Во воведниот збор на обвинителот за случајот „Тенк“ се вели дека во 2012 година обвинетиот Никола Груевски, како претседател на Владата на Република Македонија, со искористување на своето реално влијание и службена положба, побарал од обвинетата Гордана Јанкулоска, службено лице, министерка за внатрешни работи во Владата да се изврши службено дејство кое не би смеело да се изврши и тоа, јавна набавка во која МВР ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило од марката „Мерцедес“, модел С 600 Гард. Во постапката, смета обвинителот, се фаворизира економскиот оператор „Мак аутостар“ ДООЕЛ Скопје, па обвинетата Јанкулоска со умисла го поттикнала обвинетиот Ѓоко Поповски, службено лице, помошник на министерот за внатрешни работи, да стори кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Од воведниот збор на обвинителот, произлегува дека според аудио снимките и од другите предложени докази Поповски на незаконски начин дошол до договор за купопродажба, сервисирање и одржување на блиндирано патничко моторно возило марка „мерцедес С 600 гард“.
Од писмените докази на СЈО произлегува дека Поповски го спровел тендерот за да нема конкуренција во постапката, преку фаворизирање на техничките спецификации на возилото „мерцедес“, без да биде наведено дека можат да се дадат и понуди со други спецификации кои се еквивалентни на наведените. Ова, за обвинителот на СЈО, било спротивно на чл.36 од Законот за јавните набавки.
На 15 мај 2012 година бил распишан тендерот и не случајно „Мак аутостар“ бил единствен понудувач.
„Ќе докажеме дека обвинетиот Ѓоко Поповски, иако бил свесен за незаконското фаворизирање на економскиот оператор и за нерационалното искористување на средствата на министерството, сепак склучил договорот за јавна набавка со економскиот оператор „Мак аутостар“ во вредност од 35.226.000 денари.
Од аудио снимките ќе докажеме и дека иако јавната набавка била спроведена како да е за потребите на МВР, обвинетата Гордана Јанкулоска го поттикнала обвинетиот Ѓоко Поповски да го стори кривичното дело за потоа возилото од МВР да се даде на користење и на претседателот на Владата на Република Македонија, на обвинетиот Никола Груевски, кој сакал да користи такво ново блиндирано патничко моторно возило, но не сакал во јавноста да се дознае дека тој како претседател на Владата користи такво луксузно возило“, се вели во воведниот збор на обвинителот на СЈО.
Од писмените докази ќе се докаже дека обвинетите знаеле дека набавка на такво ново возило било вонредно скапо, во услови на намалена економска и куповна моќ на министерството, смета обвинителот.
„На главната расправа во доказната постапка ќе докажеме дека Гордана Јанкулоска сторила кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 во врска со чл.23 од КЗ, обвинетиот Ѓоко Поповски сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 од КЗ и обвинетиот Никола Груевски сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание од чл.359 ст.2 од КЗ“, кажа на денешното рочиште обвинителот на СЈО Стефчо Донев.