Во Брисел

Шекеринска ги посети просториите наменети за Македонија во седиштето на НАТО

На министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во седиштето на Алијансата во Брисел и беа презентирани просториите каде што ќе биде сместена мисијата на нашата држава, како полноправна членка.

„Денеска имав прилика да бидам првиот претставник на нашата Влада кој што влезе во просториите кои НАТО ги подготви за својата 30-та членка. Тоа покажува дека сите наши подготовки течат според планот и тоа покажува дека сме добредојдени во најмоќниот воено-политички сојуз”, изјавила Шекеринска.

Таа, како што соопшти Министерството за одбрана, нагласила дека на средбите со министрите за одбрана на сите земји-членки на Алијансата во текот на дводневните состаноци можело да се слушне истата порака, „очекувањето Северна Македонија што поскоро да стане полноправен член на НАТО што е вистинскиот чекор во вистинско време”.

На сесијата на Северноатлантскиот совет, стои во соопштението, Шекеринска порачала дека планот за одвојување на два проценти од бруто-домашниот производ за одбраната до 2024 година се реализира и оти во 2020 година следува уште едно зголемување на одбранбениот буџет.

„Република Северна Македонија е сериозен партнер кој што го испорачува тоа што ќе го најави и тоа што ќе го вети. Две години по ред го зголемувавме издвојувањето за одбраната и следната година, исто така, обезбедивме повисок буџет за нашата одбрана и за нашата Армија. На тој начин ќе имаме поголема безбедност, на тој начин ќе бидеме прифатени како земја чиј што збор навистина важи. Ние сме НАТО и навистина во следните месеци очекуваме остварување на овој стратешки сон и цел на неколку генерации”, изјавила таа.

На сесијата посветена на мисијата „Одлучна поддршка", Шекеринска нагласила дека земјата останува посветена на демократизацијата, безбедноста и мирот во Авганистан и оти припадниците на Армијата ќе продолжат да придонесуваат во оваа мисија во која учествуваме од самиот почеток на првата НАТО – мисија, ИСАФ, во 2002 година.

На маргините на Северноатлантскиот совет, продолжиле билатералните средби со министрите од земјите – членки на Алијансата. Денеска, соопшти МО, министерката Шекеринска се сретнала и со италијанскиот министер за одбрана, Лоренцо Гуерини, како и со министерот за одбрана на Австрија, Томас Старлингер.

 

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе