Мандатот на пратеничката која ќе влезе на местото на Шахпаска ќе може да биде верификуван дури откако ќе биде избрана Комисијата за деловнички и мандато-имунитетски прашања. За ова, а и за другите 20 собраниски комисии сѐ уште нема договор меѓу пратеничките групи. Опозицијата веќе ги даде своите кандидати за претседатели на 8 собраниски комисии, но таков предлог сѐ уште нема од владеачкото мнозинство. Нова собраниска седница на која ќе се избираат претседателите и членовите на собраниските комисии сѐ уште не е закажана.
Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека очекува во текот на следните денови Собранието да направи верификација на мандатот на следниот пратеник на листата по Јагода Шахпаска, за коалицијата која има поддршка од 62 пратеника да биде целосно потврдена. Тој најави дека парламентот веројатно ќе го напуштат и други пратеници, бидејќи ќе добијат раководни позиции во извршната власт. Верувам дека стабилноста на парламентарното мнозинство низ добрите политики може само да расте, рече Заев.
Според договорениот принцип осум претседатели на собраниски комисии треба да бидат од СДСМ, осум од ВМРО ДПМНЕ, три од ДУИ и две места за Алијанса-Алтернатива.
Според собранискиот Деловник, на опозицијата ѝ припаѓаат претседателските места во Комисијата за финансирањеи буџет, како и во комисиите за надзор на разузнавачките служби и на мерките за следење на комуникациите.
„Се прават подготовки за новата собраниска седница на која ќе се изберат собраниските комисии. Не гледам никаков проблем и мислам дека тоа ќе се реши деновиве“, изјави вчера пратеникот Изет Меџити од ДУИ. Тој рече дека претседателот на Собранието ќе раководи со Уставната комисија, ДУИ ќе раководи и со Комисијата за здравство, а дилемата е дали ќе раководи и со Комисијата за европски прашања или со Комисијата за образование.