Претседателски избори 2019

Сиљановска во Ѓорче Петров: Компромиси со правото не правам, правото треба да се спроведува

Само со право и правда и само околу правото и правдата може да има вистинско сојузништво меѓу луѓето без оглед на етничката, јазичната, верската припадност. Се друго е пазар и илузија, изјави вечерва Гордана Сиљановска-Давкова која присуствуваше на трибината насловена „Со гласање до одлука за нашата судбина" во скопската општина Ѓорче Петров.

Сиљановска рече дека е благодарна на сите граѓани кои ѝ дале поддршка на 21 април и дека ќе може да го исполни она што го ветила, потенцирајќи дека на претседателските избори се гласа за човек кој ќе ја води нацијата и ќе работи во интерес за сите граѓани. Таа додаде дека само со масовна поддршка ќе се спречи гласањето на претседател на државата во Собранието.

„Јас сум неверојатно благодарна на граѓаните оти се надевам дека ќе дојде денот кога нема партиите да бидат тие кои ќе тргуваат со граѓанските гласови, туку секој сам индивидуално ќе си го искористи своето избирачко право зад кутијата верувајќи дека гласа, особено на претседателските избори, не за партија или не само за партија, туку за личност. Затоа јас сум една од оние кои се огромни противници за избор на претседател во Собранието. Граѓаните се помудри, граѓаните знаат да направат прав избор“, кажа Сиљановска, кандидатката за претседател на државата на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа го искоментира и резултатот од првиот изборен круг на претседателските избори.

„Резултатите од првиот круг испраќаат порака до власта која иако се нарекуваше реформска влада, таа освен со промена на името не може да се пофали со ниту една друга вистинска и суштинска реформа потребна на Македонија, за подобар живот на граѓаните во Република Македонија.

Резултатите од првиот круг многу кажуваат, но испраќаат и порака. Затоа го имате моето ветување дека јас компромиси со право не правам. Правото треба да се спроведува, за него не треба никој да преговара, ни партија, ни личност. За жал, тоа го прават“.

Таа додаде дека ќе си ги ограничи претседателските привилегии бидејќи лично таа смета дека е срамота да се има толку советници и министри, заменици директори на директорите во држава која што е сиромашна.

„Реформата треба да почне од оние на власт. Како што јас ќе си ги ограничам привилегиите, така мислам дека една одговорна власт требаа да сфати дека вака веќе не може. Слушнавме од Меркел, слушнавме од Хојт Ји, од Макрон, од кого ли не слушнавме доста е со глумење демократија на Западниот Балкан, доста е со импровизации, доста е со глумци“, објасни Сиљановска-Давкова.

На крај таа додаде дека би била среќна доколку Македонија добие датум за преговори, но за жал е се подалеку за почеток на преговори со ЕУ.

„Ние сме далеку од почеток на преговорите, ние сме далеку од ЕУ. Во ЕУ се оди со владеење на правото, со просперитетна економија, со корупција и криминал сведени на нула, со крај на непотистичките вработувања... Но, за жал Македонија не е таква земја“, кажа Сиљановска Давкова.

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе

Дали ние, луѓето, сакаме да продолжиме да живееме добро и безбедно на оваа планета?

повеќе