ГОДИШНИНА ОД СМРТТА НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ

Синџир ти беше на робја, дур не стана народ во листена гора, сè дури со јадот од векови собран не поведе бујно, бунтовничко оро!

Умник над умниците, грандиозен нотес на македонскиот незаборав, творец на нашата модерна историја, неуморен градител на убавината, највозвишената личност во современата македонска литература, челникот на македонската преродба, благородниот поет што ја воздигна славата на македонскиот дух, скромен, чесен, правдољубив, еден од оние светли синоними низ кои Македонецот најубедливо се претставува... Вака зборуваат оние што го познавале Блаже Конески, кој почина на денешен ден пред 23 години.

„Современиците за него рекоа: Конески е творец на нашата модерна историја, неуморен градител на убавината, растајувач на нашето постоење, учител по човекољубие и човечност, голем патник во иднината. Неговите фундаментални лингвистички дела ја зацврстија нашата опстојба. Граматиката на македонскиот јазик, Историјата на македонскиот јазик, Историската фонологија на македонскиот јазик, Правописот на македонскиот јазик (заедно со Крум Тошев), Речникот на македонскиот јазик (под негова редакција), Јазикот на македонската народна поезија и др. дела, се ненадминати и покрај нивното повеќедецениско постоење“, напиша Марија Коробар Белчева.

Конески остави трајна трага во историјата, теоријата и поезијата на македонскиот јазик. Уште додека беше жив беше наречен прв човек на македонската преродба, енциклопедија на македонската филологија, а го нарекуваа и „жив споменик што оди по улиците“.

Сите што го познаваа зборуваа за него со полна почит. Беше едноставен, скромен, добродушен. Со пријателите имаше посебен однос, исто така и со студентите. Студентите го обожаваа. Иако беше кроток човек, многу тактичен и воздржан, знаеше и да се спротивстави и жестоко да ги брани своите ставови. Од друга страна, во друштво беше шармантен, опуштен, духовит и досетлив, познат меѓу пријателите по „неговата громка смеа“.

„Македонија даде повеќе имиња врвни писатели, ќе даде и потаму уште такви што ќе нѐ претставуваат и во светот, но местото на Блаже Конески ќе остане негово и автентично – таму, од Небрегово до врвот на пирамидата од македонската литературна и културна историја“, рече Гого Ивановски.

Каков бил овој голем творец и скромен човек во сеќавањата на неговите современици – неговите студенти, пријатели, културни и општествени работници, какви се нивните сеќавања и впечатоци од средбите и разговорите со Конески, од неговото дејствување како научен, културен и општествен работник, но и како обичен човек.

„Сеќавањата на современиците и соработниците на личности од светски размери, како што е Конески - вели Јозо Бошковски - се спонтани сведоштва... Сепак, без нив не може да се осветли – до крај – лицето на големата личност за која се зборува, бидејќи тоа е она што останало на маргините на животот и творештвото, без што не може да се опфати видикот и да се пополнат – да се прошируваат и да се утврдуваат – вреднуваат многубројните сознанија за Генијот...“

Така, за Атанас Вангелов „Конески е светот и Европа во Македонија“, Перо Коробар смета дека „Јазикот на неговата татковина беше негова голема преокупација“, зашто, како што порачуваше Конески, „јазикот е единствената наша комплетна татковина“, а Паскал Гилевски вели: „Целото битие на Блаже Конески беше еден жив бележник, грандиозен нотес на македонскиот незаборав“.

Неговите поранешни студенти со љубов и пиетет се сеќаваат за својот професор.

„Конески на сите ни беше (и остана!) посебно омилен професор, чие име се изговараше со шепот и висока почит... Некоја харизма зрачеше од неговата личност, неговата благост и стаменост и придушена емотивност ги скротуваше и облагородуваше сите околу него... Го впивавме секој негов збор... А тој – секогаш исклучително скромен, речиси рамнодушен пред комплиментите и нашите возбуди, а крајно филигрански прецизен и со индивидуален однос кон секој поединец“, рече Тамара Арсовска.

„За нас, неговите студенти, луцидноста и логичната мисла на Блаже Конески – како што би рекол великиот Климент Охридски - помогнаа македонскиот јазик да се воскресне од вековното безгласие во богогласие и да ги придобие врвните светски слависти ширум светот. Беше вљубеник во науката за јазикот и долготрпелив дароносец на современата македонска поезија.“ (Томе Арсовски)

Александар Алексиев, цитирајќи едно искажување на Конески - „Оваа наша литература сѐ уште треба да се ѓубри. Таа е како нива. Затоа, да бидеме толерантни кон секаков вид прилози. Ако вредат, тие ќе опстојат, ако не вредат, сами ќе изгнијат“, се сеќава: „Тој, несомнено, беше престрог и кон себеси и кон другите, но истовремено и толерантен и широкоград. Но, пред сѐ и над сѐ - консеквентен. А дека умееше да се смее толку слатко, со страст, од дното на душата, и тоа е вистина“.

„Тој - вели Јозо Бошковски - ја напои земјава со многу чиста дарба, со топлина и со продуктивна добрина, со продолжување на домашната традиција од ненадминатото народно творештво... Во своето феноменално творештво Конески ги користи изворните македонски симболи: симболите на Македонија и на македонскиот народ – боите, звуците, македонската ритмика, географијата – историјата на земјата: црниот конец на тагата и црвениот конец на борбата – судбината на земјава и на народот, така, со борба – да опстојува на својата родна грутка...“

Два конца парај од срцето драги

Едниот црн е а другиот црвен

Едниот буди морничави таги

А другиот копнеж и светол и стрвен.

(Везилка)

Или пак „зурли и тапани грмат со подземен екот, при што се јавуваат реки од солзи од жал за црната судбина на земјата и народот, но и чекори на сплотени мажи, жени и деца – кои се движат во ритамот на иднината:

Но, `рзнува тапан и писок се крева

и молнија светнува во секој глед,

и напред се пушта, се стрелка, се слева

стегнатиот ред.

(Тешкото)

Косара Гочкова: „Податливи за многустрана анализа, песните на Конески секогаш ќе го возбудуваат духот на младите генерации со јасни и длабоки пораки. Тоа се пораки кои не познаваат временски разлики ниту ограничени простори. Во нашиот, пак, временски ограничен престој на овој свет ни остануваат убавите спомени и чувството на почестеност што сме биле негови современици“.

Неговата поезија, неговото целокупно творештво им беше блиско и разбирливо не само на припадниците на научниот и културниот свет, туку и на секој обичен читател.

„Блаже Конески - вели Нада Момировска - низ најавтентични струни покажа и докажа како може едноставно да се пее. Тој пее за вечните вредности, за убавината, за добрината, но и за болката, загубата, трагиката и за несреќата на поединецот, како и за илузиите и разочарувањата, и сето тоа со јасност и едноставност по форма а длабоко по мисла и значење... Конески според многу нешта автентично по пристап, оригинално по транспозиција и квалитативно на високо рамниште создаде опус; разновидно дело од жанри, типови и видови на широк творечки дијапазон, пред чие величие стоиме и потем долго размислуваме за творечки толку јасна и едноставна „проста и строга македонска песна“, а толку длабока по идеја и порака за вечност.

Ката Мисиркова-Руменова во своето сеќавање за Конески вели: „Нема народ, нема нација која не жеднее во неговата средина да се роди умник над умниците.... Тој сè што стори, го стори за својот народ... Блаже Конески треба да им биде идол на сите скромни а надарени творци... Тој не трчаше по титули, тој ги имаше во глава. Во една пригода ми рече: „Чекори си по земјата, внимавај да не се сопнеш, оти главата секогаш треба да ја држиме над рамениците...“.

Во последните години од неговиот живот зачестија нападите врз него и неговото дело. „Такво беше и такво е времето - вели Јован Павловски - Македонија и македонскиот народ беа напаѓани и сè уште се напаѓани и фронтално и подмолно и во соседството и овде, во Македонија, зашто ова се години на војна против оние што не ја признаваат, а Учителот е еден од оние светли синоними низ кои Македонецот најубедливо се претставува. А тоа значи: удирајќи по него, Македонецот, по неговата историја, по неговиот јазик, по автентичноста на неговото народносно определување, удираат по најздравото, всушност... удирајќи во овој случај по Конески, удираа по Делото, значи по сите нас, и никој, ама баш никој, освен двајца-тројца, не им се спротивстави. Тоа го болеше и од тоа боледуваше: молчењето, незаинтересираноста, индиферентноста...“ Тој им одговори со песна:

Спаси ме, Боже, од болните луѓе

што се накажани та се криви

нивната злоба умерено суди ја

самите од неа одвај се живи...

Дај, Господе, што помалку очите да им ги бодам,

штом тие лево ќе фатат, јас десно да одам.

(Молитва)

А тој си остана до крај таков – скромен, чесен, правдољубив. На прашањето на Александар Ивановски-Глоговчанец дали остави солидни наследници на неговата катедра, тој одговорил: „Не знам, со знаење имам оставено солидни наследници, а како луѓе, со човечност не знам дали ќе ме наследат, оправдаат и продолжат... Треба да се сака татковината, а потоа и младите поколенија, своите студенти, нашата иднина, ако сакаме да постигнеме успех кај младите. Треба секогаш да бидеме правдољубиви и точни“.

А неговите наследници и продолжувачи на неговото дело со љубов и почит се сеќаваат на моментите поминати со него.

„Беше симбол на интелектуална моќ, супериорен дух што го набљудуваше и го толкуваше времето во кое живееше и твореше со фасцинантен стил и јазик. Со неговото дело ние, Македонците влегуваме во светот на модерната цивилизација“, напиша Коробар Белчева.

„Професорот Конески - вели Славка Арсова - чинам, од своите студенти направи сотворци, кои денес учествуваат во надградувањето на својот јазик, во чистотата на зборот, во создавањето на сите сегменти во македонската литература и култура“.

„Згасна животот на највозвишената личност во современата македонска литература, челникот на македонската преродба, благородниот поет што ја воздигна славата на македонскиот дух“, ќе напише Трајан Петровски.

А Васил Тоциновски со овие зборови ќе го искаже својот восхит кон својот професор: „Блаже Конески е еден од оние македонски чеда кои му втиснаа сопствен знак на македонскиот 20 век, белег на наше колективно меморирање, препознавање и пресоздавање, и како ретка личност и појава со која имавме шанса и задоволство да споделиме и дел од сопственото опстојување“.

Ѓорги Филиповски заклучува: „Ќе треба оваа земја да почека уште многу децении додека се роди втор Блаже“.

„За среќа - вели Иван Чаповски - постои неговото творештво, и така почесто си го гледаме нашиот Блаже Конески. И си разговараме топло со него, како што прилега да се разговара со нашиот ПРВ МАКЕДОНСКИ УЧИТЕЛ“.

Според изданието на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ - „По што го запаметив Конески“, Скопје 2003 и други дела

Паузата во борбата против коронавирусот, бизнисот ја користи за свое преструктуирање и за непосредни контакти со компаниите кои беа запоставени во изминатиот период.

повеќе

Страшно е да се помисли дека постојат луѓе што со години се распрашуваат, го истражуваат, и го следат животот на граѓаните преку социјалните мрежи и интернетот.

повеќе

Во Македонија моментално има стотици активни стечајни постапки, некои од нив се водат повеќе од 10, па дури 20 години.

повеќе