Интервју со министерката за одбрана

Шекеринска: Да не бидеме „типка на тастатурата“ за бугарското предизборие и да не ја претвораме во главна вест секоја полуизјава дадена за нас

Апла видливо е дека блокирањето на Собранието од страна на опозицијата не се должи на став, туку на страв. Што да им кажат на своите членови, кои со месеци ги „замајуваат“ со фамозното мнозинство „кое го имале, ама го чувале во тајност“? Со еден потег премиерот им стави крај на нивните лаги и надежи. И сега се лутат што биле надмудрени и што некој со прст покажал дека лажат, вели министерката за одбрана Радмила Шекеринска во интервју за МКД.мк. Шекеринска говори за придобивките од членството во НАТО, постигнувањата во одбраната, односите со Бугарија, набавката на вакцини против ковид-19... Влијанието на членството во НАТО не е видливо „од прва“, но во заднината ни ги гради позициите како држава, обезбедува зголемена безбедност, па и перцепција за безбедност, што ги охрабрува инвеститорите и носи поевтини и подостапни финансии, вели таа.

По една година, членството во НАТО се чини дека не е многу „експлоатирано“ во јавноста, а популарноста и на НАТО и на ЕУ, според некои анкети, опаѓа меѓу македонските граѓани. На што се должи тоа?

Напротив. Последните истражувања на ГЛОБСЕК и НДИ покажуваат дека 72 до 79 проценти од македонските граѓани го поддржуваат нашето членство во НАТО. Тоа е многу висока поддршка за која било НАТО-членка. Уште поважно: околу 90% од нив сметаат дека членството ја зголемува безбедноста на државата и нивната лична безбедност.

По 30 години работа на темата НАТО може да констатираме дека во целиот овој период бевме сведоци на ретко висока поддршка за членството во НАТО. Нормално, кога ќе исполните една цел, фокусот и интересот кон таа цел се намалува. Велите „тоа е сега завршена работа, да одиме на следната цел“. Но ова е едно од ретките прашања кај нас околу кои постои поширок консензус, за разлика од многу други прашања за кои некогаш сме како „ден и ноќ“ во рамките на општеството. На темата за членство во НАТО се забележува поддршка и кај различните политички партии и кај различните етнички и религиозни групи. Тоа беше и една од причините зошто успеавме.

Претпоставувам дека вашето прашање произлегува од една анкета што неодамна ја објавивте. Фер е да кажам дека околу тие анкети и резултати имам објективна недоверба: едноставно, не ѝ верувам многу на анкета од агенција што од Груевски доби голем дел од 14-милионскиот (се разбира, во евра) „колач“ за маркетинг, реклами и анкети. Тие најверојатно и тогаш и сега го испорачуваат тоа што нарачателот ќе го побара. Ако добро ме држи сеќавањето, минатата година предвидуваа победа на ВМРО-ДПМНЕ. Аргумент плус за да не им веруваме на резултатите или нарачките.

Што се однесува на „експлоатирањето на темата НАТО во јавноста“, реално е во услови на ковид-пандемија да не постои ниедна друга тема што би траела повеќе од два-три дена. Дури и големите теми што ни се отворија годинава, дури и изборите, беа практично во силна сенка или под силно влијание на егзистенцијалното прашање, а тоа е ковид. Второ, и во животот сме такви, кога една задача ќе си ја завршиме, таа повеќе не е „вест“.

Но она што ни останува како задача е како да направиме членството во НАТО да продолжи „да работи“ за нас. Потенцијалот го видовме минатата година. Во извештаите од Светската банка, кои беа многу важни во процесот на обезбедување дополнителни финансиски средства за справување со ковид-кризата, тие прогнозираа побрзо заздравување на македонската економија токму поради членството во НАТО и очекувањето да почнат преговорите со ЕУ. Таквите извештаи потоа влијаат на кредитните рејтинзи, а рејтинзите ни помагаат или одмагаат кога ќе побараме дополнително финансирање, неопходно во услови на криза, од меѓународните финансиски институции и банки.

Не е случајно тоа што новата еврообврзница ја издадовме со историски најниска камата од 1,625% - тоа е резултат на таа политичка порака на гарантирана безбедност.

Влијанието на нашето членство во НАТО не е видливо „од прва“, но во заднината ни ги гради позициите како држава.

Членството не е во жижата на настаните и поради тоа што таа тема успешно ја заокруживме. Токму во анкетата на НДИ, на прашањето кои се работите што ги оценуваат како позитивни придвижувања во државата, нашите граѓани ги навеле: членството во НАТО, порастот на платите и зголемувањето на слободата на медиумите. И навистина мислам дека за овие теми дури и најголемите критичари не можат да излезат со аргументи против.

Кога ќе ги прашате луѓето за ЕУ, имаат една перцепција, пристап до фондови и слично, што значи подобар живот, што ни донесе НАТО, се најавуваа инвестиции заради стабилна состојба, има ли такво нешто?

Не може да ја издвоите првата година во НАТО од првата година во која доминира корона-кризата. Но ние и во услови на корона-криза обезбедивме 12 директни странски инвестиции, кои се во фаза на реализација, потпишување договор или во фаза на преговори. Пред само два дена дадовме зелено светло за договор со Магна, којашто почнува со работа во Струга; „Кромберт и Шуберт“ започнува нова инвестиција, со сосема нов погон и дуплирање на вкупните капацитети, како и „Костел“. Нова инвестиција е Дура, во износ поголем од 100 милиони евра.

Сите овие компании, како и дел од домашните, влегуваат во похрабра инвестициска активност и покрај ковид, меѓу другото поради тоа што оценките за нашата безбедност и стабилност како држава се повисоки. Членството во НАТО и ЕУ значат отворање нови можности и фондови, но сето тоа мора ние да го сработиме.

Членството во НАТО ви обезбедува зголемена безбедност, па и перцепција за безбедност, што не е за потценување, што ги охрабрува инвеститорите и ви носи поевтини и подостапни финансии. Јас сум убедена дека во услови на тешка ковид-криза многу потешко ќе доаѓавме до финансиски средства ако банките, кредиторите, па и инвеститорите не гледаа дополнителна доза на стабилност поради членството во НАТО. Веќе ја споменав еврообврзницата: таа е два и пол пати помала од онаа земена во 2014. Тоа на годишно ниво ќе ни заштеди околу 12 милиони евра, кои ќе можеме да ги вложиме во подобра инфраструктура, образование или здравство. Тоа е резултатот на зголемената политичка и економска стабилност и имиџот што го носат членствата во НАТО и ЕУ. Не се доволни сами по себе, но без нив – многу потешко.

Дополнително, како држава што минала низ кризите предизвикани од југословенските војни, но и низ внатрешна криза - ја знаеме вредноста на мирот и безбедноста. И знаеме колку беше тешко и важно да станеме дел од најмоќниот военополитички сојуз што се базира на принципот на колективна одбрана. Нашата безбедност веќе е безбедност на Алијансата.

Пред неколку дена бевте на Криволак и говоревте за уредување на инфраструктурата. Кои ќе бидат придобивките на државата од тоа, како ќе се валоризира?

Криволак е направен како домашен ресурс прво во бивша Југославија, каде што, велат, бил користен како армиски ресурс 364 дена во годината. Тоа е голем полигон, кој ги надминува нашите национални потреби и само како национален ресурс нема да ги врати инвестициите во него. Логиката на Алијансата е таканаречена паметна одбрана, што значи дека секоја земја се фокусира на тоа што го има како силна страна, ресурс или предност. Криволак е еден од ресурсите што ги внесуваме во Алијансата и инвестираме во него затоа што и на нашата Армија ѝ треба простор за вежбање и за интероперабилност, но и како поголема шанса за заеднички вежби со членки на Алијансата. Воедно, Криволак ѝ нуди шанси на државата и да заработи.

