По вчерашната собраниска седница

Што ако Иванов пак не го потпише законот? Ќе го објави ли директорот на „Службен весник“ Законот за јазиците без указ?

Има различни толкувања за тоа што во случај кога претседателот на државата и покрај уставната обврска одбие по втор пат да потпише указот за закон изгласан со мнозинство во Собранието. Едни велат дека по автоматизам законот треба да се објави во „Службен весник", а други дека во ваков случај законот останува мртво слово на хартија.

Според Уставот, претседателот на државата е должен да го потпише Законот за употреба на јазиците. По вчерашното повторно изгласување, претседателот е должен да го потпише указот за негово прогласување, откако еднаш веќе одлучил да не го потпише указот.

Според членот 75 од Уставот на Република Македонија, по првото враќање на закон во Собранието, пратениците повторно го разгледуваат и доколку го усвојат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот е должен да го потпише указот.

Претседателот Иванов вчера изјави дека нема да стави потпис на указот бидејќи тоа не му го дозволуваат совеста и Уставот.

„И по својата репресивна содржина, и по насилниот начин на кој е донесен Законот за употреба на јазиците не е израз на демократијата. Уставот и совеста не ми дозволуваат да ставам потпис на указ за прогласување на ваков закон“, вели Иванов во писмената реакција на вчерашното собраниско повторно усвојување на законот. „Мнозинството граѓани никогаш не гласале ниту некогаш би гласале за политичка програма во која е предвиден противуставен, антидржавен и суштински неправеден закон“, вели Иванов.

Во Уставот, а и во другите закони не е предвидена процедурата во случај кога претседателот одбива по вторпат да го потпише указот. Според правни експерти, можно е автоматско објавување на законот во Службен весник со цел да започне и неговата официјална примена или да се поднесе барање пред Управниот суд за утврдување надлежност и повреда на управна постапка.

За професорката по уставно право, Тања Каракамкишева- Јовановска, без потпишан указ од претседателот законот не може да биде објавен во Службен весник, а штом не е објавен не може да стапи на сила и не може да се применува во пракса.

„Во таков случај законот останува мртво слово на хартија. Директорот на „Службен весник” не смее да го објави некомплетниот закон, бидејќи во нашиот уставен поредок указот не се смета само за обично формално дејство што го прави претседателот на Републиката, како што сметаат некои, туку потпишувањето на указот е суштествен, клучен чин за правно финализирање и заокружување на целата постапка при носењето на законот.

Потпишувањето на указ е чин со кој и претседателот на државата потврдува дека законот е во ред и дека не претставува опасност по уставниот поредок и по безбедноста на државата. Не е случајно дадено правото на претседателот да ветира закон кој тој го смета за неквалитетен, закон со кој може сериозно да се наруши стабилноста и безбедноста на државата, уставниот поредок и слично, прашања кои пред сѐ се во надлежност на претседателот. Претседателот на Републиката има додадена вредност во постапката за носењето на законите, бидејќи тој има обврска да ја види големата слика што примената на законот може да ја направи.

А заштитата на националната безбедност и сигурноста на граѓаните се поважни од она што е нашкрабано во самата хартија на законот. Заштитата на државните интереси и поредокот се најважни функции на претседателот на Републиката. Тој при преземањето на должноста претседател на Републиката се има заколнато дека ќе го штити уставниот поредок и националната сигурност и безбедност на државата. Оттука, тежата и рамнотежата што претседателот на Републиката има право да ја создава во постапката на донесување закони не е случајна, и уште помалку е за занемарување.

Ако претседателот на Републиката цени дека со примената на еден закон може сериозно да се наруши безбедноста на уставниот поредок и да предизвика катастрофални последици по функционирањето на државата, какви последици ќе предизвика примената на законот за јазиците, тогаш претседателот мора да реагира на начин да ја спречи примената на законот.

Иако формално-правно Уставот го обврзува да го потпише указот за прогласување на закон ако законот е повторно изгласан од пратениците, исто така Уставот го обврзува претседателот да води сметка за функционирањето на државата, за нормално работење на државните органи и за непречено функционирање на уставниот поредок. Во таков случај кој може да каже првата уставна норма е поважна од втората?

Од друга страна, Уставот не утврдил рок кога претседателот треба да го потпише указот што значи му се остава широк простор на (не)делување на претседателот во насока да го закочи објавувањето на законот и неговото влегување во сила.

Ова дополнително во случаи кога претседателот на Републиката согласно своите надлежности укажувал и сериозно предупредувал дека примената на штетниот закон може да ја дестабилизира државата, може да ја парализира државата во секоја смисла што ќе биде искористено како вовед во нејзино целосно распаѓање. Претседателот на државата е пповеќе од должен да спречи такво сценарио“, објави на својот фејсбук профил професорката Каракамишева.

Собранието вчера во тензична атмосфера, без амандманска расправа,  со 64 гласа „за“, без против и воздржани по втор пат го донесе Законот за употреба на јазиците.

Законот, кој првпат беше изгласан на 11 јануари, повторно се најде пред пратениците откако претседателот Иванов не го потпиша и го врати на повторно разгледување во Собранието.

 

 

Владите постојано ги повторуваат истите грешки. Тие го сметаат долгот како предност за долгорочен раст, наместо она што тој всушност е: тежок товар и извор на масивни долгорочни ризици.

повеќе

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе