Синдикатот на Клинички против формирањето синдикат на УКИМ, за ректорот Јанкуловски тој не е спорен

Синдикатот на Клиничкиот центар категорично се спротивставува на иницијативата за формирање синдикат на УКИМ затоа што потекнува од министерот за образование, а се спроведува преку другите работодавци, што претставува директно мешање на власта во синдикалното организирање. Од друга страна ректорот Никола Јанкуловски вели дека формирањето на синдикална организација на универзитетите не е спротивно со ниеден закон.

 

Од Синдикатот на Клиничкиот центар го повикуваат членството да не пристапува кон овој синдикат, кој, како што се наведува во соопштението, се формира директно по налог од работодавецот.

„На оние што веќе потпишале им укажуваме дека постапката за основање и дејствување на овој синдикат е спротивна на законот. На оние што во име на единицата доставуваат пристапници за овој синдикат, кој се формира директно по налог од работодавецот, им укажуваме дека прават или направиле постапки спротивни на законот“, се наведува во соопштението.

„Во електронскиот допис со работен наслов ‘Основање синдикат на УКИМ’, генералниот секретар на УКИМ во прилог доставува документација поврзана со иницијативата, односно барањата на Министерството за образование и наука на РСМ во согласност со темата на дописот, при што одредува рокови и замолува за придржување до нив. Во воведот на документот во прилог на дописот со наслов ‘Основање синдикат на вработените во УКИМ’ се укажува дека на состанокот од страна на министерот за образование и наука со ректорите и генералните секретари на јавните универзитети во РСМ на присутните им било кажано дека поради планираното зголемување на платите на вработените на јавните универзитети во висина од 10 отсто, почнувајќи со платата за јануари 2020 година, потребно е да се склучи колективен договор и да се формира синдикат на вработените на УКИМ. Во понатамошниот дел на документот се укажува на единицата (факултет или научен институт) да ‘пушти пристапници за членство до сите вработени на единиците (наставен и ненаставен кадар)’, а ‘копии од пристапниците да се достават до генералниот секретар’“, појаснуваат од Синдикатот.

Во соопштението се наведува дека иницијативата, содржината и препораките изразени во дописот и документот се директно спротиставени на конвенцијата бр. 87 на Меѓународната организација на трудот за слобода на здружување и заштита на правото на организирање, 1948, која Република Македонија ја има ратификувано на 17.11.1991 година, на членот 37 од Уставот, а особено на

членот 195 од Законот за работните односи, во кој јасно се укажува дека работодавците и нивните здруженија не смеат да имаат надзор над основањето и дејствувањето на синдикатите.

„За неверување е препораката на генералниот секретар на УКИМ и од него утврдената членарина од 50 денари месечно да се уплаќа на приватна сметка на идниот претседател, со тоа што тој ќе потпише изјава дека ќе ги префрли на сметката на синдикатот кога таа ќе биде отворена. Истовремено, крајно понижувачка се намената и целта за формирање на овој синдикат, сведени само на покачување на платите на вработените од 10 отсто“, велат од Синдикатот.

Од таму велат дека постапувајќи по дописот на генералниот секретар на УКИМ и документот во прилог, во претходните денови била вршена агитација во одредени универзитетски клиники и институти, Стоматолошкиот клинички центар „Свети Пантелејмон“ – Скопје, а особено на Медицинскиот факултет, УКИМ Скопје, за зачленување членови на Синдикатот на Клиничкиот центар од наставно-научниот кадар во овој синдикат во формирање.

Во меѓувреме со изјава се јави ректорот на УКИМ, Нјанкулосвки, според кого, формирањето на синдикална организација на универзитетите не е спротивно со ниеден закон.

„Кога станува збор за прашањето на јавен сектор, потпишувањето на синдикални колективни договори е секогаш меѓу основачот и синдикалната органзиација. Ние ректорите секогаш се трудиме да го подобриме квалитетот во високото образование, да ги подобриме условите за работа и стандарпт на вработените во универзитетите. Формирањето на синдикална организација на универзитетите секако дека не е контраиндицирано со ниеден закон. Тоа го дозволува и член 220 од Законот за работни односи. Неосновани се нападите врз нас ректорите затоа што законот тоа го дозволува да секој основач на јавна установа потпише договор со репрезентативна синдикална организација. Оваа шанса која ни е наведена за покачување на платите од 10 проценти сметаме дека не треба да се пропушти, особено кога се е во рамки на законската регулатива”, рече Јанкуловски.

Заради краткиот период,тој вели, на состанок на ректорите на јавните универзитети со ресорниот министер заеднички одлучиле со Министерството за образование и наука единствена точка на колективниот договор да биде покачувањето на платите, а потоа, додава, тој договор ќе се проширува со други точки, кои ќе бидат препуштени на автономното функционирање на таа синдикална организација.

 

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе