Случај со криминална историја

Скандал, во Србија уапсени двајца македонски дипломати, МНР молчи

Минатата недела на граничниот премин Прешево, на пат од Виена кон Македонија, полициската служба на Србија го задржала македонскиот дипломатски службеник Миле Миленкоски (чие име го открија некои медиуми), кој од неодамна извршува дипломатска служба во македонската мисија на ОБСЕ во главниот град на Австрија. Миленкоски потоа бил префрлен во Врање, каде пред неколку дена пак, е приведен и македонскиот дипломатски службеник С.С., кој дошол да се интересира за својот колега. Информациите ги потврдуваат повеќемина дипломати во македонското МНР кои велат дека станува збор за голем скандал, зад кој се тркала крими - приказна во која е инволвирана и Ерменија, а Интерпол води истрага.

МКД.мк уште пред три дена упати прашање до МНР со кое побаравме и потврда, но и објаснување за што станува збор, со оглед на фактот дека за вакви настани поврзани со дипломати, неспорно е дека земјите меѓусебно се известуваат. Нема одговор на прашањата, ниту за новата информација за приведувањето и на втор дипломат.

Добро информирани извори во МНР велат дека Србија пртактично постапила по барање на Ерменија која води постапка за случај од пред три години кога тројца наши дипломати, меѓу кои двајцата сега приведени, биле во таа земја, од каде оптатувале со приватен авионски лет, а во авионот се наоѓал и еден висок претставник на претходната ерменска власт гонет за проневера на големи суми на пари. Името на Миле Миленкоски кој со автомобил од Виена патувал за Скопје, се појавило во регистерот на барани лица преку Интерпол.

На почетокот од минатата година Секторот за меѓународна полициска соработка упатил барање до Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР за проверка на податоците поврзани со тројцата дипломати, Миле Миленкоски, С.С. (сега во пензија) и В.С. (кои биле во Ерменија, н.з.), а Бирото за јавна безбедност упатило барање за известување до Министерството за надворешни работи. Од МНР се барале конкретни податоци, дали станува збор за дипломати, дали имаат дипломатски пасоши...

Добро информирани извори велат дека по ова постапување случајот се заташкува и дека е можно актуелниот министер Бујар Османи, кој во тоа време бил на друга функција, да не бил информиран, имајќи предвид дека годинава со негов потпис, Миленкоски беше упатен како дипломат во македонската Мисија на ОБСЕ. Поконкретно, директорот на Директорот за организациони работи во МНР можеби самоволно, не го документирал интересот на МВР за тројцата дипломати и со тоа веројатно од врвот на Министерството била сокриена содржината на бараните податоци, односно, дописот од посебната служба на МВР, што само по себе е алармантно кога станува збор за дипломатија.

Извори во МНР велат дека тројцата дипломати, кои поседувале дипломатски пасоши, пред неколку години формирале невладина организација за лица со посебни потреби. По наговор на извесен Б.Д., заедно со него со приватен авион отпатувале во Ерменија, наводно за учество на конференција. Од Ерменија Б.Д. не се вратил со авионот, а на неговото мето патувал спомнатиот претставник на претходната власт во Ерменија, наводно со лажен пасош, кого го барала ерменската полиција заради проневера на пари. Случајот е откриен кога ерменските власти го уапсиле фалсификаторот на пасошот со кој политичарот избегал. Била отворена и истрага од страна на Интерпол поради што биле известени македонските служби.

Но, нашите извори го поставуваат прашањето, како воопшто беше можно случајот да биде заташкуван и потоа годинава Миленковски дури и да биде назначен за служба во македонската мисија во ОБСЕ. Покрај заднината на случајот која според нив, води во криминални води, за назначувањето на Миленкоски не била испочитувана процедурата. Тој и не бил пријавен на конкурсот за служба во мисијата во Виена, а потоа бил назначен на местото на друг дипломат, иако не добил потпис од надлежниот директор за конзуларни работи. Наместо тоа, спротивно на прописите, предлогот за упатување го потпишал Државниот секретар Зоран Попов, велат нашите извори од МНР и го поставуваат прашањето, како воопшто било можно на Миленкоски да му биде издаден безбедносниот сертификат, неопходен за служба во странство.

Но, сепак, за да биде скандалот поголем, не само што секоја земја води сметка кога испраќа дипломати во странство, туку сега Македонија ја подготвува својата мисија во ОБСЕ бидејќи ќе биде претседавач со ОБСЕ во 2023 година, а од идната година започнува тригодишниот мандат во т.н. „тројка земји" претседавачи со Организацијата. Претседавањето со ОБСЕ е многу угледна позиција во светот, можност Македонија да ги промовира своите надворешни политики и да има влијание врз светски настани, но секако и да ги промовира и своите национални ставови, што е битно имајќи ги предвид тешкотиите за отворање на пристапните преговори со ЕУ.

Упативме прашање и до македонскта мисија на ОБСЕ во Виена. Без одговор.

Дипломати од МНР велат дека овој случај ќе влијае врз угледот на земјава која три години треба да биде на врвот на ОБСЕ, како круна на надворешната политика. Како овој случај одекнува во ОБСЕ, но и како ќе одекне во светот, може само да се претпостави.

А.Д.

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе