Претседателски избори 2019

Силјановска пред меѓународниот суд би оспорувала одредби од Преспанскиот договор, Пендаровски ѝ порача да ја согледа реалноста

Силјановска Давкова ќе го употребува новото име Република Северна Македонија, бидејќи тоа сега е дел од Уставот, доколку биде иден претседател. Таа ќе ги почитува написите на институциите, но лично како индивидуа секогаш кога ќе може ќе го избегнува новото име. Пендаровски напомена дека спорот бил асиметричен од самиот почеток, но оти со помош на големата поддршка од меѓународната заедница конечно е решен.

Кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска, кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, и кандидатот на Беса и Алијансата за Албанците, Блерим Река, денеска во првата ТВ-дебата на Телма ги спротивставија ставовите за повеќе прашања, а едно од нив беше и Договорот од Преспа и новото име, Република Северна Македонија.

За Река договорот е вин-вин ситуација, Грција го сочувала своето античко минато, а Македонија ја доби својата европска иднина.

„Во период од десет години во Македонија од преголемата љубов кон нацијата можевме да ја загубиме државата, имавме суфицит на етнички национализам, имавме дефицит на државен патриотизам“, рече Река и додаде дека со Договорот не сме ја загубиле државата, таа е истата, со Македонци и македонски јазик.

Пендаровски напомена дека спорот бил асиметричен од самиот почеток, но оти со помош на големата поддршка од меѓународната заедница конечно е решен и двете земји постигнаа договор, а вратите на земјата за НАТО и ЕУ се отворија. Тој како ризично го оцени преотворањето на спорот и ја праша Силјановска дали планира тоа да го стори за евентуално да добиеме подобар договор.

Силјановска одговори дека основен постулат во меѓународното право е симетричноста на преговарачите и нагласи дека нема да го преотвори Договорот заедно со опозицијата, туку ќе оди по правен пат. Таа додаде дека темелот на Повелбата на Обединетите нации е јус когенс – задолжително меѓународно право, кое меѓу другото се базира на правото на самоопределување и немешање во внатрешните работи.

Силјановска појасни дека со оглед на тоа што Меѓународниот суд во Хаг е задолжен за Договорот, доколку дојде до спор во однос на имплементацијата, може да ѝ се укаже на едната страна, да се реагира до генералниот секретар, а потоа може случајот да се најде пред Судот во Хаг. Таа рече дека трета страна не може да биде обврзана со билатерален договор, дури и третите страни што нè признале под името Република Македонија можат да одбијат да го користат новото име, па случајот да се најде пред Меѓународниот суд.

„Во име на владеењето на правото и почитувањето на јус когенс еден ден со правни аргументи можат да се оспорат низа решенија од Преспанскиот договор“, рече Силјановска.

Пендаровски нагласи дека се согласува со задолжителното меѓународно право, но напомена дека без поддршка од меѓународните фактори земјава не може да дојде дури ни до некакво изедначување на преговарачките позиции.

„Сето ова теоретски е така, но практично да ве прашам, повторно ќе одиме пред Меѓународниот суд за правда и така ќе се обидеме да го оспориме Преспанскиот договор? Во 2008 тужевме, во 2011 добивме кристално јасна правна пресуда во наша корист, што направивме за тоа во политичка смисла? И додека вие преку тие агенции за протокол на ОН и повторно преку меѓународниот суд за правда се обидувате да донесете подобар договор со Грција, што ќе правиме во меѓувреме, нема да бидеме членка на НАТО, мислам дека е многу ризично дека и во оваа позиција тоа да го кажуваме“, рече Пендаровски и додаде дека земјава за Договорот ја доби поддршката од светските сили, од светските лидери.

Силјановска одговори дека нејзе како припадник на академската фела токму во сферата на уставното право ѝ доликува да се повикува на задолжителното меѓународно право, кое, како што рече, ако се предочи во правна процедура, ќе биде разбирливо и за Трамп и за Меркел. Истакна дека е свесна дека меѓународниот поредок е заснован на сила, а не на правда, но денес сите во Европа зборуваат за потребата од јуридизација на политиката.

„Јас мислам дека зборуваме за две различни работи, за светот на правниците и за светот на политиката, за кој и на лаиците им е јасно, за жал, кој е доминантен. Јас најпријателски ве советувам да се кандидирате за декан на некој правен факултет, а не за највисоката политичка функција. И јас сум професор и сум доктор по правни и политички науки и ви кажувам на оваа функција не оди само со правниот авторитет. Да ги занемарам Меркел, Макрон и Трамп и да им кажам сега ние ќе направиме јуридизација на политиката, тука од Скопје, и целиот свет, замислете, ќе нè следи“, ѝ порача Пендаровски.

Таа му одговори дека нема зошто да се кандидира за декан, дека има големо академско искуство и му рече на Пендаровски дека тој нејзе ѝ личи на венециски трговец.

Река напомена дека меѓународните договори што ги потпишуваат две страни мошне тешко се менуваат унилатерално и додаде дека тој повеќе стравува оти Договорот може да претрпи промени од грчка страна, доколку таму на власт дојде некој што е подесничарски и понационалистички настроен.

Сите тројца кандидати за претседател на државата вечерва во првата ТВ-дебата се претставија како натпартиски кандидати, иако зад нивните кандидатури стојат политички партии, а новинарката што ја водеше дебатата им забележа дека на нивните митинзи доминираат лидерите на партиите.

Кина му дава на регионот нова надеж додека сонот за ЕУ се распаѓа, вели Политико.

повеќе

Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и нема ништо лошо побрзо и да оди напред.

повеќе

Сега, додека балканскиве политичари ќе шетаат низ духовноста како волови во свила - каде им се врвните интелектуалци што би внеле елеганција во совладување на споровите?

повеќе