По владината најава за кастрење на буџетските трошоци

Синдикатите скокнаа како разбудени од сон, антикризните мерки не смее да се на товар на работниците

Како што препорача Владата  да се ревидираат и да се скратат сите расходи на институциите, а со цел справување со економската криза, така синдикатите го креваат својот глас. Владините препораки за намалување на расходите на буџетските корисници предизвикаа бурни реакции во јавноста. Синдикатите реагираат дека со тоа се кратат работничките права и дека не смее да се суспендираат колективните договори,

Ниту еден Колективен договор на ниво на гранка или општ колективен договор не може да биде откажан или ревидиран за одредбите кои имаат фискални импликации со притисок и уцена, едногласно заклучи претседателството на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) на последната седница.

„Нема да дозволиме намалување на работничките права преку кратење на плати, неисплаќање на додатоци и надоместоци од плата. ССМ и гранковите синдикати при ССМ нема да дадат согласност за какви било измени и дополни на Колективните договори во насока на намалување на работничките права. За ваквиот преседан со директно кршење на Уставот и националните закони како и меѓународните трудови стандарди, ССМ како репрезентативен синдикат ќе ги информира европските и светските синдикални организации, Меѓународната организација на трудот, Европскиот совет и сите надлежни институции на домашни и светски рамки", соопштија од ССМ.

Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ) е зачуден од предлог-мерките од страна на Владата во однос на Колективниот договор во културата, кој веќе трета година се применува со пропишана методологија за пресметка на плати, пишува во дел од реакцијата на СКРМ што денеска беше испратена до јавноста.

„Во време кога ЕУ поставува стандарди за 80 отсто покриеност на правата на вработените со колективни договори, секое менување и поистоветување со постоечки нефункционални пракси, кои во моментов генерираат проблеми кај различни категории на вработени во јавниот сектор се во суштина уназадување на правата на вработените и како такви ги отфрламе", велат од СКРМ.

Синдикатот ја повика министерката Бисера Костадинова Стојчевска да каже дали ќе ги спроведе заклучоците на Владата и дали доколку ги спроведе тоа би значело намалување на платите на вработените во институциите од културата. Синдикатот најави остри реакции ако биде донесен закон со кој би се утврдила методологија на пресметка и висина на плати, нешто кое, како што сметаат оттаму, треба да биде исклучиво преку колективен договор.

„Сѐ друго е тоталитарен механизам, кој им дава максимална контрола на работодавачите, а со тоа го убива социјалниот дијалог,“ велат од СКРМ.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) смета дека со најавениот план на Владата за фискална одржливост не може да бидат опфатени сите институции што се буџетски корисници поради нивната различна дејност.

„МИА е акционерско друштво во државна сопственост поради што е опфатена со владиниот план во кој е предвидено намалување на расходите, но предупредуваме дека дејноста која ја извршуваат новинарите и медиумските работници е од јавен интерес и, како што е познато, во услови на криза дополнително им се зголемува обемот на работа, но и одговорноста за нејзино професионално и објективно извршување.

Укажуваме и дека со намалување на средствата за буџетските корисници се опфатени и новите вработувања, со што исто така ќе се наруши процесот на работа на МИА.

Истовремено, остро се противиме и на делот од планот да се ревидираат колективните договори и сметаме дека на среден и долг рок тоа негативно ќе се одрази врз правата на новинарите и медиумските работници, но и на сите работници во државата", пишува во дел од дописот што ССНМ го испрати до Владата.

ССНМ предлага во подготовката на Планот за намалување на расходите да се изнајде модус со кој нема да биде предвидено намалување на платите кои и онака се просечни, а менаџментот на МИА да се спротивстави на укинувањето или намалување на додатоците на плата.

Само СОНК е задоволен од Владата

Зголемување на платите во градинките за 15 отсто и нивен континуиран раст со секое зголемување на минималната плата е една од најактуелните новитети во новиот колективен договор што вчера го потпишаа министерката за труд и социјална политика (МТСП), Јована Тренчовска и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков.

Новиот колективен договор предвидува учество на синдикален претставник во повеќе комисии во установата формирана од страна на директорот, се воспоставува право на приправникот приправничкиот испит да го полага по втор пат и се зголемуваат роковите за пријава на огласи за вработување во градинките.

