Нова политичка агенда

Што по Договорот од Преспа: што ќе стават на дневен ред партиите на Албанците во Македонија

Најавата на Зијадин Села за регионална автономија на општините на Албанците во Македонија, воздржаноста на другите албански партии во Македонија во однос на точките од Тиранската платформа, само ги подгреваат прогнозите за можни нови етнички барања. Политиколозите со кои се консултиравме не ги исклучуваат и ваквите барања за наредната година, по евентуалното заокружување на сите обврски од Договорот од Преспа.

Предвидувањата за тоа дали влегувањето на Македонија во НАТО и стартот на процесот за членство во ЕУ ќе ги покријат сите можни натамошни етнички барања на Албанците од земјата се дека тој дел од поделбата на македонското општество нема да застане тука. Сите потсетуваат на Охридскиот рамковен договор и наводното конечно заокружување на македонското општество и интеграцијата на Албанците во Македонија. Тогаш тоа значеше и голем исчекор во однос на безбедноста на регионот. Тоа не се оствари. Дојде Тиранската платформа.

Политичкиот аналитичар Жидас Даскаловски потсетува дека од аспект на безбедноста на регионот, Македонија е клучна на Балканот.

Жидас Даскаловски Тука се преплетуваат интересите на сите пет соседи, но и на Русија, Турција, САД како членка на НАТО и земјите на Европската Унија. Евентуалниот конфликт меѓу Косово и Србија, иако тоа е само локален проблем, нема да остане така затоа што се работи за поголем сет на интереси на локални и регионалните сили. За стабилноста на Македонија влегувањето во НАТО е многу битно, но тоа нема да ги исклучи внатрешните борби и конфликти. Тиранската платформа чекор по чекор се остварува. Изборното ветување на СДСМ за излегување од рамките на Охридскиот договор води кон тоа, потврдување и применување на Тиранската платформа. Дали е можна радикализација на барањето во северозападниот дел на Македонија, битно е да се следат и случувањата во Косово во однос на Србија. Тоа се споени лончиња. Откако ќе се спроведе таа платформа, логичен чекор ќе биде групирањето на Албанците во некаква автономија или регионализација. Сите овие промени во Уставот одат во тој правец, кон создавање на една хибридна бинационална држава. Оттука сосема логично е да се очекува еден вид и на територијално разграничување на Македонија. Тоа е траекторијата исцртана во изборната програма на СДСМ. Многу веројатно е дека ова може да се оствари“, вели Даскаловски.

За професорот Ненад Марковиќ, овој дел од можните поставувања на нови и нови отворени прашања со етнотериторијални барања ќе се затвори со членството на Македонија во НАТО и ЕУ.

Прво и основно прашање е дали воопшто етничките Албанци ќе Ненад Марковиќ испостават некакви барања со оглед дека евентуалниот успех на Договорот од Преспа би значел и целосно пренасочување на агендата на државата кон евроатлантските процеси. Во таква хипотетичка ситуација, и онака ограничениот политички капацитет би бил насочен кон влезот во НАТО и екипирањето врзано за почетокот на претпристапните преговори со ЕУ.

Сепак, не е сосем нереално да се очекува дека ќе има обиди за освежување на етничката агенда, иако, според мое мислење, таа го има достигнато својот оптимум. За мене не претставуваат проблем барањата што се врзани за употреба на мајчиниот јазик и симболите, како и образованието или пак локалните обележја. Она што секако треба да го следи овој процес во чекор се двете основни форми на интеграција на албанската етничка група кон македонското мнозинство, а тоа се институционалната и лингвистичката интеграција.

Она со кое длабоко не се согласувам, како и повеќето граѓани, се какви било етнотериторијални аспирации за федерализација или некакво територијално разграничување меѓу двете заедници. Примерот на Босна и Херцеговина доволно сликовито покажа дека еднаш подигнати граници и меѓуетнички бариери тешко се рушат и се враќаат назад. Во таа смисла доколку поврзувањето на албанските општини (поточно општините во кои албанското население е мнозинско) за цел има економски напредок или поголема соработка меѓу припадниците на сите народи што живеат во тие општини, јас немам против.

Сепак, доколку соработката подразбира и некакви форми на територијално поврзување, регионализација или каква и да е друга 'скриена' агенда, тоа верувам дека сериозно ќе ги затегне односите меѓу двете етнички заедници во ситуација каде Република Македонија после подолго време има шанса да тргне напред“, рече Марковиќ и додаде дека ширењето неосновани стравови пред воопшто да се постават сериозни барања од сериозни актери не ѝ оди во прилог на и онака сензитивната ситуација.

Сепак, многу нешта од политичката сцена на Македонија покажуваат дека лесно може да се предвиди наредниот потег на политичките претставници на Албанците во Македонија, таа т.н. автономија на општините со мнозинство албанско население.

За пратеникот Иван Стоилковиќ, претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, искуството во Србија покажува што може да бидат наредните потези на политичарите Албанци во Македонија.

За него изјавата на вицепремиерот на Косово Енвер Хоџај за создавање пакт за пресметка со Србија, покажува како некои од соседите веќе подолго време се на линијата на активно нарушување на односите на Балканот. Повиците за национално обединување на политичарите од Албанија, Македонија и Косово само го докажуваат тоа.

Иван Стоилковиќ Нема откажување од Голема Албанија, ниту меѓу Албанците, ниту во некои од западните центри на моќ, кои и досега ги поддржуваа, ги помагаа и ги охрабруваа. Во оваа фаза создавањето на монструмот Голема Албанија ќе се одвива исклучиво на сметка на Србија и Македонија, за целосна дезинтеграција на балканскиот православен елемент. Просто е неверојатно дека Македонија (иако сите се свесни каде ова води) и понатаму, по инерција од деведесеттите се согласува да биде понтонски мост и логистика за притисок врз Србија. Западните партнери такво нешто сигурно никогаш нема отворено да поддржат, но едвај ќе дочекаат да ја аминуваат таа 'нова реалност' до која овој процес неминовно ќе нѐ доведе“, вели Стоилковиќ.

А таа „нова реалност“ сигурно не носи развој и економски просперитет на Балканот, без разлика на резултатот од актуелните интеграции на балканските држави во НАТО и ЕУ. Да се надеваме на онаа првична прогноза, дека евроатлантските интеграции сепак ќе го донесат она што го пишува во учебниците, а не она што се случува на теренот.

А.Д.

Со потпишувањето на Преспанскиот договор се чинеше дека се отстрани единствената пречка за македонската интеграција во ЕУ и НАТО.

повеќе

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе