Не од аспект на тоа дека протестот не се одржа, напротив, туку зашто новинарите, медиумските работници, како и сите граѓани што сакаа да дадат поддршка, не добија пристап до Музејот на македонската борба, каде што беше закажан протестот. Цел коридор полицајци и специјалци го обезбедуваа објектот со жив штит, и покрај тоа што протестот беше најавен како мирен, како протест со молк, протест во црно. Буткање, негодување, извици...
Видно изреволтираните посетители, со палење свеќи пред нозете на полицијата, симболично ја погребаа слободата на говорот и демократијата.
„Селективната правда е најголема неправда“, „Пусто судско“, „Пуштете го Кежо, се колнеме ќе молчиме“, беа дел од натписите што можеа да се видат на протестот.
Во првите редови можеше да се забележи и сопругата на Кежаровски, Марина Кежаровска, на која, видно потресена поради забранетиот пристап до објектот, ѝ се слоши, па пријателите мораа накратко да ја потргнат настрана.
Инаку, новинарот Томислав Кежаровски, вработен во весникот „Нова Македонија“, завчера беше осуден на 4 години и шест месеци затвор поради напишан текст во кој наводно има објавено име на заштитен сведок.
Р.М.