Драма во Собранието

Што e тоа што до последен момент ги премислуваше опозициските пратеници да гласаат „за“ уставните измени?

Вчерашната собраниска седница за пристапување кон уставни измени за промена на името најпрво беше закажана за во 12 часот, одложена за во 15 часот, па за во 21 часот, а на крај почна нешто по 22 часот. Десет часа претседателот на Собранието Талат Џафери не ги викаше пратениците во собраниската сала да влезат и да гласаат. Се чекаа гаранциите дека владејачкото мнозинство обезбедило 80 гласа. Кои беа гаранциите?

Има многу шпекулации. Имаше и квалификација дека Собранието е претворено во сточен пазар. Игор Јанушев, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, синоќа изјави дека се работи за понуди што одат и до еден милион евра за притиснато копче „за“ уставните измени.

Но еве некои официјални информации за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ што партијата наскоро ќе ги исклучи затоа што, како што рече Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, „тргнаа против волјата на граѓаните“.

„Се говори дека било ветувано ослободување од обвиненијата за кои денес е повеќе од јасно дека се дел од прогон што има политичка намена, да ги уцени пратениците за да гласаат за овој договор. Велат дека биле и понудени пари, и дека наместо Собранието да биде храм на демократијата, имавме киднапирана институција од ордите на Зоран Заев и неговите луѓе. За овој нивен чекор, на оние 8 пратеници од опозицијата, без оглед на фактот што и добар дел од нив се опфатени од случаите на политички прогони, тука мислам пред се на СЈО и 27 април, и што над глава им висат сериозни обвиненија, кои можеби ќе ги чинат слобода, можеби некој ќе изрази разбирање, но јас како човек не можам да ги оправдам, ниту пак можам да ја разберам нивната постапка“, рече Мицкоски.

Непосредно по повикот на премиерот Зоран Заев судот во последните четири дена одлучува да го укине куќниот притвор на тројцата пратеници од ВМРО-ДПМНЕ обвинети во случајот за собраниските случувања на 27 април минатата година. Судот рече дека понудената гаранција, во имот и пари, била доволна гаранција дека тие нема да избегаат. Сите тројца, Крсте Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, вчера гласаа за промена на името на Република Македонија.

За пратеникот Крсто Мукоски уште се истражува можната злоупотреба на службената должност со фирмата „Атриум“ од Вевчани, во сопственост на неговиот брат за договорот за варосување помошни простории во „Телеком арената“ за 10 евра од квадрат.

За пратеничката Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија се знае дека нејзиниот син е еден од осудените во случајот со Сеад Кочан. Василие Авировиќ е осуден на три години затвор за незаконското добивање на тендер на ЕЛЕМ во случајот „Труст“ на СЈО. Судот наложи и на Сеад Кочан и на Василие Авировиќ да им биде конфискувана и имотната корист од тендерот, или околу 17 милиони евра. На ред е Апелацискиот суд во Скопје да реши по нивните жалби.

Пратеничката Емилија Александрова, само 10 дена пред вчерашното гласање, изјави дека е против промена на името. Официјално, на конференција за медиумите.

„Никаде во вашата програма (му се обраќа на СДСМ-н.з.) немате дека ќе го менувате името и Уставот и немате мандат да го менувате уставното име на Република Македонија. Тука не се работи за чувства, ова е законодавен дом каде што работиме според Устав и закони, ја урнисавте правната држава, сакате да го урнисате и Уставот“, рече на 10 октомври Александрова и додаде дека овој референдум е неуспешен и затоа не треба да се бара од пратениците да гласаат за промена на името и да не манипулираат со граѓаните.

Девет дена подоцна, Александрова гласаше сосема спротивно на оваа нејзина изјава.

Eве и изјава на Нола Исмајловска – Старова дадена во октомври годинава: „Како пратеник, моја должност е да го почитувам Уставот и да бидам гласот на оние што ме избрале. Никој не е над волјата на народот, затоа што функцијата треба и мора да биде гласот на луѓето што живеат во Република Македонија. Верувам во вашата мудрост и немам намера да одам против вашата одлука на 30 септември“, напиша Исмајлоска-Старова.

И поранешната министерка за култура, актуелна пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ Елизабета Канческа-Милевска, вчера гласаше спротивно на партискиот став. И Милевска има одреден багаж од времето кога беше министерка, што сигурно не ѝ дава мирен сон. Во случајот „Тендери“ на Специјалното јавно обвинителство првообвинета е Елизабета Канческа Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, од проектот „Скопје 2014“. Канческа-Милевска е осомничена во случајот „Тендери“ бидејќи без почитување на Законот за јавни набавки и без спроведување на јавно наддавање склучила договор со изведувач за дополнителни градежни активности на Музејот на ВМРО. Тендерот бил во корист на градежната фирма АД „Бетон-Штип“, а со овој договор бил оштетен државниот буџет во износ од 1 милион вера.

Овие пратеници, рече Мицкоски по синоќешното гласање, ја разочараа партијата и татковината, и со тоа ќе треба да живеат.

А.Д.

Минатата недела, Сирија повторно беше на врвот на меѓународните вести. Земјата, која долги години е вклучена во борбата против екстремистичките групи, повторно се соочи со нов бран на агресија и воена акција. Во средата, на 9 октомври, турската армија, заедно со сириските антивладини бунтовници, го започна маршот кон североисточните делови на оваа земја што предизвика жестоки борби.

повеќе

Добар изборен систем треба да биде репрезентативен, но и да овозможува ефикасно владеење.

повеќе

Луѓето можете и ги задржите во сопствената земја - ако им е добро.

повеќе