Два синдикати, две различни барања

Синдикатот на полицијата бара 15.000, Македонскиот полициски синдикат 25.000 награда за полицајците

По изјавата на министерката за финансии дека на полициските службеници нема да им бидат доделени бонуси во висина од 15.000 денари, со реакција до Владата се јавија од Синдикат на полицијата во Македонија. Според нив, изјавата на министерката е срамна и е невреднување на трудот на полицајците. Синдикатот бара да се усвои Уредбата со која се предвидува награда од 15.000 линеарно и еднократно за секој работник во МВР.

„На почетокот ова беше една од поубавите вести која веруваме дека од страна на секој припадник во полицијата наидена на поздравување. Веруваме дека во тој момент немаше вработен а да не се почувствува барем за момент во овие два дена вреднуван, знаејќи го притоа фактот како секојдневно се справува со предизвиците од кризата на терен а некој и покрај се му го вреднува трудот. Ова што вчера го изјави министерката за Финансии Ангеловска е страшно, жално и бедно и невреднување на трудот на полициските службеници“, се вели во соопштението на Синдикатот на полицијата на Македонија.

Генералниот секретар на Синдикатот, Дејан Саздов вели дека би можел да разбере вакво нешто, но само доколку на чело на Владата стоел човек на кого работите во полицијата не му биле доволно познати, а не поранешен министер за внатрешни работи кој ја знае тежината на работата во министерството како и ризиците со кои секојдневно се соочуваат полицајците.

„Се сеќавате до пред извесно време пред неколку години баш од Ваша страна беше измислена паролата „Задоволна полиција безбедни граѓани". Да се запрашаме сега дали после оваа срамна одлука ќе имаме задоволна полиција. Како Синдикат сметаме и веруваме дека вработените во МВР заслужуваат многу повеќе од предвидените 15.000 денари кои ги предлага до Владата министерот Наќе Чулев. Да, малку се но сигурно ќе оставеа трага за задоволство во овие тешки и макотрпни времиња како една награда за секојдневниот ризик кој го преземаат работниците во Министерството за внатрешни работи. Веруваме и дека после завршувањето на кризата дополнително повторно ќе бидат наградени работниците во МВР", додаваат од Синдикатот.

Од таму дополнуваат дека најстрого се спротивставуваат на вчерашната одлука и апелираат оваа одлука Министерството за финансии да ја преиспита и на седница на Влада да се потврди барањето на Чулев за исплата на 15.000 денари на вработени во МВР. Во меѓувреме, Чулев ги повика полициските синдикати да се спротивстават на одлуката на Владата.

Денеска со реакција се огласи и Македонскиот полициски синдикат кој за себе вели дека е единствен репрезентативен синдикат на полицијата со барање за повисока награда.

„За нас како единствен репрезентативен синдикат на полицијата сумата од 15.000,00 денари е потценувачка и омаловажувачка поради што од министерот бараме под итно да изнајде начин и парични средства и на сите вработени во МВР да им се исплати парична награда во висина од најмалку 25.000,00 денари“, соопштија од Синдикатот.

Оттаму додаваат дека се надеваат и на јавна поддршка за ваквото барање бидејќи сите граѓани биле свесни за жртвата и посветеноста на припадниците на МВР во насока на зачувување на здравјето, имотот на граѓаните и јавниот ред и мир во овој период на владеење на светска пандемија од вирусот ковид-19.

 

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе

Откако не успеа во приказот на Мицкоски како екстензија на Груевски и на опозицијата како „анти-западна“, со изјавите неделава Заев покажува дека негов рецепт за изборна победа е само што помала излезност без учество на опозицијата.

повеќе