Македонија-Бугарија

Софија го спроведе ветото, Германија остави простор за преговори до декември

Бугарија ја оствари заканата за вето блокирајќи го усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија и одржувањето на првата меѓувладина конференција на вчерашниот видео-конференциски состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ. Сепак, германското претседателство со Европската Унија и Европската комисија, потврдија дека ЕУ не се откажуваат од решение до крајот на оваа година.

Од Владата оценуваат дека одлуката на Бугарија не е во духот на добрососедството и Договоерот за пријателството, но најавуваат дека разговорите продолжуваат до изнаоѓање вин – вин решение во интерес на нашата европска иднина и во рамки  на позициите што ги има и  ги прокламира државата.

Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева по министерскиот состанок на прес-конференција изјави дека Бугарија во оваа фаза не може да ја поддржи преговарачката рамка со Македонија, затоа што предложениот нацрт не ги одразува бугарските барања и не може да биде поддржан во сегашната форма, изјави Захариева.

Бугарија инсистира да се утврдат три услови во преговарачката рамка со земјава и тоа „придржување кон формулацијата за јазикот од 1999 година, потврдена и со Договорот за пријателство и добрососедство, утврдување план за спроведување на Договорот од 2017 година и многу јасен и прецизен текст дека нема да има претензии за македонско малцинство во Бугарија“.

„Овие услови се уште не се вклучени во нацрт преговарачката рамка“, нагласи Захариева.

Според неа, треба да се вложат повеќе напори во преговорите, бидејќи, како што рече, „поентата на подготовката за членство е да се направи Унијата посилна“, рече Захариева. Засега Бугарија, рече таа, може да ја одобри само преговарачката рамка со Албанија затоа што земјата „ги исполнила повеќето услови поставени во март“.

Германскиот министер за Европа и претседавач со министерскиот состанок на ЕУ, Михаил Рот, по бугарската блокада порача дека ЕУ не се откажува да помогне да се надмине спорот помеѓу Скопје и Софија и до крајот на оваа година да се усвои преговарачката рамка, јави дописничката на МИА од Брисел.

„Минатата недела претседателството се обиде да ги приближи позициите, но не успеавме да ги убедиме да се согласат со преговарачката рамка. Во наредните денови или недели сигурно ќе се обидеме да го испратиме овој важен сигнал до Западниот Балкан, тоа ќе зависи од волјата на двете страни да се усогласат, не е се само во наши раце“, рече Рот.

Тој изрази задоволство што Бугарија и Северна Македонија продолжуваат да разговараат. За Германија како претседавач, рече министерот Рот, е важно да се биде од помош во потрагата по разумно решение. „Сакаме да го расчистиме патот што е можно повеќе, за да се одржи првата меѓувладина конференција“, рече Рот.

Потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчович, исто така потврди дека ЕУ не се откажува од решение до крајот на оваа година.

„Чувствуваме дека сме во последната линија за двете преговарачки рамки (со Албанија и  Македонија – н.з.) и ставање на процесите на цврста база, важно е да се удвојат напорите за решавање на споровите и да се изнајде договор за преговарачките рамки, сакаме одржување на првата Меѓувладина конференција што е можно побргу“, рече Шефчович.

Одлуката на Софија да блокира, од нашата Влада беше оценето како неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето, лоша порака за целиот регион и пораз за фундаменталните европски вредности и принципи.

„Задршката на Бугарија да ја одобри преговарачката рамка не е во духот на добрососедските односи. Ваквиот став на бугарската Влада е спротивен на членот 2 од Договорот за пријателство од 2017. Нашата позиција е јасна: ние сметаме дека европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања“, се наведува во реакцијата на Владата по состанокот на Советот на министри на Унијата.

Изразувајќи благодарност на зајакнатиот ангажман на германското претседателсто со ЕУ, како и на личниот ангажман на канцеларката на Германија, Ангела Меркел, од Владата најавуваат дека разговорите продолкжуваат до изнаоѓање вин – вин решение во интерес на нашата европска иднина.

Премиерот Зоран Заев во гостување на ТВ 21, оцени дека неусвојувањето на преговарачката рамка е најголем пораз за ЕУ. Вели дека блокадата од Бугарија лично му паднала тешко затоа што ни е нанесена голема неправда, изразувајќи уверување дека тоа, сепак, не е желба на бугарскиот народ и на премиерот Бојко Борисов. Разговорите рече продолжуваат до изнаоѓање решение, „а тоа е тие да водат грижа за нас и нашите позиции, ние да водиме грижа за нив и нивните позиции и низ духот на пријателството тоа да го постигнеме.“

„Секако тоа не е невозможно заради тоа што ние не сме многу далеку, работата е што изненадувачки се појавија вакви нови моменти кои што немам друго објаснување за мене освен дека близината на изборите во Бугарија се причината, но јас би дал шанса до самиот крај на можноста да се разговара за ова затоа што верувам дека сепак е можно да се постигне решение“, истакна Заев, изразувајќи надеж дека тоа ќе се случи до крајот на германското претседателство.

 Според шефот на дипломатијата, Бујар Османи, пропуштена е шансата за усогласување на преговарачката рамка, но следната е на состанокот на Советот за општи работи во декември. Тој нагласи дека никако не можеме да се откажеме, немаме алтернатива и оти разговорите продолжуваат уште од денеска со цел да најдеме начин да ги надминеме овие разлики во рамки  на позициите што ги има и  ги прокламира државата.

„Мислам дека постои простор, мислам дека Бугарија е свесна за штетата  што ја направи денеска и за сопствената позиција и за нашите односи  и за кередибилитетот на  ЕУ. Кредибилитетот на ЕУ  се  градеше со децении и инвестирано е премногу во тој кредибилитет за да може така лесно да се наруши. Мислам дека сега оваа ситуација ќе не доведе во позицији да  можеме да  рефлектираме сите за влогот и за последиците“, рече Османи. 

Од опозициските партии во земјава, пак, излегоа со став дека одговорноста за неуспехот да се усвои преговарачката рамка со ЕУ и блокадата на Бугарија е на македонската дипломатија. Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од вицепремиерот за европски прашања и поранешен шеф на дипломатијата Никола Димитров, во спротивно најави интерпелација за него во Парламентот.

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

повеќе

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе