„ЦРВЕН КАРТОН ЗА УСТАВЕН СУД“

Со протест граѓаните бараа оставки од судиите што гласаа „за“ помилување осуденици за изборни измами (ФОТО)

Платформата „АЈДЕ“ заедно со неколку невладини организации и револтирани граѓани попладнево протестираа пред Уставниот суд, противејќи се на денешната одлука на петте судии кои гласаа „за“ иницијативата со која претседателот на државата може да помилува осуденици за изборни нерегуларности. 

 

Граѓаните прифаќањето на таквата иницијатива го сметаат за срамен чин, а Уставниот суд го окарактеризираа како соучесник во изборна криминализација. Па, пред објектот на судот се можеа да се слушнат силни свирежи, извици „Нема правда - нема мир“, „Судии мафија“, „Бандо криминална“, „Робија“...

Дел од граѓаните извадија и на Уставниот суд му дадоа „црвен картон“.

Беа истакнати и испечатени и имињата на петте судии кои ја одобрија промената на Законот за помилување. Насобраниот народ побара оставки од Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Миркудова, Јован Јосифовски.

Исто така, пред Судот симболично беше поставена и табла јајца со транспарент „За демократија се потребни јајца“. Дел од присутните фрлија јајца на фасадата на Уставен. 

„Уставниот суд денеска стана сојузник и одговорен за изборните измами кои се случуваат во оваа држава. Во суштина, власта призна дека правела криминал и мамела на изборите. Исто така, Уставниот суд ја презеде одговорноста за сето тоа. Она што може да го процениме од оваа срамна одлука денеска, освен тоа што очигледно дел од Уставниот суд е партизиран, се проценува и дека власта се плаши. Го признава својот криминал и бара начин да се извлече“, рече активистката Билјана Бејкова од платформата „АЈДЕ“.

Според активистот Павле Богоевски, штитејќи ја нивната слобода и криејќи ги од затвор, Уставниот суд донел одлука со која што овозможиле не само луѓето одговорни за изборни измами, туку и педофилите и дилерите на дрога да бидат помилувани. 

Од „АЈДЕ“ рекоа дека власта уште еднаш пожала дека за нив правниот систем е само алатка која им служи за заштита од правдата, а не за нејзино спроведување. Порачаа дека граѓаните нема да дозволат крадците на нивните животи, преку партиски узурпираниот Уставен суд да си ги спасат своите злосторничко-криминални „кожи“ од издржување на заслужените затворски казни.

„Нема да дозволиме повторно да си поигруваат со државните институции како да се нивен личен имот или партиски огранок. Во Македонија мора да се врати правдата, почитувањето на законите и пред се, почитувањето на Уставот“, порачаа од платформата „АЈДЕ“.

Инаку, Уставниот суд во рекордно брзо време ја разгледа и ја прифати иницијативата на адвокатот Ристо Китевски за преиспитување на уставноста на измените на Законот за помилување, поточно за забраната претседателот на државата да помилува лица осудени за изборни нерегуларности.

Многумина реагираат што оваа иницијатива дојде токму по отворањето на случајот „Титаник" од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во кој за злосторничко здружување и изборни манипулации се осомничени високи функционери на власта, меѓу кои и поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, генералниот секретар Кирил Божиновски и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко.

Б.Ш.

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе