспорува и легитимитетот на Ковачевски како мандатар и иден премиер, да преговара од името на македонскиот народ за неговиот идентитет. Според него, ВМРО-ДПМНЕ е најголемата политичка партија во земјава и очекува да се слушне нивниот глас.

Од друга страна, Едвард Џозеф, предавач на Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон оценува дека ЕУ не прави ништо и со тоа ѝ дозволува на Бугарија, која секако не е меѓу најмоќните членки, да го спречи официјално Скопје да преговара со Брисел. Тој во интервјуто за Радио Слободна Европа на прашањето дали постои замор од проширувањето во ЕУ одговара потврдно и појаснува зошто е тоа голем проблем.

„Заморот од проширувањето е голем проблем затоа што тоа е подарок за српскиот претседател Александар Вучиќ, кој на гласачите може да им го претстави како несериозност и незаинтересираност на европските партнери, да укаже на пример на Северна Македонија, која е блокирана од Бугарија на патот кон ЕУ. Унијата не прави ништо, како и Германија за време на нејзиното претседавање, со што ѝ дозволува на Бугарија, која секако не е меѓу најмоќните членки, да го спречи официјално Скопје да преговара со Брисел. Вучиќ може да каже дека Северна Македонија дури и го смени името за да го деблокира патот за евроатлантска интеграција, а официјална Софија сега го кочи. Во право е и Вучиќ кога го тврди тоа. Прашањето е како да се реши овој проблем?“, наведува Џозеф.

Професорот по културна антропологија на Универзитетот во Софија, Ивајло Дичев, пак, во врска со ветувањата на новата проевропска влада во Софија дека ќе најде начин да го надмине ќорсокакот поради ветото за отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, ги одмерува шансите за компромис. Дичев, во анализа за Дојче Веле оценува дека не постои рационално објаснување за бугарското вето за отворањето пристапни преговори на Северна Македонија.

„Националистите во  претходната влада едноставно сакаа да си ја зголемат популарноста. Но од каде тој ентузијастички консензус? Се чини дека Бугарите очекуваа дека Македонците, сега ‘ослободени‘ од српската хегемонија, ќе им се вратат, и затоа беа разочарани кога открија дека нивните соседи развиле сопствен солиден национален идентитет“, вели Дичев.

Тој објаснува и дека грчкото одбивање да го прифатат името на новата држава веројатно го нахрани и бугарското национално его. Но, за разлика од Атина која на Скопје му претстави јасни услови, денешниот бугарски бес, вели, се чини неодреден и нелогичен. Тој претставува опасен преседан кој, според него, несомнено ќе биде искористен и во „контроверзите меѓу Србите и Косоварите, Полјаците и Украинците и сите други земји со различни погледи на нивната заедничка историја".

„Надежите на Северна Македонија дека ЕУ ќе ја принуди Бугарија да го тргне ветото се претерани: Франција се залага за продлабочување на Унијата пред натамошното проширување, додека екстремно десните партии се скептични за приемот на нови членки со големо муслиманско население – како Северна Македониј“а, оценува Дичев во анализата во која се наведени кои се нелогичностите и слабостите на секое од бугарските барања во однос на С Македонија.

Бугарскиот претседател Румен Радев, завчера ги повтори условите кои треба да ги исполни Скопје за отворање на преговорите со ЕУ – спроведување на билатералниот договор и решавање на сите отворени прашања, како што се „гарантирањето на уставните гаранции за правата на македонските Бугари, откажувањето од говорот на омраза, завршувањето на процесите на дебугаризација и на фалсификувањето на нашето милениумско културно-историско наследство“.

Тој за в понеделник свика состанок на Советодавниот совет за национална безбедност, на кој ќе се расправа за ставовите и следните чекори за С Македонија. Темата на разговори е насловена како „Интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Улогата на Бугарија во проширувањето на ЕУ и во процесот на стабилизација и асоцијација: Република Северна Македонија и Албанија“.

Претседателот Стево Пендаровски уверува дека Македонија останува фокусирана на европската агенда и е подготвена за дијалог со Република Бугарија во насока на надминување на постојната состојба.

Тој на средба завчера со евроамбасадорот Дејвид Гир разговарале за политичките случувања во земјава во пресрет на формирањето на новата влада, како и очекувањата и можностите за напредок во однос на европските перспективи. Претседателот притоа констатирал дека валоризирањето на напредокот на нашата држава и почетокот на пристапните преговори, согласно препораките на Европската Комисија, ќе претставува дополнителен поттик за реформските процеси, посебно во клучните сфери како борбата против високата корупција и владеењето на правото.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи минатата недела најави дека земјава очекува конструктивни разговори со новата бугарска Влада и брзо деблокирање на евроинтегративниот процес.

„Важно е да се врати довербата и да се разговара за суштинските прашања кои се на маса“, порача Османи, нагласувајќи дека проширувањето на ЕУ не е само од интерес за земјава, туку и стратешко геополитичко прашање за Унијата.

Тој најави и конкретизирање на комуникацијата со Франција, како актуелен претседавач со Унијата, по формирањето на новата Влада во земјава.

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе