Немарност, ковид-криза, избори или сѐ заедно

Скандал - зошто годинава не беше доделена државната награда 11 Октомври?

Годинава за Денот на востанието на македонскиот народ не беше доделена традиционалната државна награда „11 Октомври". Од Собранието на Македонија и од Министерството за култура не чувствуваат одговорност за овој „пропуст" и си ја префрлаат топката. Се споменува и меѓупросторот поради предвремените избори и неработењето на Собранието на Македонија, кризата со коронавирусот... Веројатно е дека нема да биде доделена ни Светиклиментовата награда, а извесно е само дека ќе биде врачена наградата 22 Ноември, која беше востановена по иницијатива на албанската заедница.

Годинава не беше доделена државната награда 11 Октомври. Првпат на Денот на востанието 11 Октомври свечената сала на Собранието на Македонија остана празна. Немаше свеченост, немаше наградени, немаше кој да одржи свечен говор во кој ќе ги истакне придобивките за државата од делувањето на поединци од светот на културата, уметноста, наукатга, на стопанственици или организации во интерес на државата и нејзиниот севкупен развој. Но не беше распишан ниту конкурс. Дали се замеша политиката или пак, станува збор за недоразбирања меѓу коалициските партнери во власта, потценување на историското минато, обична немарност, заборавеност во време на билдање партиски рејтинзи пред избори? Во јавноста се поставуваат многу прашања.

Од кабинетот на претседателот на Собранието на Македонија за МКД.мк велат дека законодавниот дом ја отстапува свечената сала и учествува во организацијата на конкретниот настан, но дека не носи одлуки поврзани со самата награда, освен во формирањето на одборот. Оттаму потенцираат дека до Собранието не бил испратен допис од Министерството за култура во врска со доделувањето на државната награда.

На нашето прашање до Министерството за култура зошто не е доделена наградата и зошто не е испратен допис до Собранието на Македонија, од одговорот што го добивме може да се заклучи дека прстот се вперува кон законодавниот дом како институцијата што не си ги завршила обврските.

„Одделението за државни награди во Министерството за култура е само техничко тело за спроведување на државните награди, додека согласно со членот 12 од Законот за државните награди, Собранието на Република Северна Македонија, односно Комисијата за избори и именувања, ги именува претседателот и членовите на одборите од редот на истакнати лица од областите за кои се доделуваат наградите, со мандат од две години. Заради навремено реализирање на постапките за доделување на наградите во 2021 година (предвидени во правилниците за секоја награда одделно) што подразбира повеќемесечна постапка, од наша страна на 20 декември минатата година испратено е писмо до Комисијата за избори и именувања, за именување на претседател и членови на одборите за државните награди. Потсетуваме дека по него не беше постапено поради распуштањето на Собранието на РСМ, како и поради пролонгирањето на изборниот процес поради пандемијата од ковид-19", се вели во одговорот на прашањето на МКД.мк.

За наградата „11 Октомври" годинава не беше распишан ниту конкурс, како што е тоа законски пропишано, бидејќи не беше избран нов одбор за таа награда, кој впрочем, го распишува конкурсот и ја носи одлуката за наградите.

Од Министерството за култура информираат дека покрај тоа што му беше истечен мандатот на Одборот за доделување на наградата „11 Октомври", дека се истечени и мандатите на одборите за доделување на наградите „Мајка Тереза", „23 Октомври", „Св. Климент Охридски", „Мето Јовановски" и „Мито Хаџи Василев-Јасмин".

Извесно е само дека ќе биде доделена државната награда „22 Ноември", бидејќи само тој одбор има важечки мандат, зашто бил подоцна формиран, така што ги „преживеал" и ковид-кризата и неработењето на парламентот.

Наградата „22 Ноември" (Ден на албанската азбука) беше востановена по иницијатива на албанската заедница во Македонија. Така, навремено беше објавен конкурсот и веќе е одлучено дека добитник ќе биде академикот Али Алиу. Со државната награда „22 Ноември" им се оддава признание на луѓе од политичкиот, културниот општествениот живот што дале придонес во унапредувањето на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери. Добитникот академик Алиу, како што соопшти Министерството за култура, беше номиниран од Културно-информативниот центар – Скопје, а е награден за неговиот придонес во унапредувањето на литературното творештво во Македонија.

Инаку, наградата „11 Октомври" е државна награда од високо ниво што традиционално се доделува на Денот на востанието. Со неа се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес. Минатата година добитници беа академикот Љупчо Коцарев за животно дело во областа на науката, а за животно дело во областа на културата и уметноста добитници беа актерот Петар Мирчевски и писателот и ликовен уметник Димитри Дурацоски. Претседател на 12-члениот Одбор за доделување на наградата беше д-р Драги Ѓоргиев.

Наградата „11 октомври" ја доделува Одборот за доделување на државната награда, составен од претседател и 12 члена, кој распишува конкурс и донесува одлука за добитниците. Конкурсот е отворен секоја година од 1 до 31 мај. Наградата првпат била доделена во 1959 година.

Оваа државна награда им се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјата, кои добиваат диплома и плакета, а кога ја добиваат поединци, добиваат и паричен износ. Под посебни услови наградата може да им се додели и на странски државјани доколку нивната дејност била од посебен интерес за Македонија.

Панта Џамбазоски

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе

Јас, Ангела Илиевска , учесник во повеќе протестни движења низ годините наназад, со себе го носам товарот на мојата личност и идеалите кои ги застапувам низ сите тие движења.

повеќе

Германија не го негира своетo фашистичко минато, ниту дека ја окупирала Франција, па следствено, не се ни менувани ни учебниците во обете земји, ниту се бришани делови од споменични натписи.

повеќе