Претседателски избори 2019

Силјановска: Не сум талибанка, предавам уставно право, се разбира дека немам намера да ги симнувам натписите со Северна Македонија

Ако победи, упорно ќе работи на промена на Уставот, на почитување на меѓународните стандарди и на воведување меритократија во државната администрација, вели кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, Гордана Силјановска Давкова, во интервјуто за МКД.мк. Таа вели дека треба највредните, најдобрите, најспособните да се најдат на политичките функции. „Ние верувавме дека ќе дојде животот, а сега ни е загрозен животот. Еден ден ќе нѐ проучуваат како сме успеале да преживееме на ваков процент на еколошко и политичко загадување“, вели Силјановска.

Бевте министерка во владата на Бранко Црвенковски. Би рекол, на време се повлековте. Во меѓувреме изградивте навистина впечатлива професорска кариера. Зошто се враќате во политиката?

- Да, по две години кус престој во политиката се повлеков. Го видов тој свет. Заклучокот беше дека работата во владата секогаш е тимска. И кога не се согласувате, вие сте дел од одлуките што важат за сите. Мора да бидете секогаш оптимист, а јас сакам да се сомневам во нештата, скептик сум, агностик сум. Некогаш сум песимист. Сметав дека подобар амбиент за мене е универзитетот.

Освен тоа, во политиката мора оној другиот да го гледате низ призмата на гласачите, затоа што едно е што мислите вие за него, а друго е што мислат граѓаните. Значи, не можете да го избирате соговорникот затоа што тој е избран од гласачите. Си заминав, реков дека ќе бидам правник и политиколог, а не политичар. Во научниот, образовниот свет се чувствував прекрасно. Сѐ до неодамна, кога почнав да се прашувам зошто ме прашуваат дали би прифатила да се кандидирам за претседател. Не ми беше јасно од каде тоа прашање. Но на крајот од годината ми беше предочено дека партијата ВМРО-ДПМНЕ би сакала да ме кандидира и ме прашаа дали би можела да размислам за ангажман за претседател на државата.

Прво бев шокирана, но потоа од различни страни, блиски, пријатели, па и претседателот на партијата, ме убедија да размислам за ова. Зошто се одлучив? Многу време ми требаше за размислување. Речиси цел месец, неколку пати бев пред донесување одлука да не прифатам, ама сето она што овие неколку години се случуваше во земјата ме натера добро да размислам. Што ако некој ден, некој што предавал за владеење на правото, за демократијата, ме праша зошто не реагиравте на нештата што беа незамисливи, промена на името во постапка далеку од законска, од уставна, прифаќање решение не само за надворешна, туку и за внатрешна употреба на новото име, кршење на постапката среде парламент со законот за амнестија и ратификацијата на Преспанскиот договор, за непочитувањето на народната волја на референдумот кога народот рече не, а власта си продолжи по свое...

Да не зборувам за претходното кршење на постапката и излегување на рамките на Охридскиот договор со Законот за употреба на јазиците... И така речиси на последниот ден од рокот за поднесување на кандидатурата, решив да бидам кандидат.

Велите дека кога бевте во владата со поинаква призма гледавте на работите. Низ која призма денеска ќе ги гледате работите?

- Целосно е сменет амбиентот. Кога јас бев во владата, таа влада немаше силно мнозинство во Собранието, беше составена од интелектуалци, професори, средината беше академска и мислам дека партиска послушност не постоеше, доаѓавме до добри решенија и бевме свесни дека постои опозицијата. Имаше многу надеж, голема посветеност, верба, скромност, неискуство... Македонија ги живееше тешките моменти, ембарго... Ние верувавме дека транзицијата ќе биде куса и дека брзо ќе влеземе во консолидација на демократијата.

И така веќе 30 години...

- За жал, да, 30 години. Неверојатно нешто. Сегашниот амбиент е поинаков од формирањето на оваа влада, па до денеска. Постоеше надеж дека моделот на владеење ќе се смени, односно дека ќе се напушти авторитарната матрица што ја влечеме од титоизмот и за која има многу плоден амбиент на Западен Балкан.

Но лекциите останаа ненаучени. Во моментов дури ни начелото на поделба на власта не функционира. Сета власт е сконцентрирана во владата, да не речам кај премиерот. Британците велат дека премиерот им личи на месечина меѓу малите ѕвезди, а кај нас понекогаш ми личи на Амон Ра - сите одлуки се концентрирани на едно место, без кочници, нема две глави, а кога нема две глави, може да останете обезглавени.

Парламентот станува една чудна институција на тиранија на мнозинството, бидејќи опозицијата е целосно исклучена од процесот на одлучување. Значи го нема демократскиот микроскоп. И кога сте оставени сами на себе, правите грешки, и за жал, иако опозицијата е присутна, времето потсетува на она што се случи по моето заминување во владата, 1995 година, кога опозицијата излезе од Собранието, но власта си остана во еднопартиско собрание.

Овој парламент мене ми личи на комунистички парламент, без опозиција. Тоа е она што мислам дека сите нѐ обврзува, и новинарите. Гледам хорско пеење и кај новинарите и тоа многу ме загрижува бидејќи знам која е улогата на „демократските кучиња“, на чуварите на демократијата. И невладиниот сектор исто толку ѝ е потребен на демократијата. И тие наместо да бидат партнер, дел од нив се интегрираа во власта. Особено челниците. Се разбира дека останаа и критичари, поединци, но не можат да се чујат од овој владин хор.

Тројца универзитетски професори се кандидати за претседател на државата. Јавноста очекува една поинаква кампања, кампања на едно поинакво, академско ниво. Што очекувате Вие?

- Академскиот профил би требало да значи страсна, чесна, витешка битка со аргументи со знаење, а не ад хоминем. Но, да бидам искрена, јас засега не сум чула од противкандидатите поинакви изјави. За жал, јас сум редовно вивисецирана од ваши колеги, кои, замислете, во не знам колку колумни го анализираат мојот изглед, историја на семејството, на починат татко... немајќи респект дури ни кон оние што Македонија ни ја оставија на дланка, со што јас се гордеам.

Верувам дека никој од кандидатите нема да има ништо против ТВ-дуелите за време на кампањата... Се надевам дека нема да го прифатите ставот на претходното раководство на партијата што Ве кандидираше во однос на дуелите?

- Немам резерви. Но она со што веќе се соочив е реалноста во која понекогаш новинарите како да ми се противници, противкандидати. Тие не се тие што треба да гарантираат фер-дебата, да ја поттикнуваат новинарската љубопитност со право, да поставуваат прашања што не ни се допаѓаат, ама прашања што имаат врска со претседателските избори, со ставовите со континуитетот или дисконтинуитетот, дали се работи за Јануси со две лица, кои едно зборувале, друго правеле... Тоа е основната цел на новинарот.

Ако е за среќа, Македонија е мала земја и секој знае сѐ за нас, од основно училиште до високо образование, до вршењето на професијата, во другарувањето, во кусото политичко искуство, и тоа ви дава некаков духовен мир. Јас се обидувам да го игнорирам она што е ад хоминем и се разбира мислам дека фактот што имам идеи, што можам да внесам промени во вршењето на претседателската функција ми дава духовен комфор.

За кои промени зборуваме, што ново ќе воведете во претседателската функција ако победите на изборите?

- Не знам дали сега треба да откријам некои од главните адути. Но еве, да речеме дека секоја реформа почнува од нас самите. Јас веќе реков дека претседателот или претседателката треба да го живее животот на граѓаните. А јас сум тоа, не возам, се занимавам и со домашни работи, пешачам, не сакам некој да ме следи, се чувствувам безбедна...

Сакате да кажете дека, ако победите, нема да ги применувате тие безбедносни мерки, тие протоколарни работи, колони возила, прекини на сообраќајот?

- Колку што можам, тоа ќе го избегнувам. Навистина. Сѐ ќе сведам на минимум. Главната интенција ми е да предложам законски измени на овој закон за привилегии на претседателите. Тоа верувам дека дел од пратениците ќе го прифатат ако сакаме да го смениме моделот на владеењето со Македонија, континуитетот поради кој сме во политичка бара или во жив песок или во некоја крчма на Крлежа во која Глембаеви се најважни во државата.

Мислам дека следната влада треба радикално да го намали бројот на министерствата, да ги укине замениците, да им стави крај на бесплодните советници што ни себеси не можат да се советуваат, а камоли владата, да им стави крај на заменик-директорите на јавните претпријатија...

Секогаш сум се залагала, а сега уште повеќе, за меритократија. Највредните, најдобрите, најспособните да се најдат на политичките функции што ќе биде инспирација за младите оти тие си заминуваат поради лошиот живот, а ние верувавме дека ќе дојде животот. А сега ни е загрозен животот. Еден ден ќе нѐ проучуваат како сме успеале на ваков процент на еколошко и политичко загадување да преживееме.

Тогаш би верувала дека е тоа реформа. Во мојот кабинет ќе седат луѓе без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност. Луѓе што знаат. Тоа ќе го почитувам за сите овластувања на претседателот поврзани со предлози за членови на Советот за безбедност, за гувернер, за уставни судии... Иако сега, морам да признам, актуелниот и претходниот гувернер се извонредни решенија. Тие се синоним за знаење и ние сме мирни во однос на стабилноста на денарот и добрата монетарна политика... За Уставниот суд тоа не можам да го кажам.

Овој состав на Уставниот суд е еден од оние што премолчија нешта. Сметам дека тие требаше да изречат привремена мерка во однос на Законот за употреба на јазиците не затоа што е тоа спротивно на уживањата на правата, туку поради постапката, поради решенијата донесени надвор од Уставот и Рамковниот договор. Ќе го употребувам инструментот вето секогаш кога тие постапки ќе бидат прекршувани. Ќе барам обраќање пред парламентот секогаш кога ќе увидат вакви неправилности, ќе го образложам зошто сум ставила вето... Мислам дека овој институт обраќање за кој пишува најмалку еднаш годишно, се претвори само во новогодишно обраќање. А тоа е моќен инструмент преку кој претседателот се обраќа до граѓаните и ги нотира проблемите што постојат.

Преспанскиот договор ќе биде една од главните теми на кампањата...

- Иако не би требало, затоа што е веќе донесен. Сега треба да гледаме кои проблеми ќе произлезат од него. Тоа е јасно.

Ако станете претседателка, како ќе се справите со тоа, знаејќи дека уште од самиот почеток сте против овие решенија од Преспанскиот договор? Вие ќе мора да седнете на маса, во фотелја, на конференција, на средба на која ќе бидете именувани како претседател на Република Северна Македонија, и во Македонија и во странство.

- Да. Во случајов актуелниот претседател е во огромна предност. Тој беше избран како претседател на Република Македонија, се заколна како претседател на Република Македонија и, се разбира, сака така и да го заврши мандатот.

Јас не сум тип на талибанка, талибанец, предавам уставно право, се разбира дека немам намера да ги симнувам натписите. Но отворено кажувам дека тоа решение не е решение што мојот ум и знаење за уставното право, а и срцето, ќе го прифатат. Јас ќе го држам отворено тоа прашање, ќе укажувам на правните дефекти, на задолжителното меѓународно право, на кршењето на Уставот како причина за преиспитување на тие решенија. Се разбира сето тоа во правна постапка, пред овластени институции.

А уште сега се прават грешки, и во фазата на спроведувањето на Преспанскиот договор не секогаш се води сметка и за решенијата од самиот договор. На пример, не звучи логично дека пред 12 институции треба да стои придавката „национална“, пред театарот да стои македонски театар, пред балетот национално, за МАНУ не знаеме. Легитимитетот на МАНУ, на институциите, произлегувал од државата затоа што таа ги финансирала. Таа теза не држи, особено вака селективно применета.

Се прашувам тогаш од каде произлегува легитимитетот на албанската сателитска телевизија? Од албанската држава? Или на ромската, на ромскиот театар или на турскиот театар? Не. Науката, креацијата, знаењето, уметноста се врзани за нацијата како збир на сите поединци. Ова национално не е апстрактна категорија. Секогаш треба да имате шанса да го замените. Во Франција национално е што? Француското. Во Грција грчкото, во Албанија албанското... А што значи во Македонија? Сакам да кажам тоа е проблем. За мене сериозен проблем е да оставите неколку луѓе да ја преиспитуваат историјата заедно со колегите од Бугарија или од Грција и да определуваат кој, чиј е настанот, личноста, дали е заедничка, чија била...

Веќе се сопнавме уште на првата лекција - чиј е Самоил.

- Да, добро рековте, со Самоил почна. Веднаш чувме на која линија се согласиле. Но прочитавме и многу поаргументирани реакции на специјалисти токму за овој период. Кој ги овластил, кој им го дал легитимитетот на тие луѓе, кои уште од стартот беа на линијата на Преспанскиот договор? Тоа значи дека тие не се таму поради знаењето, туку и поради партиската блискост.

Секој народ и како етнос и како демос има право на сопствена историја и може да ја пишува историјата по свое. Ова е непознат феномен, особено затоа што е орвеловски, под капата на државата на владата, односно на МНР. Не се одвива во академијата, на универзитетите, не е резултат на повеќегодишни расправи во луѓе од фелата, туку е ексклузивен процес и мислам дека е целосно нелогично вие и јас да сме учеле една историја, а сега нашите деца и внуци да учат нешто друго и ние да имаме чувство на целосна конфузија, па дури и вештачки срам дека нешто сме зеле, сме украле. И сето тоа треба да биде цивилизациска придобивка.

Промената на содржината во учебниците по историја е орвеловски процес и се плашам дека има елементи и на сталинизам. Се редизајнира историјата. Ме плаши она што го слушам од соседството. Професори од соседството велат дека во поновата историја никој не добил ваква можност како тие, да ја редизајнираат историјата, идентитетот и да го редизајнираат нашиот историски и културен наратив.

Во соседна Бугарија велат дека Грците ќе си ја земеле антиката, далеку од умот е дека хеленското наследство е исклучиво грчко, а дека Бугарите ќе си го земеле средновековието, а ние ќе останеме со што? Иако во Договорот од Преспа пишува македонски народ, македонски јазик, своја историја, но ќе се согласите дека Северна Македонија нема своја историја, тоа е двомесечна историја. Ништо во историјата не било врзано за придавката северна. Никаде и никогаш. А тие велат дека сме биле најмладата и најнова држава на Балканот, што не е точно. И јас кога сум цинична, велам дека Македонија е стара држава, барем 75 години, од АСНОМ. И тезата дека на некој што има 75 години му го менувате името, а си има свој идентитет, апсолутно не држи. Тој е обезличен субјект, обезличена жена, обезличена држава. И тоа е нелогично, не само од аспект на оние што тоа го прават, туку од каде правото сега од името на минатите и идните генерации вие да носите таква одлука. Мојата утеха е дена од Жан Жак Русо, преку Џеферсон и до најсовремените конституционалисти, сите велат дека секоја генерација има свое право, а ова право никој не може да ни го одземе.

Велите ќе барате промена на Уставот, најавивте формирање експертска група. Очекувате дека тоа ќе произлезе од нивните заклучоци?

- Не експертска група за ревизија. Ние веќе имаме рецензии на светски експерти за Договорот од Преспа. Јавноста е запознаена со нивните ставови. Тие се одважија да кажат дека се работи за повреда на правото на самоопределување, но и на културните и на политичките права. Тие проблеми се детектирани, напишани.

Јас реков дека имаме научни сознанија за кршење на Виенската конвенција за договорното право, тоа ќе го предочуваме секоја средба, на секоја конференција, и се надевам дека ќе се сменат околностите. Проблемот со името на Македонија е црно петно на совеста на Европа, рече еден од тие експерти. Кога еден ден ќе треба вие и јас да ги смениме личните документи и сами да се лажеме дека сме се родиле во Северна Македонија... тоа ќе биде болно. Јас не сум се родила во Северна Македонија. Треба да се води сметка за чувствата што не се случајни, туку се врзани за идентитетот на еден народ - на македонскиот народ. Никогаш никој не се довел во ситуација да признава јазик. Не употребувале луѓето говор на телото. Многу експерти го констатирале ова. Впрочем, тоа лесно се утврдува.

Партијата што Ве кандидира не успеа да се огради и да го осуди криминалот и корупцијата на своите претходници. Ќе се обидете ли во кампањата да го анулирате тој грев?

- Јас сум го критикувала груевизмот, сум протестирала против тој авторитарен модел на владеење. Но морам и ова да го кажам. Самото отворање на ВМРО-ДПМНЕ и давање можност некој натпартиски човек да биде кандидат зад кој тие ќе застанат, е веќе чекор напред, демократски чекор. Факт е дека таму се одвиваат реформи.

Сме ги чуле челниците на партијата како се оградуваат. Јас сум свесна дека ако излезам и сама се кандидирам, дека нема да можам да излезам на избори. Нашиот политички простор, за жал, е поделен помеѓу 2,5 партии - двете големи партии и една со која секогаш коалицираат и дека тука мора да има промени. Моите предлози дека треба да има помалку министерства, дека треба да се посегне по меритократија, дека треба целосна реформа на државната јавна администрација, департизација и деполитизација, дека треба да се стави крај на фамилијарното наследство во безбедносните служби...

Јас и не бев свесна дека толку длабоки корени има во однос на комунизмот. Тоа е неверојатно нешто. Сега ми стана јасно дека УДБА се регенерирала, дека сме „длабока држава“... За актуелната власт мислев дека научила лекции и дека ќе се справи со тие авторитарни модели, дека ќе ѝ стави крај на корупцијата, на криминалот, дека ќе се залага за поделба на власта... Тоа не го видов. Ние веќе немаме избор. Се надевав дека се свесни.

Сите партии во Република Македонија се карактеризираат со отсуство на внатрепартиската демократија, од првата до последната. Сите се инфицирани од комунистичкиот демократски централизам. Во нив нема фракции, нема тенденции, нема дебата, некои од нив се патронажни, други се султански. Всушност, треба да се влезе во партиското ткиво, кое клонира наследници. Ако тоа не се направи, тогаш тој патријархален партиски амбиент се сели во парламентот и во владата и тоа не е карактеристика само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на СДСМ и на ДУИ...

Еве гледаме како се донесуваа сите овие процеси во врска со промена на името, со донесувањето на законите. Ваквата внатрепартиска реформа треба да доведе до промена на изборниот модел, нови кокичиња да влезат во некое ново парламентарно мнозинство и субверзивно да го нападнат досегашниот модел на управување и владеење. Тоа во моментов не можат да го сторат затоа што политичкиот комфор е резултат на самиот изборен систем, а тоа треба да се проблематизира.

 А.Д.

Објавено

Петок, Март 15, 2019 - 11:50

Деновиве Владата донесе одлука за формирање на ново министерство. А и така, по глава на жител, верувам, рекордери сме по министерства и министри. Оттука, размислував зошто да не предложам да се формира уште едно – за „спречување автоголови".

повеќе

Денес, кандидати за политички функции се луѓето. Утре, тоа ќе го прават интелигентни машини. И, тие може и ќе победуваат, како што расте незадоволството на граѓаните од човечките политичари.

повеќе

Еден од начините на промовирање подобри меѓуетнички односи помеѓу децата е овозможување подолготраен контакт помеѓу нив што ќе овозможи создавање значајни индивидуални врски помеѓу децата.

повеќе