„Нема да дозволиме пописот да стане политичка операција“

Симовски: Подготовките за пописот на 1 април 2021 не престанале, се чека само законот за попис

Државниот завод за статистика никогаш не престана со подготовките за пописот. Се подготвуваме постојано, а во моментов единствениот проблем е носењето на законот за попис, вели директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски во изјава за МКД.мк.

Симовски ни изјави дека имале разговори со Владата и добил уверување дека законот за попис, како еден од оние што чекаат од минатиот парламентарен состав веднаш ќе се стави во процедура откако ќе се формираат собраниските комисии.

„Во моментов ни е битно да тргне процедурата и се надеваме дека нема да има никаков проблем, дека ќе се усвои законот, бидејќи пописот ни е неопходен“, додава Симовски.

Датумот за пописот и фиксиран на 1 април 2021, откако беше одложен лани заради најавените избори во април.

Што се однесува до законот за попис, Симовски вели дека при неговото изготвување имаше политички желби и во дискусија со политичките субјекти нешто е надминато, а нешто веројатни никогаш нема да биде надминато.

„Политички желби имаше и секогаш ќе има, но прашањето е дали ќе ги исполнуваме или не. Како институција сме решени овој попис да биде исклучиво статистичка операција, а не каква било друга. Имаше желба да има државна пописна комисија како што имаше претходно. Политичко тело да спроведува попис. Нешто што не може да се прифати во старт. Ако тоа беше причина за пропаста на пописот во 2011 како ќе го имплементираме повторно. Барем да учиме од грешките. Пописот ќе си го спроведува Заводот за статистика како стручна и компетентна институција. Не може да дозволиме пописот да стане политичка операција“, потсетува Симовски.

Во однос на попишувањето на македонските државјани во странство, тој уште кусо потсети дека на 1 март в година ќе биде отворена апликација на веб страницата на Државниот завод за статистика и македонските граѓани во странство ќе можат да се самопопишуваат како примарна можност. Оваа можност ќе биде отворена речиси два месеца, додека заврши пописот во земјава. Втората можност ќе биде нивните блиски во земјава да дадат податоци, за што, вели Симовски, сѐ ќе се проверува преку базите на податоци во државата.

„Ќе се попишуваат сите што се надвор од државата и овде, вклучувајќи ги и присутните странци кои живеат во земјава подолго од една година, освен персоналот во странските амбасади.

Во резидентно население ќе влезат граѓаните во земјава и нашите државјани што се  во странство до една година, како и оние што се пратени на работа таму, војниците во мисии, дипломатите и слично. За тие што се надвор од земјава подолго од една важно ни е да знаеме колку ги има, од каде отишле, колку долго се во странство, каква е нивната образовна структура и слично. Тоа се исклучително корисни информации за државата“, додава Симовски.

 Ж.П.Б.

 

 

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе