Шекеринска: Македонија е кредибилен партнер на НАТО и очекува да стане членка

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска очекува на претстојниот Самит на НАТО во јули во Брисел да бидат верификувани промените во Македонија и исполнувањето на најголемиот дел од поставените важни задачи. Македонија, како што вели Шекеринска, е кредибилен партнер на НАТО, со право очекува и работи да стане нејзина 30-та членка, а најголем дел од критиките од претходните самити веќе не се сметаат за слабост.

„Покажавме дека во делот на демократски реформи, владеење на правото, состојби со медиуми, во администрација и политички односи, Македонија буквално направи големи чекори напред и тоа ни дава за право да очекуваме таа промена во државава да ја верификуваат, потврдат и да ја ценат сите земји членки на Алијансата“, рече Шекеринска на денешната прес-конференција по повод НАТО-работилницата за координација на воени партнерства, чиј домаќин оваа година е Република Македонија.

Таа се надева дека НАТО ќе ги препознае одлучната посветеност и цврстата политичка волја на Владата и на мнозинството граѓани во Македонија за остварување на стратешкиот приоритет за членство во Алијансата кој остана непроменет и во најтешките моменти и во најдлабоките кризи во кои беше Македонија во минатото. 

„Со нашата посветеност и со целиот ангажман на припадниците на нашата армија во мировните мисии Македонија покажува дека сме кредибилен партнер и оти имаме што да ѝ понудиме на Алијансата. Токму од тие причини сметаме дека со право Македонија очекува и работи да стане 30-та членка на НАТО“, изјави Шекеринска.

Заменик-шефот на Воениот штаб од Директоратот за партнерство на НАТО Егил Педерсон, пак, кажа дека Македонија е многу ценет партнер на Алијансата. На НАТО работилницата во Скопје ќе бидат поставени предусловите за успех во 2019 година за сите партнери со кои соработуваат. Ќе се разговара за потребите и ќе се направи преглед за тоа што НАТО сака да добие од партнерите.

Македонија го зголеми учеството во мировните мисии на Алијансата и според заменик-командантот на Европската команда на НАТО генерал Џејмс Еверард, има одличен придонес во активностите, а припадниците на македонската армија покажуваат висока професионалност.

Како што најави Шекеринска, на денешната владина седница треба да биде одобрено зголемувањето со уште тројца офицери од Македонија на германскиот контингент на НАТО во Авганистан во периодот од четири месеци во тек на изборите. 

„Претпоставувам дека Владата денеска ќе даде зелено светло за да го зголемиме нашето учество во овој период и да покажеме дека Македонија може да носи одлуки навреме и да функционира не само како партнер, туку и како член на НАТО“, рече Шекеринска.

На работилница на НАТО учествуваат 180 претставници од земјите на НАТО и земјите-партнери. Разговараат за операциите предводени од НАТО и учеството на партнерите во овие операции, хармонизацијата на партнерските процеси, едукацијата, обуките и тренинзите.

Ќе бидат презентирани и 15 образовни капацитети на НАТО и на партнерите, чиј дел е и единствениот НАТО-партнерски центар во Македонија, Регионалниот центар за односи со јавноста, како и НАТО-школата во Оберамергау.

Фото: МИА

Република Македонија треба да понуди законска можност за реализација на правото на приватен и семеен живот за истополовите партнери.

повеќе

Умре Милена Дравиќ. Да живеевме во некое друго време, во некоја друга земја, таа вест ќе се прикажеше на екраните на југословенските телевизии, како што ни се прикажа веста за смртта на Тито.

повеќе

Во кичестиот амбиент на магичното Скопје, каде што се изградени огромни споменици на Александровите фалангисти, а знамето на НАТО се вее пред зградата на Генералштабот, во градот поделен на македонски и на албански дел, лебди Бизмарковата геополитичка визија: оној што ја контролира долината на реката Вардар, станува господар на Балканот.

повеќе