По секоја поголема вежба успеваме да добиеме и одредени финансиски средства, коишто остануваат во Криволак, Армијата и Министерството за одбрана. Вежбите се и шанса да ви дојдат во посета голем број лица, од офицери до војници, да направите некакво придвижување и на локалната економија, зашто ќе трошат во локалната економија, а по секоја голема вежба, особено оние со американската команда во Европа, еден или повеќе проекти се вложуваат во локалните заедници. Во една општина обезбедивме изградба на пат, се реновираа неколку училишта, обезбедивме донација во училиштен или медицински материјал... Тоа е логиката на сојузништвото: да го понудиш тоа што имаш, а да го добиеш тоа што ти е потребно.

Кој плаќа за тоа, НАТО или земјите-учеснички?

Зависи од форматот на вежбата, најчесто тоа се земјите-членки. Во моментов инвестициите во Криволак доаѓаат од нашиот буџет, како и од фондовите на САД за ваква поддршка.

Колку се наши инвестиции, колку на сојузниците?

До овој момент повеќе имаат дадено американските сили отколку што ние, но се надевам дека многу повеќе ќе можеме да се потпреме на сопствените ресурси откако обезбедивме стабилно финансирање на одбраната. На пример, за патиштата што ги градиме на Криволак, материјалите ги купивме ние, но потоа тие пари ќе се вратат во нашиот буџет од страна на американската влада како донација, што значи тоа е на нивна сметка. Ќе изградиме неколку магацини и други неопходни капацитети и сите ќе бидат финансирани од страна на САД.

Колку нѐ чини членството во НАТО?

Рековме помалку од едно кафе по жител на годишно ниво.

До каде сме стигнати со процентот од БДП за одбраната?

За оваа година издвојувањето е 1,57 проценти од БДП и планот е да постигнеме 2 проценти до 2024 година. Овие 2 проценти не се наша „инвестиција“ во НАТО, туку во модерна, ефикасна и ценета Армија. Еве еден пример, во 2007, пред да станеме членка на НАТО, ние веќе сме трошеле 2,17% од БДП. Затоа двата проценти не ги гледам како обврска кон НАТО, туку како обврска кон сопствената безбедност и кон сопствената одбрана.

Досегашното зголемување на буџетот за одбраната овозможи Армијата, која сега е армија на НАТО, да го врати своето достоинство, односно државата да покаже дека ја цени својата армија. Тој буџет ни овозможи припадниците на Армијата денеска да добиваат над 50% повисоки приходи во споредба со 2017, да имаат реновирани касарни, нова опрема, можности за напредок. Поради тоа интересот за вработување во Армијата се зголеми за 5 до 10 пати. Армијата е разбудена, од апатична и незадоволна со ниски примања и скинати униформи, денеска тоа е Армија што амбициозно работи за што побрза воена интеграција во НАТО.

Ако пред четири години во Армијата се зборуваше за скинати чизми и укинати дневници, денес тие проблеми се заборавени, а темите се ново вооружување, оклопни возила, модернизација. Тоа не ни го сработи НАТО, туку го сработевме дома: со вистинска политичка волја, со многу труд и работа.

До каде е постапката за именување воен претставник во Алијансата и колку лица досега добиле безбедносен сертификат од НАТО, а колку не?

Тоа е доверлив податок, а она што го разговаравме и на Советот за безбедност и со претседателот е дека сакаме барем приоритетните позиции што во моментот ги пополнуваме да завршат со добивање безбедносни сертификати за потоа да констатираме кој сѐ може да биде кандидат за позицијата воен претставник во НАТО.

Што значи приоритетни позиции?

Одредена бројка на позиции на луѓе во Армијата и во одбраната, се разбира и во другите сектори што треба да имаат пристап до НАТО-сертифицирани документи. Тоа не се големи бројки. Порано во минатото овие сертификати многу лесно и многу широко се давале поради тоа што пристапот до НАТО-документи бил многу ограничен. Сега кај нас како членка на Алијансата секој офицер што ќе има НАТО-сертификат ќе може да дојде до важни доверливи информации на НАТО. И затоа системот, односно проверката е многу потешка, посериозна, многу подолга. Кога ќе го завршиме тој прв круг, ќе ја донесеме одлуката за воен претставник. Во моментов имаме официјален заменик-воен претставник, којшто целосно ја извршува оваа задача.

Ама тоа може да трае долго...

Не. Не сме диктирани од рокови, туку од завршување на оваа постапка. Таа зависи од нашите органи и нивната брзина, но и од комуникацијата со НАТО. Низ овој процес поминале сите држави, и во сите држави имало одреден број кандидати што не добиле сертификати, но секаде тоа било процес во кој сите се труделе политиката да ја држат надвор. Кај нас, на овој испит паднавме поради безобѕирниот порив на опозицијата да се обидува да прави политички поени таму каде што нема тема и по цена на штета врз државата и Армијата.

Претседателот Пендаровски спомена бројка од 160-170 лица.

Не би сакала да лицитирам. Мала е бројката.

Државата очигледно потфрли со вакцините против ковид-19. Вие рековте дека и земји-членки на НАТО се соочуваат со тој проблем, секој ден има најави од власта дека вакцините само што не стигнале, се лицитира со бројки, имаше повеќе датуми до сега, а вакцините никако да стигнат. Македонија падна на дното на листата по број на вакцини и по вакцинирани лица. Каде е одговорноста?

Добрата вест е дека сме една од ретките земји што успеаја да бидат вакцинирани барем оние што се на првата линија на борбата со ковид и наскоро почнува нивната ревакцинација. Голем предизвик остана обезбедувањето на неопходните количества за вакцинирање на општата популација, проблем што го имаат поголемиот број членки на НАТО и ЕУ. Со исклучок на САД, Велика Британија и Израел, дури и најбогатите држави како Германија, Франција, да не зборувам за Чешка, која сега е во најтешка позиција, се соочуваат со истиот проблем, и при потпишани договори и уплатени средства да немаат испорака на вакцини. Целиот свет се бори за истите, сѐ уште мал број вакцини.

Минатата година видовме колку е силна науката според брзината со која се произведоа веќе десетина различни вакцини, но сите и тогаш најавуваа дека главниот проблем нема да биде да се стигне до вакцините, туку да се обезбеди доволно количество на производство. ЕУ и Европската комисија не успеаја во преговори со производителите да ги обезбедат своите посакувани количества во првата половина на годинава, а камоли ние.

Тоа не е оправдување за тоа што нема ниту една вакцина во земјата, не ги сметаме донираните од Србија. Барем да имаше со нешто да се почне, впечатокот ќе беше друг. И 4 илјади да се, ама да се наши.

Големината на пазарот го прави своето. Вчера најпосле го добивме договорот од „Фајзер-Бионтек“ во кој компанијата прифати да испорача околу 800.000 вакцини, од кои првата достава треба да биде во март во износ од околу 20.000 вакцини. Што велите вие – да бидат наши. Заедно со договорите за руската и кинеската вакцина, би требало да обезбедат солиден почеток на следната фаза на имунизација.

Таму каде што вакцините ги има во доволен број, цената и процедурите не беа тема. Кај нас тие прашања исто така беа важни. Но факт е дека на друг начин преговарате кога сте голема држава што нарачува големи количества, а на друг кога сте многу мал пазар. Погледнете ги само стандардните производители Астра зенека, Фајзер, тие немаат ни канцеларија кај нас. Астра зенека имала, но со воведувањето на паралелниот увоз ја затворила канцеларијата. Тие претставништва се адресите на кои прво ќе чукнете. Дополнително, земете предвид дека очекувавме Ковакс да обезбеди 800 илјади вакцини и тоа очекување не се реализираше. Ова не е оправдување, јас само ви кажувам дека ние не можеме да бидеме големо отстапување од голем проблем со кој се соочува светот.

Ама пак не е оправдување ако сте се потпирале само на Ковакс, не може да се потпирате само на една опција.

Која беше алтернативата? Еве да прашам, дали ќе се согласевте нашата влада, влада на држава со наша економска моќ, да потпише договор и да ѝ плати на фирма-производител што уште ја нема целосно развиена вакцината? Дали ќе сметавте дека тоа е прифатлив ризик? Од денешен аспект, кога знаеме дека процесот успешно го завршија, и јас ќе речам „да“, но во септември или порано кој можеше да гарантира кој од овие производители ќе стигне до вакцина.

Прашањето не е до граѓаните. Владата и Министерството се тие што треба да ги предвидуваат и да ги планираaт работите…

Такво предвидување никој не можеше да направи. Ниту една влада. Ама американската или британската рекле дека ќе ризикуваат, а притоа нивни се некои од производителите.

Со американската не може да се споредуваме.

Вие барате да се споредиме, оти единствените што го поминаа овој испит се САД, Британија, Израел.

Тука мора да ја спомнеме Србија.

Таа е исклучокот, не обратно. Членките на ЕУ во моментов го имаат проблемот на недобивање на количествата за кои преговарале, договарале и ги платиле. Проблемот е што големиот пакет на вакцини го нема, производството го нема.

Но јасно е дека пандемијата во секоја земја ќе ја надминеме само ако сите се вакцинираат. Ако граѓаните на една земја се вакцинираат а во соседната не, тоа не е решение на проблемот. И тоа е апелот од Светската здравствена организација.

Спорот со Бугарија наместо да се решава, сѐ повеќе се продлабочува. Оттаму доаѓаат изјави и обвинувања од кои после тешко можат да ретерираат, па дури и да дојде нова влада по изборите. Каде го гледате излезот?

Некои работи треба да ги промениме, а со некои да продолжиме. Прво, да престанеме да бидеме „типка на тастатурата“ за бугарската политичка предизборна сцена и да не дозволиме секоја полуизјава дадена за нас да ја претвораме во главна вест.

Изгледа некои политичари во Бугарија не можат по ништо друго да бидат актуелни, освен по напад врз нас. И не треба ние да им „вршиме работа“.

Второ, да продолжиме да реагираме со ум, дури и кога некои нивни изјави се трудат да ни го помрачат.

И трето, да ја донесеме вистинската одлука пред која сме се наоѓале и порано како држава. Дали во услови на проблем ќе се замрзнеме, ќе кажеме дека сме жртва и ќе останеме закочени, без акција, или, и покрај проблемот, ние ќе се трудиме да си ја завршиме задачата. Оваа влада го избра ова второто. Можевме и ние да се приклучиме на хорот критики кон Бугарија, кој е оправдан за многу прашања, но тоа од аспект на резултат не значи ништо. Се фокусиравме да ја подобриме нашата аргументација, не само во поглед на спорот со Бугарија, туку и во поглед на нашите домашни реформи. И навистина мислам дека резултатите се гледаат. Тоа го потврдува последниот извештај на Фридом хаус. Ние сме една од ретките држави во светот што во услови на генерално демократско назадување имаат подобрување на демократскиот скор. Од сите европски држави го имаме најголемото подобрување на скорот. Подобри сме од Србија и Црна Гора, кои веќе преговараат со ЕУ.

Ама тоа не ни го решава проблемот со Бугарија, можеби само ни го подобрува имиџот.

Тоа не е малку, ниту е неважно. Не го решава проблемот директно, но ни го подобрува имиџот и ни ги зголемува сојузниците.

Ова е прашање што заедно со Бугарија или ќе го решиме или ќе го замрзнеме. Јас го делам вашето мислење дека ако немаме заинтересиран партнер од бугарска страна, ова прашање нема да се реши. И тоа треба отворено да го говориме. Но мислам дека во Бугарија постои критична свест, која гледа дека стратегиски Бугарија губи од отворањето фронт кон Северна Македонија.

Тоа не го гледаме.

Јас ги гледам и критичките гласови и критичката јавност. Факт е дека повеќе внимание им посветуваме на оние што ќе нѐ исплукаат, но тоа е изгледа нашиот менталитет. Мислам дека повеќе гласност треба да им даваме на изјавите што покажуваат дека европски се размислува и во Бугарија. За жал, секоја балканска изјава од Бугарија ја пренесуваме, а европските изјави често ги прескокнуваме.

Не се согласувам дека не се пренесуваат.

Можеби ги пренесувате, но многу ретко барате да ги коментираме. И тоа не важи само за медиумите, туку и за нас во политиката. Сепак во Бугарија се препозна и една група на интелектуалци што велат дека ова не е начин за подобрување на стратегиската позиција на Бугарија на Балканот.

Но тие интелектуалци не се тие што одлучуваат во државата.

Точно, но тоа се луѓе и профили што влијаат во секоја држава. Ние сами нема да го решиме проблемот, но ние сами можеме да покажеме дека и во тешки моменти се однесуваме пристојно, паметно, рационално и европски. И ќе бидеме подготвени кога во Бугарија ќе бидат подготвени за решение.

Вие лично како се чувствувате кога ги слушате тие обвинувања од тамошните власти, дали е Каракачанов, дали е Захариева или претседателот Радев, бидејќи премиерот Борисов е малку дистанциран?

Секогаш сум сигурна дека тоа повеќе зборува за нив отколку за нас.

Реагирате ли како Влада на обвинувањата од тамошните политичари?

Имаше неколку реакции, имаше деновиве реакција и од претседателот и од премиерот, кои кажаа дека изјавата на претседателот Радев е мешање во внатрешните состојби. Јас додадов дека ова е првпат некој да помисли дека разузнавачки служби ќе обезбедат поголеми човекови права. Уште повеќе што се покажа дека тие тези од Бугарија се неточни. Во нашиот попис има можност за секој да се попише онака како што се чувствува, без оглед дали е Македонец, Албанец или Бугарин.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи порача дека никој не смее да ги загрозува правата на Бугарите и ги повика веднаш да побараат посебна графа во пописот.

Не треба да се бара нешто ако веќе го има. Погледнете ги резултатите од пописите во Македонија од 1951 до денес. Ќе видите дека стојат податоци и за граѓани што се декларирале како Бугари. Ако некој имал прилика да се декларира така од ‘51 до денеска, апсолутно нема причина и сега да не го направи тоа.

Мислите ли дека се загрозени правата на тие што се определуваат како Бугари?

И пописот дава одговор. Ако во пописите од 1951 до денеска државата дала отворена можност за етничко самоопределување, тоа зборува за отворена држава што не ги гледа различните етнички групи како опасност, туку како богатство. Камо сите држави во нашето соседство да го овозможуваа истото за своите граѓани.

Не зборуваме само за определувањето на пописот, туку дека овде наводно се загрозени.

Да беше така, немаше оценките на Фридом хаус или демократскиот индекс на Економист да растат последниве години.

Тогаш значи ли дека бугарските власти ги злоупотребуваат бугарските здруженија во Македонија?

Адресата за тоа прашање не е овде.

Завчера во Собранието ѝ беше изгласана доверба на Владата. Значи ли тоа според Вас, дека владејачката коалиција е стабилна или можеби се работи за договор, со кој, според опозицијата, Владата си „купи“ 90 дена мир?

Владата има работа. Владата има обврска да не дозволи блокадите на опозицијата да ги закочат сите процеси и да создаваат несигурност во јавноста, во економијата и помеѓу граѓаните. Дилемите што ги отворате од вчера не постојат. Во Собранието се виде реалната слика: владејачката коалиција е стабилна, а опозицијата е збунета. И тоа трае веќе извесно време.

Барањето дојде од страна на премиерот Заев, согласно со одредбата во Деловникот што тоа му го дозволува. Не заборавајте, тоа е Деловник предложен и усвоен од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Вчера им чинел, денес не го признаваат. Знаете зошто? Затоа што, по не знам кој пат: ниту добро анализирале, ниту добро планирале, а најмалку добро прогнозирале. И сега се во проблем. Што да им кажат на своите членови, кои со месеци ги „замајуваат“ со фамозното мнозинство „кое го имале, ама го чувале во тајност“?

Со еден потег премиерот им стави крај на нивните лаги и надежи. Немаше поефикасен начин за тоа. И сега се лутат што биле надмудрени и што некој со прст покажал дека лажат.

Не е дека политиката на блокади им е нова. Така беше и претходно: се спротивставија кога ги покачувавме платите, во техничката влада ги блокираа парите за справување со ковид, па и сега блокираат закони што се за подобар живот и на нашите, но и на нивните гласачи. Она што е ново е што дури и нивните поддржувачи не можат да ги следат промените во нивните ставови: треба попис, ама го блокираа законот... собираат потписи против пописот, ама не преку ДИК, иако таму е нивен претседателот... порачуваат да не се попишуваме, ама не го бојкотираат пописот... сепак го бојкотираат, но ја повикуваат дијаспората да се попише... Никој не може да им ја сфати ниту логиката ни планот, бидејќи ги нема.

Единственото нешто што е апла видливо е дека нивното блокирање на Собранието и на важните закони не се должи на став, туку на страв. Страв од внатрешните партиски иницијативи за одговорност и вонредни конгреси. И за да не им бараат одговорност за загубените избори, одлучија да раскажуваат приказни дека „имаат мнозинство, ама ќе го активираат... задутре“. И тоа задутре никако да дојде.

Инаку, во право сте. Ова е првпат наш премиер да побара гласање доверба на сопствената влада, самиот да се изложи на тест и да го помине. Мирот од аспект на конструктивна критика никогаш не сме го барале, и сме покажале дека таа критика е добредојдена и ја слушаме и се поправаме. Од друга страна, мирот од нивните лаги е добар: и за Владата и за граѓаните.

Мислите ли дека сега Собранието нормално ќе функционира, бидејќи повеќе важни закони чекаат на усвојување, а кворум не се постигнува? 

Опозицијата нема друг избор доколку не сака уште повеќе да потоне. Неодржувањето на комисиите во Собранието што се неопходни пред пленарните седници, неработењето на опозициските пратеници, е безобѕирно потсмевање со гласовите што ги добиле на избори и кои ги сместиле во пратеничките клупи. Законите што ги предлагаме се закони за граѓаните. Тоа се мерките за економска помош за справување со ковид, за реформи во образованието и здравството, за зголемени шанси за младите да се вработат. Во одбраната, тоа е шанса еднаш засекогаш да се реши проблемот со војниците со наполнети 45 години – да земат испратнина од над 20.000 евра на крајот од работното ангажирање во државата, но и можност да се искорени политиката од Армијата.

Ние покажавме дека имаме парламентарно мнозинство и им ги разбивме лагите. Ако продолжат да го блокираат работењето на Собранието, тоа од завчера ќе биде уште повидливо за граѓаните. Но и поскапо за ВМРО-ДПМНЕ. Видоа дека сите нивни блокади и лаги ѝ прават штета на државата, ама никаде не проаѓаат.

Жана П.Божиновска

 Фото: Роберт Атанасовски

Објавено

Петок, Март 5, 2021 - 09:10

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе