Попис 2021

„Скеил фокус“ која без пари го направила софтверот за пописот, има договор со Владата за финансиска поддршка

Македонската влада и бугарската ИТ компанија „Скеил Фокус“ на 23 декември 2019 година потпишаа договор за финансиска поддршка според Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Но, до денеска не се исплатени пари по основ на овој договор, појаснуваат од Владата на прашањето на МКД.мк за тоа дали „Скеил фокус“ добиле пари од државата. Оваа компанија е автор на веб-апликацијата за попис на дијаспората, која според Државниот завод за статистика била изработена без пари.

Од владината служба за инфомрирање појаснуваат дека според Законот за финансиска поддршка на инвестиции не се предвидени повици, туку постојат рокови и процедура според која секоја компанија може да аплицира. „Доколку апликантот ги исполни условите предвидени во законот, Владата склучува договор со таа компанија. Договорот со „Скеил фокус“ е потпишан од Зорица Апостолска во својство на министерка без ресор задолжена за странски инвестиции и Пламен Стилјанов Цеков во својство на управител на компанијата. Во договорот за финансиска поддршка не е предвиден конкретен износ на финансиска помош која Владата на Република Северна Македонија би ја исплатила кон компанијата. Предвидени се договорни обврски за двете страни, при што, компанијата се обврзува на минимална инвестиција во износ од 4 милиони евра и креирање на најмалку 300 работни места во период од 5 години, додека Владата се обврзува на исплата на финансиска помош на годишно ниво, врз база на веќе реализирани инвестиции. До овој момент не се исплатени финансиски средства по основ на овој договор“, ни одговорија од Владата.

На 23 декември 2019 година во Владата се одржа мала свеченост на која беше потпишан договорот со најголемата софтверска компанија од Република Бугарија „Скеил фокус“. Тогаш премиерот Зоран Заев рече дека „Скеил фокус“ во наредните пет години се подготвени да инвестираат околу 45 милиони евра, и тоа повеќе од 34 милиони евра во плати за повеќе од 300 работни места, повеќе од шест милиони евра во давачки за Буџетот на Македонија, повеќе од три милиони евра за закупнина на деловен простор, и повеќе од два милиони евра за обука и развој на вработените.

Пламен Цеков, извршен директор на „Скејл фокус“, по потпишувањето на договорот рече дека причината да инвестираат во Македонија е во огромниот потенцијал и талентираните млади луѓе од сферата на информатичките технологии. „Сега имаат можност се вклучат во ИТ индустријата на глобален план и преку високи плати да го изградат столбот на средната класа. Притоа да останат во својата земја а да работат на европски проекти и плати. Со тоа сметаме дека ќе помогнеме дека Северна Македонија да оди побрзо на својот пат кон Европската Унија“, рече тогаш сопственикот и главен извршен директор на компанијата, Цеков.

Две години потоа, откако се отворија бројни безбедносни прашања за тоа како може компанија од Бугарија да биде автор на софтвер за спроведување на пописот во Македонија, од Државниот завод за статистика велат дека нема никакви основи за какви било грижи, дека се работи за македонска компанија која сака да се испромовира и затоа апликацијата е изработена без пари.

Две години поминаа од потпишувањето на договорот на „Скеил фокус“ со Владата, но засега нема ништо од ветените 45 милиони евра инвестиција во Македонија.

А.Д.

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе