„Недела неработен ден e реалност. Владата и Министерството за труд и социјална политика го исполнија ветувањето што им го дадоа на работниците. Од први јануари, недела ќе биде ден за неделен одмор за 92% од работниците“, порача министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Таа додаде дека вработените во трговските центри, односно моловите, кои ќе работат во недела ќе добиваат двојно повисока дневница, односно дневница зголемена за 100%. А дополнително, 2% од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки.
„Работниците се нашиот најголем капитал. Нивниот труд мора да се почитува и вреднува. Затоа, оние што ќе бидат ангажирани во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50% повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој што ќе можат да го искористат во наредните седум дена“, рече Шахпаска.






