Од бугарска страна на состанокот учествуваа Борислав Сандов – вицепремиер за климатски политики и министер за животна средина и води, Калина Константинова – вицепремиер за ефективно владеење, како и Божидар Бојанов – министер за е-влада и Борислав Ганчев – заменик министер за правда. Од македонска страна, пак, на состанокот беа Бојан Маричиќ – вицепремиер за европски прашања, Славица Грковска – вицепремиерка за политики за добро владеење, Насер Нуредини – министер за животна средина и просторно планирање и Адмирим Алити – министер за информатичко општество и администрација.
Како што јави МИА од Софија, бугарскиот вицепремиер Сандов, поздравувајќи ја македонската делегација порача дека двете страни го продолжуваат дијалогот заснован на принципот на добрососедски односи, што е гаранција за развој на соработката меѓу нашите земји. За прашањата за животната средина, тој рече дека современото општество е особено чувствително на квалитетот на животот, што бара ефективна примена на високи еколошки стандарди и здрава животна средина.
„На овој начин ќе гарантираме просперитет и консолидација на европската перспектива во нашиот регион. Затоа, ја потврдувам подготвеноста на Бугарија да сподели искуство во транспонирањето и спроведувањето на европското законодавство во областа на животната средина. Подготвени сме да ја дадеме нашата експертиза во претпристапниот процес на Република Северна Македонија во ЕУ, а особено во поглавјето Животна средина”, изјави Сандов.
За вицепремиерот Маричиќ, пак, оваа средба е доказ дека во услови на криза можеме да работиме заедно.
„Темите на работната средба ни се многу важни и јас сум оптимист за успехот на нашата заедничка работа”, истакна Маричиќ.
Вицепремиерките Константинова и Грковска разговараа за теми од соработката меѓу двете земји во насока на подобро владеење, а мнинистрите Бојанов и Алити за можностите за соработка во областа на кибер безбедноста и дигиталната трансформација.
На работната средба, министерите Сандов и Нуредини потпишаа програма за заеднички активности за 2022 – 2023 година. Станува збор за двегодишна програма за имплементација на договорот меѓу министерствата на Македонија и Бугарија за соработка во областа на животната средина и вода, потпишан во 2019 година.
Министерот Нуредини изјави дека Северна Македонија смета на помошта на Бугарија во преговарачкиот процес во областа на заштитата на животната средина.