Предлогот за ставање на оваа точка како трета на дневниот ред на денешната седница беше на барање на партијата Преродба и на собраниската комисија за политики за Бугарите во странство.
Потпретседателот на бугарскиот парламент Росен Жељазков на почетокот на седницата соопшти дека добиле допис од МНР дека поради службено патување на Николај Милков надвор од државата, дебатата мора да биде одложена.
Инаку, министерот Милков вчера на средба во Брисел ги информирал колегите од земјите од Европската Унија за физичкиот напад врз Бугарин во Македонија, како и за други, според него, националистички напади врз Бугарите и побарал од министрите солидарност.
Тој кажал дека се надева оти нема Бугарија повторно да стави вето за преговорите на Македонија со ЕУ.
Вчера бугарскиот амбасадор во Македонија Ангел Ангелов беше повикан на консултации во Софија поради „сериозноста на ситуацијата во однос на правата на Бугарите" и „ескалацијата на злосторствата од омраза" во последните месеци.
Според бугарските медиуми, ова е последниот чекор пред прекин на односите помеѓу Македонија и Бугарија. Повлекувањето на Ангелов е најсериозната демонстрација кон Скопје што ја направи Софија.