Правни дилеми

Собранието е конституирано и тече рокот за доделување на мандатот, тврди Дескоска

По дебатата во јавноста дали е конституирано Собранието и дали и од кога течат роковите за доделување на мандатот за формирање влада, се огласи министерката за правда Рената Дескоска која на својот Фејсбук профил порача дека Собранието е веќе конституирано на конститутивната седница и не може пратениците да имаат мандат во неконституирано Собрание.

Објаснувањето што го напиша Дескоска го пренесуваме во целост.

„Читам и слушам деновиве дебата дали било конституирано Собранието или не, дали течат рокови за доделување на мандатот или не, па се вадат примери од 2006, 2016 и сл.
Кога се прават паралели меѓу два случаи треба да се води сметка за правните акти кои важеле во времето на превземањето на дејствијата.
На првата слика е членот 9 од Деловникот донесен во 2002 година кој важел во 2006 година кога претседателот Бранко Црвенковски го доделил мандатот за состав на Влада на мандатарот Никола Груевски. На втората слика е членот 9 од Деловникот донесен во 2008 година, без учество на опозицијата, со едностран акт на владејачкото мнозинство, врз основа на кој е доделен мандатот во 2017.
Не треба посебна анализа за да се согледаат разликите меѓу двата текста: првиот, оној од 2002 година е појасен, попрецизен, подемократски и со пологични одредби. Вториот, насила донесен од страна на тогашната власт во 2008 година, создава дилеми и проблеми во примената, а главна цел му е да ја стави палката за водење на конститутивната седница во рацете на поранешниот претседател на Собранието.
Што содржеше одредбата од членот 9 од Деловникот во 2002, а што го нема во текстот од 2009:
- прво, ако поранешниот претседател на Собранието не свика конститутивна седница, пратениците сами се состануваат во 10 часот на 21-от ден од завршување на изборите
- второ, со конститутивната седница претседава најстариот по години присутен пратеник и
-трето, Собранието може да се конституира ако се верификуваат мандатите на 2/3 од вкупниот број пратеници.
Во 2006, кога претседателот Црвенковски го додели мандатот за состав на Влада, немаше никакви дилеми дека Собранието беше конституирано со верификацијата на 2/3 од мандатите на пратениците.
Деловникот на Собранието од 2008 година внесува чудна, ако не и апсурдна процедура на свикување на конститутивната седница ако тоа не го направи поранешниот претседател. Тогаш ‘стапува на сцена‘ најстариот пратеник, а ако и тој тоа не го направи седницата може да ја свика пратеникот кому му доаѓа ред согласно редоследот на годините. Апсурд! Колку јасна беше одредбата од 2002 - ако не ја свика седницата поранешниот претседател, тогаш пратениците сами се собираат во ден и време утврдени во Деловникот! Интересно е што новиот Деловник го користи терминот ‘претседателот во заминување‘? Што значи ова? Дали некој сакал да биде третиран како претседател на Собрание се до избор на новиот претседател?! Апсурди создадени од лични мотиви!
Понатаму во новиот текст стои одредба дека пратеникот што свикал седница претседава со неа. Со тоа практично се гарантира дека поранешниот претседател на Собранието ќе биде на пратеничка листа и дека тој ќе претседава со првата седница. Во спротивно ќе се создадат различни толкувања и дилеми во примената на одредбата. Што ако поранешниот претседател не е повеќе пратеник, а ја свикал седницата? Ќе толкуваат и ќе се натегаат тогаш кој да претседава?! Силен е впечатокот дека со ваквата одредба некој сакал да си создаде гаранција дека на претседателот на Собранието ќе му биде загарантирано место на кандидатските листи за пратеници на следните избори, за да ја има во свои раце диригентската палка на првата седница!
И во новиот текст на Деловникот недостасува одредбата дека Собранието се конституира ако се верификувани 2/3 од мандатите на пратениците.
Што можеме од ова да заклучиме?! Дека новиот текст на Деловникот од 2008 година е ретрограден, непрецизен и мотивиран од лични интереси на “владетелите” од тоа време! Собранието треба сериозно да го “препрочита” Деловникот и да донесе нов текст кој ќе ги отстрани ваквите небулози и ќе ги имплементира препораките од ад-хок комисијата за превенирање на ситуации како неуставното, незаконското и неделовничкото однесување претседателот на Собранието на 24 декември 2012, т.н. црн понеделник.
Што се однесува до толкувањето на Уставот и Деловникот околу различни прашања, за жал се покажува недостатокот на познавање на техниките и методите на толкување на правните норми од страна на многумина, вклучувајќи ги и правниците. Кога се толкуваат правните норми, најчесто правниците се држат до текстуалното толкување на нормите, запоставувајќи ги телеолошките и другите методи, а што е најстрашно исклучувајќи ја логиката генерално. Ќе ви дадам еден пример, вчера во стручна дебата се отворило прашањето дали претседателот на Собранието од претходниот состав (тоа е уставната формулација) Талат Џафери треба да потпише акт со кој ќе го застапува Собранието пред суд. Интересно е дека имаше ставови од правници дека тој мора да го потпише актот, бидејќи се уште се водел како потписник во Централен регистар! Замислете си г. Џафери да не беше пратеник, туку да си се беше вратил на своето претходно работно место и некој од собраниската служба да му дојде да потпише некој документ во име на Собрание, затоа што уште се водел како овластен потписник во Централен регистар?! Замислете некој утре од него да бара одговорност од него зашто пропуштил дејствие како овластен потписник?! Апсурд до апсурд! Во изминативе години како министер се соочив со многу апсурдни толкувања и примени на законите од страна на администрацијата! Време е сите тие закони кои создаваат нефункционални и апсурдни толкувања и пракси да ги менуваме! А тие се во сите области! Ни треба јасен, функционален и логичен систем! Но исто така ни треба правничко обрзование кое ќе ги учи идните правници како се толкуваат нормите, обрзование кое нема да ја занемарува логиката.
И на крај, да се вратам на почетното прашање: дали тече рокот од десет дена за доделување на мандатот за состав на Влада? Да. Мандатот на пратениците, согласно Уставот, тече од конститутивната седница. Не може пратениците да имаат мандат во неконституирано Собрание. Собранието е веќе конституирано на конститутивната седница“, напиша Дескоска.

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе

Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму Гоце Делчев во повод за поделби и омраза?

повеќе

Независна Македонија не може да се пофали со успешно менаџирање на етничките прашања, а првите „грешки“ се прават во првите денови од независноста.

повеќе