Се работи само за обид да се оневозможи влез во веб – страницата на Народната банка или да се забави нејзиното фуникционирање, затоа овој напад е погрешно да се оквалификува како напад врз Банката, односно нејзиниот систем, велат од Народната банка за МКД.мк и уверуваат дека системот не ни можел да биде загрозен. Сметките и вкупното работење не беа цел на нападот, ниту би можеле да бидат загрозени“, велат од Банката.

„Се работи за ДДоС напад, во кој огромен број на фиктивни клиенти од различни локации се преправаат дека сакаат да добијат информации од страницата, поради што серверот се преоптоварува и му треба повеќе време за да одговори на барањата од реалните корисници. Тоа е напад кога се создаваат многу лажни адреси како ботови и наеднаш доаѓаат на веб-страницата и таа или побавно функционира, што може да се забележи кога подолго од вообичаеното ‘се попни’ страницата па бавно се отвораат, на пример, фотографиите, или пак, извесен временски период страницата воопшто не се отвора. Но ниту беше исклучен сервисот, ниту пак имаше промена на содржините на веб-страницата“, ни изјавија во Народна банка.
Станува збор за кус временски период со кој се соочиле неколку банки и чии веб страници продолжиле нормално да функционираат.
Од Банката прецизираaт дека никој не треба да биде загрижен бидејќи системот не беше нападнат, а со тоа ниту сметките или доверливите податоци.
Народната банка има современ и заштитен систем во кој се вложува и кој е одржуван од високо обучени професионалци кои ги следат најновите трендови во оваа сфера, ни изјавија во Народната банка.
Инаку, хакерската група „Моќна грчка армија”, објави дека нападнала неколку банки во земјава, меѓу кои ТТК Банка, Централната кооперативна банка, УНИ банка, Прокредит банка, НБМ, Стопанска банка АД Битола, Шпаркасе, Комерцијална и други. ТТК банка со соопштение извести дека бил спречен ваков напад.

„Моќна грчка армија“ преку Твитер објавува за своите акции, а последен пат претходно во врска со Македонија се огласи на 6 февруари кога објави дека извршила упад во системот на македонското Министерство за образование па дури и дека преку системот влегла во безбедносните камери на министерството. Како доказ „Моќна грчка армија“ на Твитер објави и фотографии од простории на министерството. Утредента МОН демантираше дека воопшто бил извршен каков било хакерски напад, демантот поткрепувајќи го со фактот дека фотографиите не се од простории на МОН бидејќи камери внатре нема, туку дека станува збор веројатно за некоја кафетерија од непозната локација, каква што немаат во МОН.

Хакерските напади денес се дел од секојдневието во светот. Се вршат напади врз светските берзи, врз безбедносните системи на земјите, врз влијателни институции, па и врз влијателни поединци. Имавме прилика да читаме и за успешно извршени напади врз Пентагон, врз Белата куќа, врз Кремљ, или врз контролата на летање на големите аеродроми.
Ако некогаш во воени цели пропагандно се активирале радио и телевизиски станици, како и весници, со цел да се менува јавното мислење, денес тоа уште повеќе се прави преку интернетот и социјалните мрежи. Како технологијата оди напред, така и хакерите ги следат тие трендови, а државите ангажираат моќна техника и обучени професионалци за да се справат со нападите.
Но, преку хакерски напади се прават обиди да се урнат одбранбените системи на државите, што може да има и катастрофални последици. Успешните хакери и хакерски групи често тајно се ангажираат директно од самите влади на државите.
Таков „полигон“ денес е и кризата околу Украина.
П.Џ.