Со Колективниот договор треба да се надмине проблемот со работното време на воспитувачите и негователите за реализирање на другите програмски активности во други просторни услови во установата или надвор од неа.
Договорот ќе треба да обезбеди регрес за годишен одмор, четири - часовно платено отсуство од работа во текот на месецот за извршување на итни, лични и неодложни потреби, се зголемуваат правата за слободни платени работни денови во текот на календарската година, се воведуваат јубилејни награди за работа во градинката.

Детално се уредува начинот на распоредување на работникот и обврските на работодавачот и се зголемуваат обврските на работодавачот во делот за безбедност и здравје при работа, надминување и трајно решавање на проблемот на помошно техничките лица во делот на платите и нивен континуиран раст со зголемувањето на минималната плата.
Колективниот договор предвидува и зголемување на додатоците и надоместоците на плата и се зголемуваат правата на работниците за време на штрајк.

Владата категорично - нема да имаа кратење на работничките права

Работниците и синдикатите да бидат мирни, никој ниту ги намалува платите на вработените, ниту нивните права, порача премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи ги реакциите од синдикатите по Планот за фискална консолидација што го усвои Владата за намалување на трошоците во буџетските институции.

„Целта не е да се кратат платите на работниците, туку тоа е план за фискална одржливост којшто содржи низа мерки во насока на консолидација на трошоците и подобрување на квалитетот на услугите коишто го добиваат граѓаните. Планот е документ којшто содржи мерки и препораки за рационализација на расходите и подобрување на приходите во прилог за одржување на макроекономската стабилност, која што е многу важна во услови на ваква криза и како дел од борбата на Владата против ефектите од енергетската и ценовната криза“, рече Ковачевски, во одговор на новинарско прашање на последната прес-конференцијата на која беше претставен новиот модел за субвенции во земјоделството.

Тој соопшти дека е донесена одлука да бидат ревидирани менаџерските договори во голем број институции под ингеренции на Владата, а Комисијата за економски систем е задолжена да ја дефинира новата форма.
Ковачевски прецизира дека консолидацијата на расходите во државните институции, вклучително и на јавните претпријатија и трговските друштва преку консолидација на трошоците за плати не значи намалување на платите.

„Тоа значи рационализација и оптимизација на вработените коишто секој ден се на работа во јавниот сектор врз основа на функционална анализа, бидејќи секој раководител, секој директор во секоја институција, треба да поседува знаење за да може да управува со ресурсите коишто му се доделени“, вели Ковачевски и додава:

„Тие мора да воспостават системи во зависност од природата на работат и да воспостават работа од дома. Да воспостават 30 проценти на пример од вработените да бидат на таква ротација. Треба да воведат ротирање на вработените и притоа кога ќе го направат тоа, ќе се намалат трошоците за електрична енергија, за греење, оперативни трошоци. Со тоа се намалуваат трошоците поврзани со вработените“.

Тој посочи дека треба да се делува и во усогласување на платите затоа што постојат, како што рече, институции каде директорите и членовите на управните одбори добиваат несразмерно повисоки плати споредено со обврските што ги имаат на пример претседателот на државата или министрите.

Раководителите на институциите, на јавните претпријатија, на трговските друштва во државна сопственост да го прават тоа што го прави и приватниот систем, да воведат менаџмент систем со ротација на вработени, да се намалат или да имаат поголема контрола во делот на исплатата на прекувремени часови, кои може да се менаџираат и со годишните одмори - кога и како ги добиваат вработените.

„Постојат повеќе алатки, инструменти и практики коишто менаџерите во овие институции можат да ги користат, но тоа не значи дека некој ќе дојде кај некого и да го намали договорот за работа и да добиваат помала плата. Целта е сите да добиваат поголема плата, но да се зголеми ефикасноста, како во делот на договорни услуги, дали на пример, вие имате редовно вработени и имате вработени под договор“, посочи Ковачевски, истакнувајќи дека намалувањето на трошоците за плати не значи и намалување на платите на вработените.

                                                                                                       Искра Опетческа

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе