„Незадоволството од владата расте“

Шпигл: Аферата „Рекет“ ја потврдува резервираноста на ЕУ за датумот за преговори

Се сметаше за симбол во борбата против корупцијата, а сега истражителката Катица Јанева се чини дека е вмешана во скандалозен случај на уцени. Зошто аферата силно ја погодува оваа земја на Балканот?, вели германски Шпигл во анализа за главната обвинителка на СЈО.

Се сметаа за неподложни на корупција. Нивниот авторитет беше симбол на владеењето на правото во земјата. Но сега се вели дека таа е вмешана во сериозен случај на уцена: Катица Јанева неодамна поднесе оставка на местото шеф на македонското Специјално обвинителство СЈО, кое ја истражува корупцијата и случаите на организиран криминал на највисоко ниво.

Аферата наречена „Рекет“ го предизвика најголемиот политички земјотрес последниве години во Северна Македонија. За Јанева се вели дека му ветила на еден олигарх да плати милион долари за да не биде казнет. Иако многу работи сè уште се нејасни, јавноста е шокирана: на медиумите и социјалните мрежи преовладуваат шокирани коментари.

СЈО беше еден од симболите на „Шарената револуција“ од 2016 година, со која беше соборен националистичко-авторитарниот и мафијашки режим на поранешниот премиер Никола Груевски. Со месеци десетици илјади луѓе излегуваа на улиците. Демонстрациите обично почнуваа пред зградата на СЈО во македонската престолнина Скопје. Многу луѓе носеа маички на кои беа прикажани Јанева, нејзината заменичка Фатиме Фетаи и портпаролката на СЈО, Ленче Ристоска.

Овој мит на хероина сега е уништен. Аферата излезе на виделина на 15 јули, кога Јанева ненадејно поднесе оставка како шеф на СЈО. Во исто време, уапсени беа двајца бизнисмени Бојан Јовановски и Зоран Милевски, кои наводно се мозоците на смислените уцени, вели Шпигл.

За Јовановски, попознат како „Боки 13“, ексцентрична медиумска личност, и неговиот соучесник се вели дека му ветиле на олигархот Јордан Камчев да го искористат своето влијание за да го заштaт од судско гонење. Јовановски се потпираше на пријателството со Јанева и се пофали дека може да влијае на шефицата на СЈО. Камчев, наводно, платил 1,5 милион евра.


Незадоволството од владата расте

Социјалдемократската реформска влада реагираше колебливо на аферата. Премиерот Зоран Заев дури остави впечаток дека има нешто да скрие, вели Шпигл. Новинарите го прашаа дали го познава лично Бојан Јовановски, затоа што овој во еден аудиозапис тврди дека премиерот нема да прави проблеми во решавањето на случајот на Камчев. Заев реагираше нервозно дека нема да дозволи владата да биде соборена од „криминалци, новинар и педер“, со последново мислејќи на Јовановски. Забелешката предизвика бура од индигнација.

Аферата ја тресе Северна Македонија во деликатна ситуација, вели Шпигл. Поради слабите реформи во владеењето на правото, незадоволството од владата на Заев расте однатре. Во однос на надворешната политика, земјата е под притисок, бидејќи почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ во јуни беше одложен, делумно поради резервираноста на Франција, Холандија и Германија поради недостигот од антикорупциски мерки и премногу колебливи судски реформи. Аферата „Рекет“ сега се чини дека ја потврдува резервираноста.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе