Даути рече дека Џафери, обидувајќи се да му одговори на пратеникот од нејзината партија Халил Снопче, само потврдил дека извршил попречување, односно откажувајќи го состанокот во Анкетната комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.
„Освен тоа, Џафери со изјавата откри уште нешто - клевета дека Снопче го обвинил дека тој некого штити. Но, потенцираме, Снопче не изјави такво нешто. Една народна поговорка вели 'не прашувај, самиот ќе си каже'. Бидејќи Џафери самиот ја отвори темата, цениме дека особено семејствата на десетиците починати луѓе заслужуваат да ја дознаат вистината - кого всушност крие и штити Талат Џафери“, рече Даути.
Таа нагласи дека Џафери барал пет дена однапред за процедурите, иако, како што додаде, токму Џафери е тој што седници закажува од денес за утре.
„Го прашуваме спикерот Џафери, зошто ниту тој, а ниту пак генералниот секретар, според процедурата, не одговорија на писменото барање на претседателот на Анкетната комисија Снопче? Бидејќи тој одлучи да го игнорира Снопче и бидејќи немаше можност со Џафери да се комуницира, дури отпосле беше закажан состанокот. Но, Џафери изјави и уште нешто, што е многу смешно, дека тој наводно не дозволува Собранието да се претвори во политички пазар. Па, целата јавност многу добро знае колку пати токму Талат Џафери оваа институција ја има претворено не само во пазар, туку и во политичко - селска меана“, рече Даути.
Според пратеничката, за првпат во Собранието се случува неговиот претседател да откаже ваков состанок, а притоа да каже дека бил Уставот прекршен, без да се слушне во што се состои прекршувањето.
Даути оцени дека кулминација на скандалозните изјави на Џафери се и заканите кон Мухаедин Бела дека тој може да си го загуби работното место во Армијата, иако тој користи парламентарен механизам во контекст на слободите и правата на секој граѓанин.
„Доста веќе со банални образложувања дека опозицијата ги политизира случаите и доста со закани кон граѓаните! Опозицијата и граѓаните бараат правда и ја бараат вистината. Политизацијата на институциите доведе до многу неправедности, десетици, стотици жртви, амнестии, прикривање и простување на криминалци“, рече на крајот од прес-конференцијата пратеничката Илире Даути.