Собранието едногласно го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО

Македонскиот парламент со 114 гласа „за“ го усвои Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.

Законот е со одложено дејство и ќе стапи во сила откако Шпанија ќе го ратификува Протоколот за нашето членство во НАТО.

Претходно, претседателот на Собранието Талат Џафери во својот говор истакна дека нашиот пат кон НАТО, гледан низ призмата на изминатите три децении, не беше ниту малку лесен и беше испреплетен со многу турбулентни моменти. Го честита скорото зачленување во НАТО, потенцирајќи на заложбите што низ годините ги дале владите, парламентите, но и граѓаните со својата континуирана поддршка за членството во НАТО.

„Започна во 1993 година, кога тогашното Собрание ја донесе „Одлуката за стапување во членство во Северноатлантската договорна организација – НАТО", со што недвосмислено и одлучно, пратениците како претставници на народот, ја искажаа својата решителност за членство во НАТО Алијансата, и го трасираа патот на тукушто осамостоената држава“, рече Џафери.

Потсети дека низ годините што следеа, Собранието донело четири декларации за поддршка и реафирмирање на интеграцијата на земјата во НАТО, со што повеќе собраниски состави покажаа доблест, решителност и висока државничка свест за позиционирање на државата во значајни, трајни и високо вреднувани меѓународни организации како што е НАТО Алијансата.

„И покрај нашиот неуспех тоа да го постигнеме на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, со добивањето условена покана за членство во Алијансата, иако разочарани, не бевме поколебани да продолжиме со остварувањето на нашата стратешка цел. Напротив, Собранието, Владата, Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана и сите други државни институции, продолжија многу трудољубиво и со многу голем ентузијазам, посветено да работат на реформската агенда поставена од НАТО“, рече претседателот на Собранието.

Евидентен пример за оваа дводецениска макотрпна работа, според него, се годишните национални планови и сојузништвото во мировните мисии на НАТО ширум светот, рамо до рамо со високо обучените и технолошки најразвиените армии на Алијансата, за што до ден денес нашите војници добиваат највисоки оценки за покажаната борбеност, подготвеност и дисциплинираност.

„Со ова, ние постигнавме win-win ситуација – ја подготвивме Армијата и државата според НАТО стандардите и ги исполнивме НАТО критериумите за членство“, рече Џафери.

Паралелно со процесите на владино ниво, потенцира првиот парламентарец, Собранието активно и координирано делува повеќе од 20 години и во парламентарната димензија на НАТО, преку нашите асоцијативни делегации во Парламентарното собрание на НАТО, како активен и ценет партнер во ова Собрание. Самото споменување на седумте Рос-Рот семинари што сме ги организирале во Република Северна Македонија и заедничката соработка во многу други активности со ПС на НАТО, доволно зборува за нашата иницијативност и подготвеност да одговориме на својата улога во ова меѓународно собрание како респектабилен партнер кој ги вреднува и промовира трајните и заеднички вредности на целата Северноатлантска Алијанса.

Искажа, како што кажа, особена гордост за работата на актуелното Собрание, за покажаната свест, државнички капацитет и грижа за иднината на нашите генерации, што успеа, надминувајќи ги сите сензитивни моменти, да го зацврсти столбот на нашата меѓународна позициoнираност – да не бидеме повеќе пред вратите на НАТО, туку заедно со нашите партнери, сите 29 земји-членки, на рамноправна основа да делуваме во рамките на Алијансата. Ги поздрави и упати, како што кажа, искрена почит и на сите досегашни парламентарни состави, на сите досегашни влади, на сите досегашни претседатели на државата, сите кои несебично, посветено и со ентузијазам го исполнуваа својот дел од задачата.

„Но најмногу од се, искрено сакам да изразам особена почит кон граѓаните на Република Северна Македонија, што во изминатите речиси три децении на нашата самостојност, непоколебливо покажуваа висок процент на поддршка на патот на нашата држава кон НАТО Алијансата. Наскоро, сите овие напори ќе добијат своја достојна валоризација и гордо ќе можеме да кажеме – Ние сме НАТО“, рече Џафери.

Претходно обраќања на свечената седница имаа претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Оливер Спасовски, координаторите на пратеничките партии и пратеници. 

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе