Според директорот на ДЗС

Симовски: Рокот за пријавување попишувачи пак е продолжен, ако не се пријават ќе се снаоѓаме со тие што ги имаме

Повикот за пријавување попишувачи е продолжен за уште една недела и ќе трае до 24-25 август. Во периодот на претходното продолжување се пријавиле околу илјада кандидати за попишувачи, но колку точно ќе фалат ќе се знае утре кога тие ќе треба да дојдат на тестирање, вели директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски за МКД.мк.

Според Симовски, и по истекувањето на вчерашниот рок за пријавување, ситуацијата е иста како и претходно, пак најслаб одѕив има во скопските општини, Струмица, Ново село и во реоните со мнозинско албанско население. Што се однесува до инструкторите, за нив има доволно пријавени кандидати и за нив конкурсот е завршен.

„Не знам точно колку попишувачи ќе фалат, бидејќи и да има 10 илјади пријавени, ако не дојдат на тестирање, бројката нема да биде точна“, вели Симовски.

На прашањето што ако и по неколку продолжувања на рокот не се пополни бројот на потребните попишувачи, директорот на ДЗС вели дека до 28 август кога започнува обуката на попишувачите има доволно време. Доколку, пак, и до тогаш не се пријават доволно кандидати, Симовски вели дека ќе се снаоѓаат во различни ситуации и дека сѐ зависи од која структура и колку луѓе ќе фалат.  

„Пописот ќе се спроведува со тие што се на располагање. За Пописот имаме 26 дена (досегашните пописи беа 15 дена) и сега ќе има време, ако е потребно еден попишувач да помине и 2 и 3 пописни круга. Тоа не ни беше идеја на почетокот, но секогаш има алтернатива. Од друга страна, тоа не мора да биде потешкиот пат, како што вие велите, туку може да биде и полесен бидејќи имаме готови обучени попишувачи, па ако му требале првиот пат десет дена за попис, ќе може да го заврши за седум“, ни изјави Симовски.

И тестирањето и попишувањето, како што додава тој, ќе се врши според строги протоколи кои беа донесени уште пред април во услови кога имаше исто така високи бројки на заразени. Сега, според Симовски, ќе се оди и над тие протоколи, па пописот, онаму каде што им услови, ќе се врши надвор, на отворено. Исто така, ќе се инсистира граѓаните да носат маски, а доколку има некој заболен ќе се чека тој да излезе од изолација и да се дојде друг ден, или член на семејството да даде податоци, бидејќи заболениот е тука, присутен.

Симовски не размислува за опцијата пописот да биде повторно одложен иако има некои кои постојано бараат. За нив вели дека целта им е да нема пописот, дефинитивно и секогаш ќе бараат изговори, па и по две години да биде и тогаш ќе бараат некоја причина да нема. Тој не се согласува со тврдењата дека не е безбедно попишувач да ви дојде дома.

„Јас најодговорно тврдам и ќе сносам одговорност ако не е така, дека поопасно е да влезете во продавница отколку да ви дојде попишувач дома, бидејќи ќе го направи тоа по сите протоколи, никого нема да доведе во опасност. А во продавница одиме со маските под нос и тоа не е проблем. Во кафеаните не е проблем да се седи, на плажа не е проблем да се оди, во странство исто така не е проблем да се оди, а проблем е попишувачот да ви дојде дома“, вели Симовски.

Во однос на вакцинирањето на попишувачите, на почетокот една третина од нив биле вакцинирани, а од остатокот повеќе од половина изразиле желба да се вакцинираат ако ДЗС им организира вакцинација. Во Министерството за здравство веќе е договорена вакцинација на попишувачите, се чуваат вакцини и вакцинирањето ќе се спроведе после тестирањето. Но, од кандидатите за попишувачи не смее да се бара да бидат вакцинирани, бидејќи вакцинацијата не  е задолжителна.

Ж.П.Б.

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе