Шарец по средбата со Заев: Верувам дека ќе надвладее ставот дека Северна Македонија е зрела за преговори

Словенија и Северна Македонија се добри пријатели и партнери. Во Словенија сакаме што побрзо да ја видоме вашата земја во НАТО и ЕУ и се надеваме дека Северна Македонија во октомври ќе почне преговори за членство во ЕУ. Тоа е наш заеднички проект. Сакаме земјата да добие признание за постигнатите резултати, порача словенечкиот премиер Марјан Шарец, на заедничката прес конференција со премиерот Зоран Заев.

„Темел на сите односи е да се разбереме едни со други. Во Словенија високо ги вреднуваме заложбите на вашата Влада и граѓани и искрено веруваме во вашето членство во НАТО и ЕУ”, изјави Шарец.

Тој рече дека склучувањето на Преспанскиот договор и договорот со Бугарија, како и многуте системски реформи покажуваат дека оваа Влада е подготвена на своите граѓани да им овозможи евроатлантска иднина.

„Очекувањата на Северна Македонија се големи, но заслужени. Мислам дека преговорите ќе бидат долги, но треба да започнеме. Почетокот на преговорите значи половина завршен пат. Треба да се почне и тој почеток го чекаме сите. Патот секако ќе биде долг и нема да биде лесен, но Словенија ќе помогне како што и досега помагаше”, изјави Шарец.

Словенечкиот премиер додаде дека само годинава преку програмата за билатерална поддршка за приближување кон ЕУ биле вклучени 21 словенечки експерти на сите области.

Прашан што ќе биде со Франција, Шарец повтори дека Словенија ја поддржува нашата земја, но дека не знае што може да биде со Франција.

„За Париз верувам и посакувам дека до тогаш ќе можеме да се усогласиме дека Северна Македонија заслужува почеток на преговори. Подетално не можам да кажам, но во политика една недела е долго време и може многу работи да се случат. Верувам дека ќе надвладее ставот дека Северна Македонија е зрела за почеток на преговори. Треба да се знае дека влегувањето нема да се случи за две години и дека тој процес може да трае, но на македонскиот народ и влада им треба тој процес”, изјави Шарец.

За тоа дека нема да гледаат фудбал, туку ќе ги посетат полицајците на јужната граница, Шарец рече дека миграциите се голем проблем во ЕУ и затоа е важно да им се заблагодариме на полицајцијте кои ги штитат нашите граници. Тој најави дека од јануари 2020 година во Македонија ќе почне да работи и словенечката Канцеларија за одбранбен советник, порачувајќи дека имаме иста цел.

Според премиерот Заев, Словенија е наш голем пријател и долгогодишен поддржувач.

„Словенија беше втората земја, што веднаш по Грција го ратификуваше протоколот за членство на Република Северна Македониај во НАТО и земја, која не само што нема никакви резерви за нашиот старт на преговорите со ЕУ, туку и во континуитет и гласно не поддржува за тоа. За нас исклучително важно е ЕУ да ги препознае и вреднува напите напори и храбри политички чекори. Нашата иднина е во ЕУ и на тој пат можеме многу да учиме од искуствата од Словенија”, изјави Заев.

Во однос на одлуката од Франција, Заев рече дека таа ќе се види точно на Советот на министри, а потоа и на Европскиот совет.

„Нашето очекување е дека конечно после 15 години, согласно сите заслуги што се потврдени од сите земји членки и во европскиот извештај, со завршени реформи и пример за градење добрососедски односи, ќе почнеме преговори. Преку еден инвентивен модел постигнавме договор што вообичаено во светот се постигнува само после војна, а ние го направивме на дипломатски и со европски манири. Навистина не очекуваме еден од поголемите попозитивните примери од Балканот и Европа да биде казнет и очекуваме да биде награден за да ги мотивираме и другите лидери. Истовремено не сакаме повторно да се врати на национализмот и радикализмот, тоа е Балканот од 19 век, а ние сме веќе европски Балкан, и сакаме да продолжи мотивацијата кон нас”, изјави Заев.

 

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

повеќе

Македонизмот често е мистика и точка на недоразбирање и меѓу Македонците и на Македонците со другите народи во и околу Македонија.

повеќе