За што досега се разговараше

Сите предлози за името: од Нова Македонија, преку Република Македонија-Скопје до Република Горна Македонија

Приказната за решавање на спорот за името почна со предлогот „Нова Македонија“ уште во 1992 година и оттогаш на масата се најдоа голем број предлози, вклучувајќи „Република Македонија-Скопје“, „Уставна Република Македонија“, „Демократска Република Македонија“, „Независна Република Македонија“, па „Република Нова Македонија“, „Република Македонија (Скопје), „Република Горна Македонија“, „Горна Република Македонија“...

Сѐ почна со планот на португалскиот министер за надворешни работи Жоао Пињеиро. Во неговиот план има три документи. Првиот е гаранции „против територијални претензии“, вториот е за дополнителни гаранции „против непријателска пропаганда“ и третиот е сугестија на Пињеиро за името „Нова Македонија (New Macedonia)“ како погодно име за државата.

Во 2005 година посредникот на ОН Метју Нимиц на 8 април излезе со предлогот „Republika Makedonija-Skopje“ за официјално користење форуми и во меѓународни односи, а трети земји може да избираат кое име ќе го користат, дали тоа или уставното име на Македонија.

Во октомври истата 2005 година, Нимиц излегува со познатата „тројна формула“. Оваа формула предвидуваше „Republic of Macedonia“ за меѓународна употреба и за оние земји што веќе ја признале Македонија под ова име, Грција да ја користи формулата „Republika Makedonija-Skopje“, а „Republika Makedonija“ да се користи во меѓународни организации и во ОН. Националноста, според овој предлог, требаше да биде „граѓани на Република Македонија (citizens of the Republic of Macedonia)“.

Нимиц овде додава и два анекси, првиот е името да биде „Republika Makedonija“ до 2008 година, потоа да биде „Republic of Macedonia“. Вториот анекс предвидува повторно разгледување на договорот по 15 години, со напомена дека никој не може да има ексклузивно право на името Македонија.

Географската одредница „горна“, која сѐ уште е актуелна, па дури и посакувана од грчка страна, барем според изјавите оттаму, се појави во планот од осум точки што го предложи Нимиц во февруари 2008 година. Во овој план тој ги наведе „Уставна Република Македонија“, „Демократска Република Македонија“, „Независна Република Македонија“, „Нова Република Македонија“ или „Република Горна Македонија“. Едно од овие имиња, според предлогот, требаше да биде за употреба во меѓународни организации и за билатерални односи со Грција. Освен тоа, во овој предлог се наведува дека „Македонија (Macedonia)“ и „македонски (Macedonian)“ може да користат и двете страни, но само во согласност со постојното меѓународно законодавство, конвенции и практики, вклучувајќи користење географски имиња за комерцијални или слични цели, но никој да нема ексклузивно (политичко или комерцијално) право на името Македонија. Во овој предлог се предвидуваше и промена на македонските пасоши.

Еден месец подоцна Нимиц излезе со ревидиран план од осум точки, кој предвидува освен уставното име, Македонија или „втората страна“ како официјално меѓународно име за меѓународни организации, договори, конвенции и спогодби да користи едно од „Република Горна Македонија“, „Нова Република Македонија“, „Република Нова Македонија“ или „Република Македонија-Скопје“, сите на англиски јазик. Тоа име би било и во пасошите на македонските граѓани, а зборот „Македонија“ сам по себе не може да се признае како официјално име, формално или неформално.

Многу скоро по овој предлог Нимиц излегува со, како што го нарекува, „финален“ предлог, на 25 март, со малку изменета содржина.

Во овој предлог сугерира име со географска одредница, за севкупна употреба. Уставното име на кирилица, Република Македонија може да се користи за внатрешна употреба, а „Republika Makedonija (Skopje)“ во меѓународни односи. За билатерални односи се предлага „Republic of Macedonia (Skopje)“ со тоа што на трети земји што ја признале Македонија под уставното име ќе им се „сугерира“, но нема да се „присилуваат“ да ја променат одлуката. Термините „Macedonia“ и „Macedonian“ ќе можат слободно да ги користат и двете земји.

Дополнителни точки во овој предлог се дека двете страни ќе ги почитуваат добрососедските односи, а Грција ќе ја поддржи интеграцијата на Македонија во ЕУ и во НАТО.

Во октомври 2008 се појави нов предлог на Нимиц во кој се вели дека „Republic of Macedonia“ ќе остане официјално име за внатрешна употреба, ама на македонски јазик, а за официјална употреба во ОН, ЕУ и НАТО на пример ќе биде „Republic of North Macedonia“ (Република Северна Македонија). Советот за безбедност на ОН ќе им сугерира на трети земји да го користат името „Republic of North Macedonia“.

Според овој предлог, на насловната страна на пасошите ќе стои „Republic of North Macedonia“ на англиски, „Republique de Macedoine du Nord“ на француски јазик и

„Република Македонија“ на македонски. Дополнително, двете страни ќе потврдат дека немаат територијални претензии една кон друга.

Предлогот што се појави наредната 2009 година на 7 јули се води како „прочистен“ и предвидува име „Republic of North Macedonia“ за сите употреби, освен за внатрешна, за која останува уставното име.

Под наслов „Предлог“, има две страници и 10 точки излезе предлогот на Нимиц од 9 април 2013 година, кој се базира на името „Горна Република Македонија“.

Официјално име би било Upper Republic of Macedonia, опсегот на употреба „erga omnes“, без билатерала и домашна употреба, јазикот „Macedonian/Makedonski”, а државјанството (nationality), „of the Upper Republic of Macedonia”; alternate „Makedonsko/Macedonian”.

Предлогот предвидува само препорака до земјите-членки на ОН да го користат новото име во сите официјални контексти, а дозволува името Република Македонија да може да се употребува внатре во државава. Во однос на јазикот, Нимиц предлага тој на англиски да се именува со сложенката „Macedonian/Makedonski” што може да се смета за компромис меѓу македонското инсистирање за таа намена да се користи терминот „Macedonian” и ставот на Грција од тој период дека најмногу на што може да се согласи е воведување на терминот „Makedonski”, како што во оригинал се нарекува јазикот, со латинична транскрипција.

Последниот предлог на Нимиц од 17 јануари

Овој предлог, според тогашните информации, наводно бил начелно прифатлив за тогашната влада на Никола Груевски, но, не и за грчката страна. Забелешките на Атина беа пред сѐ во позиционирањето на географската одредница во сложеното име, Грција инсистираше „Горна“ да биде пред терминот Македонија, а не пред Република.

Имињата Република Нова Македонија, Република Северна Македонија, Република Вардарска Македонија, Република Горна Македонија и Република Македонија (Скопје), сите со македонска транскрипција, напишани на латиница, односно Republika Nova Makedonija, Republika Severna Makedonija, Republika Vardarska Makedonija, Republika Gorna Makedonija I Republika Makedonija (Skopje), неофицијално се имињата содржани во предлогот што го ставил на маса посредникот Метју Нимиц на последната средба со преговарачите Адамантиос Василакис и Васко Наумовски во ОН во Њујорк на 17 јануари.

Имињата, како што кажа и самиот Нимиц по средбата, се нова комбинација од неговите стари идеи, кои инаку ѝ се познати во јавноста и за кои рече дека очекува двете влади да ги разгледаат.

За јазикот, наводно, се предлага да биде „македонски“ („makedonski“), или „official language of the Republika Severna Makedonija или Nova, Vardarska, Gorna, со можност другите земји да избираат сами дали ќе го преведат или не, додека за националноста има две опции-„македонска“ на латиница-„mаkedonska“ и во зависност од името, на пример „of the Republika Severna Makedonija“ . 

Сетот идеи и предлози што ги дал Нимиц, како што самиот ги нарече, го содржат главниот услов од кој не отстапува Грција, ерга омнес, кој целосно би важел, вклучувајќи и внатрешна употреба на евентуално договореното име, кога Македонија ќе стане членка на ЕУ.

Ж.П.Б.

„Бејоеремите" веќе многу долги години имале и имаат јазик којшто (Слушни! Слушни добро!) сите, освен нас, го нарекуваат „македонски".

повеќе

Добронамерниот дијалог – поточно способноста да се види светот преку очите на други луѓе, посебно оние со кои не се согласуваме – никогаш не бил поважен од сега.

повеќе

Владата не би смеела самостојно да одлучува за ставање под концесија на минералните суровини како што предвидува постојниот закон.

повеќе