Директорот на Државниот завод за статистика во разговор за МКД.мк

Симовски: Со пописот ќе го изброиме резидентното и нерезидентното население

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во разговор за МКД.мк вели дека со пописот на населението нема да се отстапи од препораките на Еуростат и дека ќе се дефинира бројката на жители во земјава која ќе биде испратена до Обединетите нации како резидентно население. Воедно, за дијспората ќе се добијат поблиски податоци со цел државата да може да гради политики за спречување на иселувањето и за враќање на дел од емиграцијата. Политика и манипулации со пописот нема, категоричен е Симовски.

Откако се одложи Пописот на населението оваа статистичка операција полека се поттиснува во втор план поради разгорувањето на епидемијата и здравствената криза. Но иако Законот за попис не е променет и методолгијата за неговото спроведување останува иста и натаму актуелни се политичките несогласувања околу попишувањето на резидентното и нерезидентното население, населението кое живее во Македонија и во дијаспората.

ВМРО-ДПМНЕ, чии пратеници гласаа за измените на законот со кој пописот само е одложен, останува на ставот дека иселениците не може да бидат вброени како население на Македонија. Лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски деновиве изјави дека ВМРО-ДПМНЕ прифаќа само евиденција на дијаспората.

„Попишувањето на дијаспората само како евиденција ќе го третираме. Точно се знае што значи евиденција на дијаспора, точно се знае што значи попис на резидентно население. Јас тоа не го измислувам, би рекол дека е тоа содржано во првите три реченици во методологијата на Еуростат", изјави Мицкоски во интервју за ТВ21.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во разговор за МКД.мк вели дека зборот евиденција не постои во законот, туку единици на попис

„Со методологијата е предвидено кои се тие единици на попис, тоа се населението, домаќинствата и друго. Методолијата за пописот нѝ е комплетно усогласена со Еуростат, а потврда за тоа даде и портпаролот на оваа инстуција. Политичарите можат да даваат какви сакаат толкувања, па и да го употребат зборот евиденција кој е погрешен, но ние од Заводот не можеме. Станарадите се на Обединетите нации, а прифатени од Еуростат која институција ги дава како препораки. А во тие препораки се вели дека се попишува резидентното население, значи кое живее во земјава, а дека земјите кои имаат проблеми во поглед на сознанија за емиграцијата, дека можат и дека е пожелно, да приберат податоци за лицата кои емигрирале. Токму затоа, бидејќи за Македонија е горлив тој проблем, со пописот правиме обид да добиеме што е можно поточни сознанија за нашата емиграција.

На нашето прашање дали кога пописот ќе заврши и ќе се објават резултатите, ќе се брои само резидентното население, Симовски вели:

„Ние ќе го броиме и резидентното и нерезидентното население, но ќе ги одвоиме по категории, бројот на резидентното население ќе го испратиме до Еуростат и до Обединетите нации, а нерезидентното ќе го прибереме за нас, како сознание за идни политики на државата. Нерезидентното население, односно нашата дијаспора, ќе се брои во државите каде тие живеат. Тој е стандардот и ние не излегуваме ниту милиметар од тие меѓународни регултиви. Како со тие податоци ќе се однесуваат партиите не можеме да навлегуваме, тие тоа некогаш го прават заради сопствен рејтинг, а некогаш со одделни изјави и поради неразбирање на материјата".

На прашањето дека стана евидентно пред одложувањето на пописот дека партиите различно го третираат прашањето за попишувањето на дијаспората и дека тоа се претвори и во своевиден меѓуетнички натпревар Симовски вели дека македонската држава ќе гради развојни политики врз база на резидентното население. Прашањето пак за бројот на емиграцијата е исто така битно државно прашање, но гледано од друг агол, кој нема ниту етничка, ниту верска, ниту пак, партиска димензија.

„За државата е важно да дознае колкава е емиграцијата, како е распоредена низ светот, кога биле главните бранови на иселување од Македонија, од каде најмногу луѓе тргнале кон светот и од кои причини. Државните органи овие податоци ќе ги анализираат со цел да градат соодветни политики како да го сопрат иселувањето и како да се вратат дел од иселениците. Значи, причините се развојни, а не политички".

Симовски нагласува дека доколку не се попишуваше дијаспората, тогаш во извесна мерка ќе имаше проблеми за дел од иселениците членови на нивни семејства или нивни роднини кои живеат во Македонија, да се обидуваат да дадат погрешни податоци како да се тука присутни, од неинформираност и од неоправдан страв дека нивните блиски би можеле да загубат некои права, да го загубат македонското државјанство, имотот или слично.

Неодамна на прашањето од МКД.мк упатено до Еуростат за попишувањето на граѓаните што се отсутни од Македонија, добивме одговор: „Се советува отсутните граѓани што живеат во странство 12 месеци или подолго да не се вклучуваат во резидентното население. Сепак, државите можат, ако сакаат, со пописот да соберат информации за овие емигрантски групи, но тие мора да бидат одвоени од информацијата за резидентното население". Прашан за коментар, Симовски вели:

„Токму така. „Тоа ние и ќе го направиме со пописот, ќе ја имаме бројката на резидентно население и ќе ја испратиме до Обединетите нации. Но, ќе прибереме и податоци за дијаспората, како податоци кои е потребно државата да ги има. Се разбира не нѝ помислуваме како население на државава да броиме, на пример, иселеници во Канада кои таму живеат и кои ќе бидат опфатени со тамошен попис на населението. Таман работа да ги удвојуваме бројките. Еуростат им препорача на земјите членки на ЕУ, а Македонија е кандидатка за членка, попис на населението да спроведат во 2021 година, и дека е задолжително да соберат податоци за резидентното население".

Откако пописот се одложи, опадна и заинтересираноста на дијаспората за самопопишување, што е евидентно од секојдневниот извештај на Заводот за статистика. Во овие неколку дена само неколку нови самопопишани бележи статистиката.

Симовски вели дека е тоа нормално имајќи предвид дека иселениците следат вести од земјава. Но верува дека самопопишувањето ќе продолжи бидејќи ќе трае до крајот на пописот во земјава, до 30 септември. Дотогаш повторно ќе се засили кампањата, вели директорот.

„Но, одлична е оваа бројка од 183.080 лица, македонски државјани, кои до утрово до 8 часот се самопопишаа преку интернет апликацијата. Тоа е веќе значаен податок. Сѐ уште е мал одзивот на дијаспората во некои држави, особено во прекуокеанските земји, а најкарактерстични се Австралија и Канада, додека извесен прогрес бележиме во САД Веруваме дека сега, откако и ВМРО-ДПМНЕ поактивно се вклучи гласајќи за законот и повикувајќи ја дијаспората да се попише, дека и таму бројките ќе растат", нагласува Симовски.

Тој вели дека Државниот завод за статистика не престана ниту еден ден со подготовките за пописот, кој во земјава ќе се одржи од 5 до 30 септември. Неизвесен ќе биде кадровскиот состав на попишувачите на терен, бидејќи поради одложувањето не се знае колку од пријавените и примени попишувачи ќе останат, имајќи предвид дека некои можеби ќе најдат друго вработување или едноставно ќе се откажат.

Панта Џамбазоски

Објавено

Вторник, Април 6, 2021 - 13:18

Критики за тоа дека треба да се слушаат критики од членови, зошто е разрешен Стојко Пауновски, зошто Максим Димитриевски не е член на Централен одбор, беа искажани на последниот конгрес на СДСМ кој се одржа во неделата.

повеќе

Владите ширум светот имаат тенденција да ги следат своите национални интереси, наместо да следат глобално координиран пристап.

повеќе

СКСМ - комора на иднината, САП системите - иднина на македонскиот бизнис.

повеќе