Обраќање до јавноста

Со достоинство против неправдата, порача Перо Миленкоски, татко на дипломатот Миле Миленкоски

Перо Миленкоски, долгогодишен новинар и писател, сега навлезен кон деветата деценија од животот реши да ѝ се обрати на јавноста за да слушне каква неправда е сторена кон неговиот син, дипломатот Миле Миленкоски. Вели, да слушнат и министерот Бујар Османи, бројни политичари, но и институциите задолжени за правда. Наместо успешната кариерата да ја продолжи во Мисијата на Македонија во ОБСЕ, Миле Миленкоски доживеа да биде оцрнет како криминалец, да лежи во притвор, вели неговиот татко и додава, наместо извинување, исправање на неправдите, уште и отказ му е врачен во МНР.

 

Во продолжение го пренесуваме целото обраќање на Перо Миленковски:

Долго време се двоумев дали да ѝ се обратам на македонската јавност во врска со тоа што му се случи на мојот син, Миле Миленкоски. Влеговме во втората година од настаните кои беа многу актуелни во јавноста, а тие сé уште не се расветлени. Учествувале повеќе лица, а единствена жртва е мојот син Миле Миленкоски, дипломат со две магистратури и 23 годишно дипломатско искуство во МНР и во дипломатско-конзуларни претставништва во повеќе светски дестинации, испратен од четворица министри за надворешни работи и никој од нив немал забелешки за неговата работа, напротив напредувал во службата.

Се надевав дека македонските безбедносни служби, актуелниот министер за надворешни работи ќе ѝ погледнат на вистината в очи и ќе спречат да се случи една голема човечка неправда. Но какво разочарување: човечката злоба излезе посилна и од човештината и од правдата. Се случи човечка и семејна несреќа во два чина: наместо ослободителната пресуда на Судот во Ниш да биде крај на притворот во Врање и да ја продолжи дипломатската кариера во МНР, тој беше отпуштен од работа. Оставен без средства за егзистенција, сурово онеправдан, мојот син и натаму води битка против неправдата, а за правда.

Откако се уверив дека се работи за подмолна хајка против него, во која учествувале негови колеги дипломати, партиски моќници, претставници на некои безбедносни служби и длабоко загрижен за неговата судбина и за судбината на неговото семејство, при што не е на одмет да нагласам дека и неговата сопруга и двете деца се академски граѓани; гледајќи дека овој настан, покрај другото се заканува да ја наруши и неговата здравствена состојба; свесен дека како родител сум должен да сторам сé јавноста и надлежните органи да ја дознаат вистината и правдата да победи, а поттикнат меѓу другото и од новинарскиот немир и провокација (јас бев 30 години новинар-уредник во „Нова Македонија") решив на овој начин, како човек зачекорен кон 90-тата деценија од животот, да проговорам со единствена цел да ја анимирам македонската јавност, а посебно надлежните, повикани органи, да се вклучат во рамките на своите овластувања и обврски во расчистување на случајот. Многу од нив останаа пасивни, јавноста не реагираше речиси воопшто. Затаија и неговите колеги дипломати, а вистинските организатори и виновници и натаму „мува не ги лази".

Оркестрирани дезинформации и навреди

Голготата на мојот син почна на 26.08.2021 година. Тој ден тргнал од Виена, каде што почна неговиот четврт дипломатски мандат, како министер советник во Постојаната мисија на РСМ во Виена. Откако по неколку часовно чекање ја минал границата со Унгарија, го продолжил патот кон Скопје, со цел да заврши некои обврски поврзани со преселбата во Виена. Но српските службеници на граничниот премин Табановце-Прешево го спроведуваат во Врање, каде што пет месеци помина во екстрадициски притвор. Врање го напушти откако Апелациониот суд во Ниш го ослободи, без да го прифати барањето на Ерменија за негова екстрадиција. Судот утврди дека Миле немал никакво учество во преминот на ерменската граница на лицето Бранимир Димитриевиќ. Во Ерменија отпатувал со авион во организација на лице вработено во МНР, основач на невладина организација за помош на деца со аутизам, наречена Насмевка. Мислел дека патува со хумани, благородни цели. Но, некој друг не мислел така.

Ако постоеле задни намери (финасиски или поинакви) зошто е тој избран за жртва? Зошто никој не се запраша како Димитриевиќ, кој влегол во РСМ со туѓ пасош излегол од државава ? Каде е сега ? Дали по неколку дена му е издаден нов македонски пасош? Зошто на колегата од МНР му е издаден нов дипломатски пасош, откако претходниот дипломатски пасош му е задржан на Прешево, каде што го оставил и побегнал? Еве уште еден апсурд што вчудовидува: потерницата за мојот син е издадена на 25.08.2021 година, а тој е притворен наредниот ден! „Луѓе мои, зарем е тоа можно?„ што би рекол Младен Делиќ. Па од месечината се гледа: некој тоа добро го организирал, јавил некаде што треба да се прави. Кодоши брзо абер сториле!

