Шахпаска: Опозицијата со 400-500 амандмани го блокира законот за задолжително пензионирање

Законот за задолжително пензионирање во јавниот сектор на 62 и 64 години е во собраниска процедура, но блокиран е со 400-500 амандмани од опозицијата, изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата, Шахпаска ги повика пратениците и од власта и од опозицијата да ја надминат оваа ситуација и да овозможат процесирање на законот, бидејќи, како што рече, сите амандмани се во суштина исти и се однесуваат само на рокот за важење на законот.

„Моите сознанија се дека законот е стигнат до второ читање, но сите четири закони кои го регулираат пензионирањето со 64 години, законите за работни односи, за административни службеници, за здравствена заштита и за високо образование, се блокирани од страна на опозицијата со по 400-500 амандмани. Ги повикувам пратениците, како од власта, така и од опозицијата, да се договорат и ова законско решение да биде поднесено“, рече таа.

Шахпаска уште кажа дека законското решение е предложено од пратеници, а Министерството не учествува во законодавната, собраниска процедура.

„Согласно предвидените законски решенија, за сите граѓани кои наполниле 64 години и кои согласно важечкото законско решение до крајот на 31 август 2020 година поднеле барање за продолжување на нивниот работен век во следната година, ќе важи договорот за работа до неговото истекување, најдоцна до 31 декември 2021 година. Тоа е одредбата која ја предвидува законското решение кое ни беше дадено на увид од страна на пратениците“, објасни Шахпаска.

Што се однесува до Законот за докуп на стаж Шахпаска рече дека тоа е процес што ќе трае, но ќе го исполнат изборно ветување дадено пред граѓаните. На прашањето дали има какви било детали околу предвидениот текст и дали е постигнат некаков договор.

Таа одговори дека засега такви информации не може да сподели зашто проектите течат според утврдена динамика. Прво, според неа, треба да се подготви централен регистар на сите осигуреници во државата како многу важна алатка која ќе ја менаџира посебно тело. Паралелно е предвидено, до крајот на јуни да се донесе новиот закон за вработување на лицата со инвалидност, а потоа и законските решенија кои се составен дел од, како што нагласи министерката, сериозната реформа.

„Во владината програма рековме дека ова прашање ќе биде регулирано со закон, но не кажавме временска рамка кога треба да се заврши. Реформите што течат и кои се однесуваат на пензискиот систем, а се со поддршка на Светска банка, имаат своја временска рамка до почетокот на 2024 година. Јас не можам да ви дадам конкретни одговори зашто тоа е процес што бара сериозна дебата, а информациите, податоците, последиците кои ќе треба да се дефинираат во тој закон секако ќе зависат и од законското решение за системскиот закон за работни односи кој е првиот што треба да биде заокружен до крајот на оваа година“, рече Шахпаска.

 

Формирањето на платформа за прекугранична соработка за борба против аерозагадувањето има потенцијал вистински да придонесе за намалување на загадувањето на воздухот во нашата земја.

повеќе

 Еврообврзница во услови на најголемата светска економска криза за репрограмирање на долгот и буџетска поддршка.

повеќе

Повикот на Заев за „Влада за национален спас“ само три дена откако неговиот кабинет ја доби собраниската доверба, покажува дека таа тешко би се качила над сегашните 62 пратеници.

повеќе