Предвремени парламентарни избори 12 април

Следната недела ќе се знаат кандидатските листи. Кои се можните кандидати за носители на листите?

В понеделник по Конгресот на СДСМ ќе бидат познати изборните листи за престојните предвремени парламентарни избори, закажани за 12 април. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, пак, официјално листите со кандидати на пратениците за изборите на 12 април ќе ги презентира на јавен настан што ќе се одржи во среда на 11 март.

На огласот на СДСМ се пријавиле околу две илјади кандидати, по првичните селекции на локално ниво останале околу илјада и тие понатаму се селектираат на централно ниво на партијата, согласно анализите и анкетите, но и согласно препораките на селекционата комисија.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кандидатите и носителите на листите треба да бидат потврдени на седница на Централниот комитет што ќе се одржи на 10 март во вторник. Тој вели дека привршуваат анализите во партијата и разговорите со коалициските партнери.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера рече дека имињата на некои од кандидатите во одредени населени места се познати, но повеќето сѐ уште се во процес на избор за учество на листите.

Последниот состав на пратеничката група на СДСМ

Заев најави дека за конечните листи ќе одлучат в понеделник на Конгрес.

„Викендов ќе ни биде работен, верувам дека до последно како стигнуваат анализите, анкетите, истражувањата, кои се водилка во извештаите во селекционата комисија, по што ќе се сублимира конечноста на одлуките поврзана со кандидатите. Ќе можеме да соопштиме во понеделник, некои места ги знаеме, но голем дел уште не се знаат“, рече Заев.

Во врска со тоа дали со БЕСА ќе одат со заедничка листа на изборите, поради изјавата на претседателот на ДИК Оливер Дерковски дека со тоа БЕСА ќе загуби членови во Комисијата, но и во избирачките одбори, Заев рече дека коалицијата е објавена, на изборите ќе настапат со заедничка пратеничка листа и со заедничка програма. Додаде дека законот е јасен за сите аспекти и фази на изборите.

Тој нагласи дека до денеска БЕСА и Алијанса за Албанците се во опозиција и тие генерираа опозициско дејствување и затоа имаат одредено право извлечено од аспект на опозициски партии.

„Е сега тоа што знаат дека БЕСА ќе биде владејачка партија, тоа е друга работа. Не треба да се водиме од очекувањата во иднината“, истакна лидерот на СДСМ.

Во врска со можноста за соработка со ДПА на Мендух Тачи, Заев вели дека деновиве е можно да се одржи состанок и да се видат резултатите од него.

Последниот состав на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски и Заев ќе ги предводат кампањите на своите партии како кандидати за премиер, но прашање е дали ќе се соочат и на ист „терен“. Заев најави дека тој ќе ја предводи листата на СДСМ во четвртата изборна единица, а дали во „четворката“ листата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводи Мицкоски засега е непознато.  Тој досега не бил носител на листа на парламентарни избори, туку само носител на советничката листа за Скопје на локалните избори во 2017 година.

Мицкоски најави дека на овие избори можно е тој да ја води кампањата на ВМРО-ДПМНЕ само како кандидат за премиер.

Од првичните неофицијални информации во ИЕ 2 и ИЕ 3 носители на листата на ВМРО-ДПМНЕ  ќе бидат потпретседателот на партијата Владо Мисајловски и Игор Јанушев, генерален секретар на партијата. Во петката листата најверојатно ќе ја предводи Игор Дурловски.

Во „тројката“ е можен судир на генерлни секретари - од СДСМ како носител на листата се споменува името на генералниот секретар Љупчо Николовски.

А во „двојката“ најсериозен кандидат на СДСМ е Оливер Спасовски.

Како можен носител на листата на СДСМ во единицата се споменува името на министерката за одбрана и заменик-претседателка на партијата Радмила Шекеринска. Од ВМРО-ДПМНЕ за „единицата“ се подготвуваат да ја промовираат професорката Гордана Силјановска-Давкова, која беше и претседателски кандидат на последните избори за шеф на државата.

Во СДСМ се размислувало и за Никола Димитров како носител на листата во „единицата“. Тука се и имињата на Венко Филипче и Мила Царовска.

Од ВМРО-ДПМНЕ за „единицата“ се споменува и името на разрешената техничка министерка Рашела Мизрахи.

Во албанскиот блок во „шестката“ ќе има директен судир на лидерите на партиите.

Носител на листата на коалицијата на СДСМ со Беса можно е да биде лидерот на Беса, Билал Касами. Од ВМРО-ДПМНЕ за тука се споменува името на Владимир Ѓорчев.

Во изборната единица 6 се очекува повторно да се кандидира како носител и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Алијанса за Албанците сигурно е дека тука ќе настапи со лидерот Зијадин Села.

Од АА велат дека кандидатите заедно со Алтернатива на Африм Гаши ќе ги претстават на 11 март.

На 12 март истекува рокот за доставување на кандидатурите во ДИК.

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе