„Дрисла беше симбол на корупцијата и криминалот на претходната власт, извор на загадување и опасност за скопјани. За само четири години ја претворивме во ефикасно претпријатие каде безбедно и одговорно се третира отпадот без да се загрозува животната средина. Претпријатие кое се развива и кое во следниот мандат ќе прерасне во модерен центар за третирање на отпад по светски стандарди со што ќе го решиме проблемот на дивите депонии во градот. На изборите во недела бираме дали сакаме овој развој и заштита на здравјето на граѓаните да продолжи или сакаме да ја вратиме Дрисла на управување на истите кои ја продадоа за криминални цели и свесно го труеја градот и скопјани“, рече Шилегов.
Тој нагласи дека во следниот период ќе биде добиена голема инвестиција со што ќе се реши еден од најгорливите проблеми - дивите депонии од градежен шут кои ги создаваат несовесните граѓани.
„Дрисла за прв пат ќе започне со третирање и преработка на интертен отпад - градежен шут. Така, наместо да се плаќа за депонирање на шутот кој сега ги мотивира некои да го исфрлаат на диво и да ја загадуваат природата, тоа ќе може да го прават бесплатно во депонијата каде ќе се преработи и од него ќе се произведуваат градежни материјали“, најави Шилегов.