Од Меѓаши велат дека Светскиот ден на детето треба да нè поттикне сите нас и инспирира за застапување, промовирање и спроведување на детските права, преточувајќи ги во дијалози и акции што ќе изградат подобар свет за децата.
Во рамките на настанот „Преосмисли ја иднината – Младински повик за акција", пак, денеска децата и младите ќе упатат Младински повик за акција и ќе разговараат со носителите на одлуки за следните чекори што треба да се преземат за да се преосмисли подобра иднина за секое дете.
Тројца млади говорници, на настанот кој е под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, ќе заземат централно место и ќе го претстават повикот за акција што се фокусира на три теми кои децата и младите од земјата ги издвоија како најважни за нив: квалитетно образование, животна средина и квалитетен живот.
Како што информираат од УНИЦЕФ, претседателот Пендаровски и претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани ќе се придружат со свој осврт и обраќање.
Во текот на средбата, носителите на одлуки, меѓу кои ќе има пратеници од Собранието, градоначалници, претставници на меѓународните организации и експерти, ќе имаат можност да слушнат повеќе од децата и младите и да се вклучат во подиректен разговор во мали групни дискусии кои ќе бидат водени од самите деца и млади. Тие, исто така, ќе имаат можност да разговараат за конкретни акции како одговор на предизвиците во секоја од трите теми.
Настанот е дел од целогодишната иницијатива на младински консултации „Преосмисли ја иднината" во која младите од целата земја ги споделија своите гледишта и идеи за решавање на најголемите предизвици што ги засегаат нивните животи и нивната иднина и ќе може да се проследи преку пренос во живо на социјалните мрежи на Unicef MK.