Но, тука чудата не завршуваат. Без почит кон вистината и без пресумпција на невиност, а со желба да се оцрни неговиот лик, медиумите (и не само тие) му даваат на настанот „епски" димензии. Еден неделник мојот син го нарекува Џејмс Бонд, прикажувајќи го како криминалец, една универзитетска професорка „го разубавува" истиот текст со инсинуации од кои боли глава, без да се засрами и да се запраша каде водат нејзините шпекулации (дека имал недвижен имот во две држави и државјанство на соседна држава и замислете: можно е дека бил шпион!). Зар може толку учена дама да не ја знае мислата на знаменитиот научник Галилео дека „Вистината е дете на времето, а не на авторитетот"? И на кратко едно прашање до неа: Зар така лесно заборави колку е трнлив патот до правдата што го изоди самата, односно колку е тешка битката до правдата? Зошто еден екс министер, нејзин поранешен колега, од петни жили се обидуваше случајот на мојот син да го претстави како афера Рекет 2, како продолжение на нејзиниот ? Кој беше вистинската цел во кои тие двајца беа одбрани како колатерални жртви ? Кому токму тие двајца му беа толку податливи за жртви и зошто ?

Во оваа оркестрирана стрелба од дезинформации и навреди не остана покусо тој поранешен пратеник познат по дејствија блиски до намера некому да наштети, дури и да уништи човечки судбини. Тој, без да помисли дека и како министер самиот го испратил на дипломатски мандат мојот син, го валка неговиот лик, без срам и перде. Овој мозаик го заокружува еден ТВ медиум, кој му посветува цела емисија КОД за да го дискредитира со невистини и клевети. И никој ни да се извини, по неговото ослободување од Врање. Нивната совест е мирна или заспана? Или работат по нечиј налог? Зошто затаи нивната професионална етика?

Перцепцијата на министерот

За сите споменати учесници во безочните напади на мојот син заедничко е непочитувањето на пресумпцијата на невиност, како составен дел од секој правен систем. Впрочем, овој приод се провлекува за настанот уште од првиот ден. Имено, тој, без никакви докази, веднаш беше прогласен за организатор, а службениот мејл на вистинскиот организатор му бил даден на Димитриевиќ како контакт, како што посочуваат од ерменското обвинителство. Никој не објасни зошто за време на притворот во Врање му беше одземен сертификатот, наместо да се почека на одлука на Судот, чин што подоцна (замислете откако беше ослободен од Судот со реченица: Нема ни еден доказ за сомнеж) беше искористен како причина за престанок на неговиот работен однос во МНР. Неколку месеци од доаѓањето во Скопје на неговото барање да биде прекинато мирувањето, немаше никаков одговор ни за враќање на работа ниту за било што друго. По неколку месеци му беше врачен отказ. И тоа во целосно незаконска постапка. Без да се почитуваат доказите и фактите, туку се мафташе со „пресудата„ на тој што го „оквалификува„ како проблематичен ? А бараме правна држава !

За жал и за чудо, пресумпцијата на невиност ја заборави и министерот на ресорното министерство, на која се повика кога застана во одбрана на екс градоначалничката на Тетово и новинарите ги замоли да не објавуваат непроверени информации, или во случајот со ново вработената во МНР Ејупи. А сето тоа изостана за дипломат со 23 години поминати во МНР и испратен во странство од четворица министри, меѓу кои е и сегашниот. Толку ли беше лесно да го оцрнува и да не го заштитува својот вработен? Да му го деактивира пасошот, да не побара негово ослободување и толку лесно да се откаже од него? Сето ова зачудува дотолку повеќе што станува збор за министер кој е интелектуалец од висок калибар. И најдобронамерно му предлагам да се запраша: Зошто сега кога наскоро ќе го преземеме претседавањето со ОБСЕ, го остави Министерството без услугите на еден искусен дипломат, оспособен меѓу другото и за активностите кои ни престојат од 01.01.2023 година? И колку е сигурен дека правилно и праведно постапил во случајот со мојот син ?

Почитувана јавност,
Ова обраќање сакам да го завршам со апел до сите што му нанесоа неправда на мојот син да најдат сили и доблест да се извинат. Да сфатат дека зборот е како куршум, невидлив, лета од небото, но многу боли. Посебно ако е злобен, пакосен. Им порачувам да не кријат во своите срца и очи омраза туку љубов и добрина. Да го држат зборот под контрола, зашто може да им побегне како нескротлив коњ во погрешна насока. Така некако ни порача големиот Конески, кој за срам, за еден од плукачите е џуџе од Небрегово.

Надлежните институции, ако оценат дека недоволно придонеле за расветлување на случајот, да вложат дополнителни напори. А за тоа има потреба. Тоа нас родителите, мојот син, неговата сопруга и деца, ќе нé храбри и понатаму кон правдата да чекориме достоинствено. И да веруваме дека ќе победи, иако лагата е како птица, а правдата како полжав.
Свесни дека „во човека се содржани и победата и поразот, но истрајноста и воздржувањето се постојано над нив, како вистинско човеково ослободување." (Луан Старова).

 

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе

Треба да се размисли за тоа дека сите предлози и промени кои доаѓаат од Брисел, не можат ефикасно да се применат и во Македонија и да се дејствува во правец на благосостојба на граѓаните, а не само на профитите.

повеќе