Измени во Законот за одбрана

Шекеринска: Колективната одбрана на НАТО станува обврска и за Македонија

Членот пет на НАТО за колективна одбрана влегува во Законот за одбрана на Македонија, со што заштитата, но и реакцијата на земјава на закана врз која и да е членка НАТО ќе стане нејзина привилегија, но и обврска. Ова е една од најзначајните точки од измените на Законот за одбрана кој што веќе е испратен во Собранието. 

„Влегуваме во последната фаза на ратификации на протоколот за наше полноправно членство во НАТО и во фазата на последни чекори пред нашето исполнување на обврските”, рече денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Според неа, со измените во Законот за одбрана како држава покажуваме дека веќе не сме сами и оти од самоодбрана преминуваме во еден колективен систем на одбрана во кој нападот на која било членка на НАТО, значи напад на сите и значи дека сите би се мобилизирале за помош.

„Истиот принцип го вградуваме и во нашиот Закон за одбрана и предвидуваме многу јасна процедура на каков начин може нашата држава да побара помош од НАТО, барање за реакција на НАТО, а и на каков начин ние ќе ги носиме одлуките за учество во одредени НАТО операции”, изјави Шекеринска на денешниот брифинг со новинарите.

Најголемата промена во Законот за одбрана се состои во тоа дека одлуката за учество во операции на НАТО ќе ја носи Владата, а секоја година ќе поднесува целосен извештај за учество во сите операции до Собранието. За сите останати мисии како што се мисиите на ОН и на ЕУ останува досегашната постапка, односно осдлучува Собранието, на предлог на Владата.

Измена во Законот е и можното учества во мисии не само на припадници на Армијата, туку и на луѓе од Министерството за одбрана, а се отвора можност и лекари кои доброволно би се пријавиле во резервниот состав со дополнителна обука да можат да заминат во мисија. Со измените се прецизира и правичната етничка застапеност, но уште поважно првпат се води сметка и за родовата перспектива, но и за модерните безбедносни закани како што е критичната инфраструктура.

Инаку, Законот за одбрана е системски и се носи со двотретинско мнозинство. Во таа насока, информира Шекеринска, со најголемиот дел од пратеничките групи во Собранието веќе комуницирале на оваа тема и следната недела кога треба да почне расправата по ова прашање, таа очекува плодна дебата, широк консензус и двотретинско мнозинство.

„Нашата држава стигна до овде, да биде на крај на ратификациониот процес. Ја добивме поканата во 2017 година заради тоа што покажавме дека тоа што ќе го ветиме го исполнуваме и дека сме партнер на кој можат да се потпрат. Немаше ниту една најава и ниту една обврска која што ја преземавме, а досега да не покажеме дека имаме капацитет како држава да ја реализираме. Сакам и оваа законодавна обврска целосно да ја завршиме пред Самитот во Лондон и убедена сум дека и на тој начин ќе го изградиме впечатокот дека нашата држава е кредибилен партнер на НАТО”, вели Шекеринска.

На брифингот со новинарите Шекеринска најави континунирано зголемување на буџетот за одбраната согласно НАТО стандардите, но и зоглемување на процентот на средствата наменети за модернизација на опремата за Армијата и за инфраструктурните објекти. 

Од другите реформи кои се планираат во одбраната поврзаи со НАТО клучни се и намалувањето на бројот на лица кои поседуваат сертификат за пристап до класифицирани информации, од сегашните 1.500 на 300.

Со донесената нова формација на Армијата таа брои 6.800 припадници, од досегашните речиси 8.000 од кои 1.200 позици стоеле непополнети. За поголема ефикасност на Министерството за одбрана, ќе се намалува и бројот на вработените таму, преку редовно пензионирање. Во 2020 година планирано е од Министерството да се одвои и секторот задолжен за логистика во делот на услуги и храна каде работат меѓу 150 до 200 луѓе, во посебно државно претпријатие, со што тоа нема повеќе да биде под капата на Министерството. 

 

 

 

Луѓето можете и ги задржите во сопствената земја - ако им е добро.

повеќе

ЕУ треба принципиелно да реагира на отворениот национал-шовинизам на бугарскиот парламент, се вели во отвореното писмо на македонски академици и професори до европретставниците во Македонија.

повеќе

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе