Во изјава за МИА

Силва: Изјавата на Закаријаш е грешка, во португалскиот предлог има „македонски јазик“

Министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантош Силва, коментирајќи ги последните случувања околу содржината на португалскиот предлог за надминување на спорот меѓу Скопје и Софија, вели дека неговата државна секретарка згрешила, јавиува МИА од Брисел.

Силва на последниот ден од претседавањето со ЕУ, на прашање на МИА да ги разјасни дилемите што се појавија во јавноста околу деталите од португалскиот предлог порача дека тој содржи „македонски јазик“ и дека изјавата на државната секретарка, Ана Паула Закаријаш, во која таа користи „северномакедонски јазик“, е грешка.

„Не можете да очекувате од дипломати и политичари да бидат експерти по лингвистика, не ја поминуваме секоја секунда од секоја минута од секој час, секој ден во употреба на соодветни прецизни термини од научна гледна точка, кога мојата заменичка се осврна на македонскиот јазик таа сакаше да каже македонски јазик“, рече Силва.

Тој додава дека дека содржината на португалскиот предлог е прифатена од македонска страна и може да биде прифатена од бугарска страна.

„Сметаме дека предлогот што го поднесовме и кој беше прифатен од Северна Македонија и мислам дека Бугарија може во блиска иднина да го прифати исто така, е многу јасен, зборуваме за македонски јазик и предлагаме со унилатерална декларација поддржана од декларација на Советот на ЕУ секоја земја да ја дефинира својата позиција. Македонскиот јазик е јазик дефиниран согласно со Уставот на Северна Македонија и е кодифициран во 1945 година, но ако сакате да ја знаете позицијата на португалското претседателство, прочитајте го текстот“, порача Силва.

Тој смета дека не е на ЕУ да има улога на „јазична полиција“ и дека тоа не помага во наоѓањето решение.

„Прашањето е премногу емотивно и треба да внесеме разум, најдобар начин за тоа е да се разгледа пишаниот текст”, рече Силва.

Тој уште изрази надеж дека Словенија од први јули ќе има можност да го оствари усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија и Албанија, во што Лисабон не успеа.

„По изборите во Бугарија има можност и Словенија може да ја искористи за да го надмине овој ќорсокак“, рече министерот.

Силва се осврна и на принципот на вето во Европската Унија.

„Фактот што ни е потребна едногласност и право на вето исто така значи обврска за земјите да изградат консензус. Во Португалија би било неприфатливо земјата да го инструментализира ветото за да спречи консензус во ЕУ, јас би бил критикуван за такво нешто, незамисливо е една земја да се стави во положба да го користи правото на вето за да попречи формирање на одлука во Советот, едногласноста е важна поради националниот интерес, треба да го почитуваме тоа, но не можам да помислам на едногласноста без да помислам на обврската да придонесам кон консензус“, вели Силва.

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе