Општина Боговиње

Што се случуваше синоќа во Синичане, обвинителката Кадриу бараше полицијата да се повлече и рече дека Спасовски вреѓал (ВИДЕО)

Полицијата спречи градба на водовод во Синичане и не ги послуша наредбите на јавната обвинителка. Парцијални информации доаѓаа денеска за синоќешната несфатлива интервенција на полицијата во селото Синичане, општина Боговиње, при изградба на локален водовод. За време на инцидентот обвинителката Лејла Кадриу изјави дека премиерот Оливер Спасовски сите ги нарече криминалци. Зијадин Села вели дека се работи за бизнис интереси на ДУИ.

Присуството на дежурнaта јавна обвинителка Лејла Кадриу за време на вчерашниот судир во близина во селото Синичанe не помогна многу во решавањето на неразбирливата интервенција на полицијата за спречување на изградба на водовод. Се работи за општинска одлука за изградба на привремен водовод поради тоа што на овие горештини и епидемија на селаните итно им треба вода. Не е јасно уште зошто полицијата дојде и го запре копањето на канали за водоводот.

Обвинителката Лејла Кадриу излезе на терен за да ја утврди фактичката состојба, по пријава од тетовската полиција против градоначалникот на општина Боговиње за кривичното дело самоовластување. Но, Кадриу на местото на настанот истакна дека полицијата треба да се повлече Во меѓувреме, таа пред жителите кои протестираа, беше снимена како на телефон зборува со премиерот Оливер Спасовски. На снимката се слуша како Лејла Кадриу на Оливер Спасовски му вели: „Јас постапувам според законот. Јас не сум политичар. Вие го браните криминалот. Не може така да се однесувате со мене. Вие ме навредувате! Јас сум таа која и на Катица Јанева сум ѝ кажала дека го поддржувала криминалот“.

Лејла Кадриу

Спасовски денеска ги отфрли тврдењата на обвинителката Кадриу дека ја навредувал за време на телефонскиот разговор.

„Таа ми се јави синоќа околу 9 часот и нешто, разговаравме и јас ѝ реков дека не треба да ми се јави мене, туку до главниот обвинител и да постапува според законот. Толку“, изјави денеска Спасовски.

„Обвинителството ја даде својата наредба заснована врз кривична постапка, обвинителот ја води предистражната постапка и истрагата. Затоа сум на местото на настанот и наредив полицијата да се повлече од тука. Полицијата не ја почитува наредбата на обвинителството! Премиерот не даде причина зошто не ја повлекува полицијата, но рече дека ние тука сме криминалци со 5.000 жители кои протестираат овде“, изјави синоќа обвинителката Кадриу.

Денеска од Владата преку соопштение истакнаа дека прашањето во селото Синичане треба да се реши само во согласност со законот и целосно  почитивајќи ги надлежностите и хиерархијата на институциите. „Полицијата е на терен само за да обезбеди јавен ред и безбедност. Секој жител на нашата земја има право да има квалитетна вода за пиење, но таа постапка мора да биде во согласност со законот“, соопшти Владата.

Случувањата во Синичане со почетокот на изградбата на водовод ќе ги испитува и Јавното обвинителство. Оттаму попладнево информираа дека Вишото јавно обвинителство ќе го испитува предметот, како и постапувањето на тетовската обвинителка Лејла Кадриу.

Се јави и претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села. „Нема да дозволиме некој да се осветува на градоначалникот на Боговиње и на граѓаните на Синичане, заради тоа што некој сакал да направи бизнис со хидроцентрала на истото место каде граѓаните сакаат да земат вода за пиење“, изјави Села.

А.Д.

 

 

 

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе